Рождество на светиот Јован Крстител – Иванден

,,Пророче и Претечо на пришествието Христово, не умееме достојно да те пофалиме, ние што со љубов те почитуваме, бидејќи со твоето чесно и славно раѓање се разреши неплодството на онаа што роди, и немоста на таткото, и на светот му се проповеда воплотувањето на Синот Божји.”1

На 07.07.2026 година, во денот кога го прославуваме празникот на Раѓањето на светиот славен пророк, Претеча и Крстител Господов Јован, во манастирот „Св. Јован Крстител“ – Бигорски манастир, и оваа година торжествено беше прославен споменот на најголемиот роден од жена.

Неговото Рождество беше свечено и торжествено одбележано со сеноќно бдение и света архиерејска Литургија, со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, во сослужение со Епископот Антаниски г. Партениј.

Освен Архиереите и манастирските свештенослужители, на светата Литургија сослужуваа и високопочитуваните отци: архимандритот Матеј од митрополијата на Верија, старецот Антипа од Света Гора, архимандритот Нектариј игумен на манастирот ,,Свети Наум Охридски” од Охрид, архимандритот Продром од митрополијата на Карпениси, архимандритот Филарет од митрополијата на Тива, протопрезвитерот Темистокле од Атина, јеромонахот Теодосиј од Света Гора, протопрезвитерот Јован од Романија, презвитерот Наум од Австралија, презвитерот Илија од Радовиш, презвитерот Павел од Охрид, јероѓаконот Хризостом од Света Гора и протоѓаконот Николче од Охрид.

На светата Литургија молитвено присуствуваше и цивилниот управител на Светата Гора Атонска, г. Алкивијадис Стефанис, архонт на Светата Христова Велика Црква и на Александриската Патријаршија.

На крајот од богослужбата, Епископот Партениј, од свое име и манастирското братство, по повод манастирската слава, како и по повод годишнината од митрополитската служба, на митрополитот г. Георгиј му подари уникатен манастирски архиерејски енколпион, со претстава на Царицата Богородица на царски престол, а лево и десно од неа, во молитва, стојат свети Јован Крстител и свети Јован Дебранин.

Епископот Партениј ги искажа своите молитвени благопожелби за добро здравје на почитуваниот Митрополит Георгиј, и за продолжение на добрата меѓусебна соработка, просејќи ги неговите молитви.

  1. Тропар на Рождество на св. Јован Крстител. ↩︎
Споделете
НАЈНОВИ ОБЈАВИ
КАЛЕНДАР


ЛИТЕРАТУРА


БОГОСЛУЖБИ


ЛИТУРГИЈА.МК