Толкување на светата Литургија – св. Никола Кавасила

ДВАЕСЕТ И ДЕВЕТТА БЕСЕДА

Од каде потекнува непоколебливоста на нашата вера во светата тајна

Во што се содржи нашето верување во оваа тајна? Самиот Господ има речено: Ова е Моето Тело и ова е Мојата Крв. Он на апостолите, а преку нив и на целата Црква им заповедал тоа да го прават. Бидејќи вели: Ова правете го во Мој спомен (Лука 22, 19); а не би им заповедал да го прават тоа, ако немал намера да им подари сила со која тоа ќе се извршува.

Каква е таа сила? Светиот Дух е сила што од висините ги наоружувала апостолите согласно со зборовите што Господ ги упатил: …останете во градот Ерусалим, дури не се облечете во сила одозгора (Лк. 24, 49). Во тоа е делото на слегувањето на Светиот Дух. Зашто Он не слегол само еднаш, а потоа нè напуштил, туку Тој е со нас и ќе биде засекогаш. Спасителот заради тоа и Го испратил да остане со нас во сите векови, бидејќи се вели: Јас ќе го помолам Отецот, и Он ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека, Духот на вистината, Кого светот не може да Го прими, оти не Го виде ниту Го познава; а вие Го познавате, зашто во вас е и во вас ќе биде (Јн. 14, 16 – 17). Тој преку рацете и зборовите на свештеникот ја осветува светата тајна.

Господ не ни го испрати само Светиот Дух да биде со нас, туку и Самиот ветил дека ќе биде со нас до крајот на светот (Мт. 28, 20). Но додека Утешителот на невидлив начин е присутен, бидејќи не прими тело додека е можно Господа да го видиме и да го допреме со посредство на страшните и светите тајни, зашто Он примил човечката природа да ја носи.

Во тоа е силата на свештенството, а Он е Свештеникот. Зашто не само еднаш Себеси се принел на дар и се жртвувал, а потоа престанал со свештенослужење, туку заради нас ја продолжува таа света служба и така вечно станува наш застапник пред Бога; затоа е речено за Него: Ти си вечен свештеник (Пс. 109, 4).

Поради тоа помеѓу верниците нема никакви сомневања во осветувањето на даровите, ниту во другите свети тајни, што со волјата и молитвите на свештеникот се извршуваат.1

  1. Толкување на светата Литургија – свети Никола Кавасила (74-75стр.) ↩︎

Споделете
НАЈНОВИ ОБЈАВИ