Местоположба и историски податоци
Црквата „Св. Константин и Елена“ се наоѓа источно од „Св. Богородица Перивлепта“, а веднаш под неа е црквата „Мали Свети Врачи“. Денес источно од црквата е ЦОУ „Св. Климент Охридски“, и западно е митрополитската зграда на администрацијата на Дебарско-кичевската епархија. Црквата е изградена и живописана кон крајот на XIV век. Ктитор на црквата е јеромонах Партениј од Охрид.
Архитектонска поставеност и доградби
Црквата претставува еднокорабна градба со напречен средишен трансепт, кој е издигнат над коработ на црквата. Од источната страна има тристрана апсида и во неа се влегува од западната и од јужната страна. Од јужната страна на црквата во истиот период е дограден мал параклис посветен на св. Петка Римјанка. Во подоцнежно време во продолжение на параклисот е дограден затворен трем, кој ја покрива црквата и од западната страна. Влезот во овој трем е од јужната страна.
Фрескоживопис, иконостас и заштита
Фрескоживописот во црквата е од XIV век, и од XV век. Во црквата е поставен едноставен иконостас изработен од дрво, на кој ги нема престолните икони. Останата е само горната хоризонтална даска на која се насликани апостолите, и над неа има убаво насликано Распетие. Црквата е отворена само повремено. Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата на Р. Македонија, за оваа црква има евидентирано 15 икони.






