На ден 28.09.2014 година, во Шеснаесеттата недела по Педесетница и на празникот на св. вмч. Никита, светиот мч. Порфириј и преподобниот Филотеј, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на свештениците Никола Христоски и Владо Недески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, изврши осветување на новиот храм „Св. Никола" во село Годивје, општина Дебарца – Охридско. Храмот започна да се гради во 2002 година, а истиот беше подигнат со доброволните прилози на локалното население, како и сите добронамерни верници од пошироката околина. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Best Nike Sneakers | Air Jordan

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот, Синот и Св. Дух. Амин!
Драги браќа и сестри!

Ние, денеска на светата Литургија, ги слушнавме зборовите од светото Евангелие, кои ни зборуваат за различните таланти. Тие се сето она што го поседуваме во нашиот живот. Нашите способности и нашите можности. Како што видовме од евангелското четиво, Господ побарал отчет од луѓето на коишто им дал таланти. Он ги пофалил тие кои ги умножиле. Додека, пак, оној мрзливиот, кој не се потрудил да го умножи дадениот дар, бил осуден.

Сето она, коешто ние луѓето го имаме во нашиот живот е дар Божји, или според евангелскиот речник, талант. Но, како најголем дар, со кој ние верните луѓе располагаме, е нашата вера во Бога, дадена како на христијани. И ние, коишто ја имаме таа вера, обврзани сме истата да ја умножуваме во слава Божја, а за наше спасение.

Ние го носиме името христијани. Тоа име ни дава посебни почести, можности и привилегии. Христијанинот е член на светата Црква. Нему му се отвора пристап кон свештенодејствијата и кон светите тајни. Покрив од силни молитви на живата Црква Христова, секогаш се простира над секој христијанин. Христијаните се деца на Небесниот Отец, членови на Бог Син и на Бог Дух Свети. Обдарени со сите дарови на Божествената благодат, како што вели светиот ап. Петар: „Бидејќи Неговата Божествена сила ни подари сè, што е потребно за животот и побожноста, а преку познавањето на Оној, Кој нè повикува со Својата слава и совршенство" (2. Пет. 1, 3). Нам ни е ветено вечно блаженство и соединување со Бога. Името христијанин стои повисоко од сите други почести. Па затоа, должни сме да ја разбереме и одговорноста нарекувајќи се така. Ние сме обврзани, не да се нарекуваме христијани само по име, туку, и по суштина, односно по живеење. За името што го имаме, треба да дадеме и одговор пред Дарителот на сите добрини, односно пред Бога.

Да се биде христијанин, не само по име, туку и со целокупниот живот, тешко е и одговорно. Да се биде христијанин, пред сè, значи да се биде сораспнат со Христа преку целиот свој живот, односно, во своите дела, зборови и помисли. Не можеме да кажеме дека во денешно време нема достојни христијани. Многу луѓе достојно и благочестиво го одат својот христијански пат и достојно го носат својот животен крст. Но, за жал има и такви кои го носат името само формално, исполнувајќи некои христијански обреди. Не внимаваат на чистотата на својата душа, лесно препуштајќи се на слабости, страсни наклоности и гревови. Има и такви христијани кои си замислуваат во себе некоја добра особеност, негувајќи ја со мекоста на срцето, простотата, трудољубивоста итн. Но, тие само се залажуваат, не размислувајќи за своите внатрешни состојби, и не се борат со своите гревови и со своите страсти. За време на Својот овоземен живот, оние кои само ревносно и формално го исполнувале законот Божји, кој им бил даден преку Мојсеј, Господ Исус Христос ги нарекува варосани гробови, а внатре исполнети со секаква нечистотија (Мт. 23, 27). Честопати и ние се споредуваме со таквите лицемерни исполнувачи и токму затоа подлегнуваме на осуда.

Да се биде христијанин, потребно е со севкупниот живот, со подвиг и труд, да се насочиме кон постојано надгледување на сопственото срце и душа. За тоа најдобро може да нè поучи св. ап. Павле кога вели: „Преку Законот умрев за Законот, и, за да живеам за Бога, се распнав со Христа; и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме засака и Себеси се предаде за мене" (Гал. 2, 19-20). Сораспнување со Христа, односно заедно со Христа, значи да се умре за гревот. Да се искоренат и умртват во себе сите нечистотии и гревови. На друго место се вели: не живеам јас, но, Христос живее во мене. Дури потоа може да се рече дека не мислам, не чувствувам и не дејствувам поинаку, туку, по примерот на Христа, според Неговото учење и според Неговата благодат. Сораспнувајќи се со Христа, тоа значи да се постигне слобода, во потполна смисла и совршеност. Тогаш, над нас не може да владее никаков грев, ниту, пак, нашата сопствена волја ќе се противи на Божјата.

Да се молиме и да се трудиме, да веруваме и да се надеваме, за да можеме да ги умножуваме Божјите таланти кои ни се дадени, па да можеме да дадеме отчет пред Господа. И да го слушнеме гласот на Нашиот Спасител Господ Исус Христос Кој вели: „Убаво добри и верни слуго! Во малку си бил верен, над многу ќе те поставам; влези во радоста на својот господар" (Мат. 25, 21).

Денеска го осветивме овој свет храм, посветен на св. Никола, во Годивје. Црквата се градеше повеќе години. Но, исто така се чекаше повеќе години за негово осветување, поради некои недоразбирања во врска со фрескоживописот. Но, сето тоа е зад нас. Сега светиот храм, нека послужи на сите верници, да ги умножуваат своите таланти, што ни ги има дадено Господ Исус Христос и да се трудиме истите да ги преумножуваме во нашиот живот и во нивата Божја. Би сакал да им се заблагодарам на сите луѓе што се вложија во подигнувањето, во градењето, во фрескоживописувањето и во разубавувањето на овој свет храм. Семилостивиот Господ, нека ја излие својата обилна благодат врз нив и нивните блиски, и стократно да им врати за вложениот труд. Истовремено, искажувам благодарност на сите вас кои дојдовте денес овде, и ја збогативте оваа свеченост, во славна и горда Дебарца. Светиот храм нека биде место за собирање, за умножување на верата, љубовта и надежта. Нека биде чувар и поткрепувач на народниот македонски бит. Но, пред сè, нека биде дом за молитва и за соединување со нашиот Небесен Отец. Амин!

16-та недела по Педесетница
28. 09. 2014 год.
храм „Св. Никола" – с. Годивје

godivj2014 1

godivj2014 3

godivj2014 5

godivj2014 9

godivj2014 11

godivj20147

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1