За праведниот и блажен Јов – избрани извадоци од беседите на свети Јован Златоуст

„Во сето тоа Јов не згреши и ништо неразумно не изрече за Бога“ (Јов 1, 22).

Ете сведоштво што ги поттикнува ангелите на пофалби! Ете сведоштво што го посрамува ѓаволот со сите негови обиди! „Во сето тоа Јов не згреши“.

Ова Божјо сведоштво, како скапоцено миро, ја радува Црквата и сите што го слушаат. О, скапоцен саду, поставен на едно место во Арабија, кој со мирисот на мирото ја исполнуваш целата вселена! О, саду, кој си бил изложен на безброј удари, камења и стрели од ѓаволот, а сепак не си го изгубил мирото!

Ѓаволот вложил многу напори за да го скрши овој сад и да го уништи мирото на побожноста. Се обидувал со смрдеата на раните да го надвладее прекрасниот мирис на мирото. Неговото тело испуштало непријатна миризба од гнојните рани, но садот, иако бил изранет, не го изгубил мирото.

Токму затоа ѓаволот имал уште поголема причина да нападне таков праведник. Зошто? Затоа што гледал дека тој се збогатува повеќе со милостиња отколку со пари. Слушни што самиот Јов искрено говори: „Јас им бев очи на слепиот и нозе на куциот“ (Јов 29, 15). И повторно: „Зар не плачев за оној што беше во неволја? Зар душата моја не тагуваше за бедните?“ (Јов 30, 25).

И не само со зборови, туку и со дела изобилувал во добродетели, насочувајќи го целото богатство на своите добри дела кон оние што имале потреба. Навистина, што вели на друго место? „Благословот на оној што пропаѓаше доаѓаше врз мене, а на срцето на вдовицата му носев радост“; и: „бедрата негови нели ме благословуваа и тој нели беше стоплен со волната на овците мои“ (Јов 29, 13; 31, 20). Очигледно е дека со сите средства го збогатувал своето духовно богатство – со зборови, дела, милостиња и застапување за оние што имале потреба.

Но погледни што прави ѓаволот. Најнапред го ограбува целиот негов имот, а потоа го лишува и од децата. Прво му ги одзел стадата камили, стадата овци, големиот број магариња и многубројните стада говеда; му одзел сè, а на крајот и децата.

Зошто постапил така? Внимавај на она што следува. Најнапред му го одзел целиот имот, а потоа децата. Го одзел сето она што се сметало за наследство, а потоа ги уништил и самите наследници, за преку децата целосно да го порази. Почнал со уништување на имотот, најнапред го ограбувал наследството додека наследниците сè уште биле живи, за праведникот, среде своите синови и ќерки, уште потешко да ја почувствува тагата поради загубата на имотот.

Што направил тогаш тој доблесен човек? Не се вознемирил и не паднал со духот.

Како да го пофалиме? Каде да најдеме доволно зборови за тоа? Колкав труд ќе биде потребен за да се раскаже за него? О, каква храбра и блажена душа! Какво големо трпение, на кое нема рамно!

Срцето ми се кине. Мислам дека и вие ги имате истите чувства. Од каде да најдам сила за да ја раскажам оваа несреќа и да го изразам восхитот што ми ја исполнува душата?

Бог не го укорил Јов за да го посрами, туку за да ја покаже пред целиот свет неговата праведност. Неговите страдања не го направиле праведен, туку ја откриле праведноста што веќе ја носел во себе. Пред страдањата бил познат само во својата земја, а преку своето трпение и верност станал пример за целиот свет.

„И ги благослови Бог последните дни на Јов повеќе од предходните.“(Јов 42, 12).

Така Бог не само што ја покажал праведноста на Јов, туку и го почестил поради неговото трпение. Му го вратил изгубеното и му дал двојно повеќе од она што го имал претходно. Ете ја големината на Божјата правда и милост! Она што човекот го смета за крај, пред Бога не е крај. Страдањето не е последниот збор, ниту смртта е конечна загуба. Јов останал верен во страдањето, а Бог ја открил неговата праведност и му дарувал благослов.

О, благородна душо, која се издигна над секоја ангелска пофалба! Зошто? Затоа што „во сето тоа Јов не згреши и не изговори ништо неразумно против Бога“ (Јов 1, 22), туку за сето тоа, наместо жртва, Му принесе на Бога целосна благодарност со зборовите: „Нека биде благословено името Господово“ (Јов 1, 21), сега и секогаш и во вечни векови. Амин.


Извор: Свeти Јован Златоуст, „За праведниот и блажен Јов“, Творенија на светиот отец наш Јован Златоуст, архиепископ Цариградски, том VI, Санкт Петербург, 1898–1914, стр. 911–943.

Споделете
НАЈНОВИ ОБЈАВИ