На 28 август 2009 година, по повод празникот Успение на Пресвета Богородица, во црквата "Успение на Пресвета Богородица - Каменско" во Охрид се служеше архиерејска Литургија. Со божествената Литургија чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на повеќемина свештенослужители од охридското архиерејско намесништво. Кон верниот народ Владиката се обрати со празнично слово кое ви го пренесуваме во целост.

url clone | Nike nike air max paris 1 patch 2017 , Sneakers , Ietp STORE

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот Синот и Светиот Дух,

Драги христијани,

Нашата света црква денеска прославува еден редок празник посветен на Успението на светата Божја Мајка. Пред дваесет нецели века, на денешен ден се завршил животниот пат на земјата на света Богородица.

Земниот завршеток на света Богородица не бил како смртта на обичните на смртници. Многу христијани, а и нехристијани, го завршуваат својот овоземен живот после долги болести, маки и страдања и во тешкотии го предаваат нивниот дух на Бога. Се вели дека за праведникот смртта е како сон но за грешниците и цело мачилиште. Додека света Богородица живеела на земјата таа живеела свет и праведен живот. Затоа и нејзиното успение било свето и блажено. Тоа не било смрт туку заспивање. Тоа било нешто невообичаено дури и ангелите се восхитувале на нејзиното успение, како што пее една црковна песна: Ангелите кога го видоа успението на Пресветата се зачудија како Дева се вознесува од земјата на небото.

Црковната историја и воопшто христијанството има многу малку сочувани сведоштва за земниот живот на света Богородица. Знаеме толку дека после вознесението на нејзиниот Син и наш Спасител, Господ Исус Христос, света Богородица останала да живее во домот и заедно со најсаканиот ученик на Господа Христа, свети Јован Богослов. На истиот апостол Господ Исус Христос од крстот му ја доверува својата мајка да се грижи за неа со зборовите: Еве ти мајка, а на својата мајка Богородица и вели: Мајко еве ти син. Исто така се вели дека кога ќе слезе Светиот Дух на апостолите и ќе ги утврди во верата и тие нема повеќе да се плашат од никакви маки, страдања од гонителите и убијците и ќе се договорат на првиот апостолски собор со жребка да се избере место кој апостол каде ќе го проповеда словото Божјо. Бидејќи на истиот собор била присутна и Божјата Мајка, света Богородица, и таа искажала подготвеност да го проповеда словото Божјо во еден дел како и неговите ученици. Според жрепката и се паднало да го проповеда Евангелието во Грузија и таа била подготвена да појде на пат да ја изврши својата обврска. Но ангел Господов и се јавил и и рекол дека не треба да оди во Грузија бидејќи волјата Божја за таму да се проповеда Евангелието била за подоцна. Така Богородица останала во Ерусалим.
 
Големиот пријател на Господа Исуса Христа, праведниот Лазар, кого Господ го воскреснал после четири дена, имал голема желба и љубов да ја види Богородица но, се плашел да дојде во Ерусалим бидејќи христијаните биле жестоко прогонувани и убувани. Затоа и испратил кораб од Кипар каде што бил епископ за да ја префрли света Богородица кај него. И таа се упатила кон Кипар кај праведниот Лазар. Но додека патувала со коработ по промисла Божја дувнал силен ветар и коработ наместо да отплови на островот Кипар испловил на Атос. Кога Богородица излегла од коработ видела мноштво народ кои се поклонуваат на безбројните многубожечки идоли. Бидејќи во тоа време Атос бил преполн со пагански идоли. Така Богородица ќе биде прва проповедничка на словото Божјо на планината Атос. Затоа и денеска Света Гора и сите манастири таму неа ја третираат како игуманија на цела Света Гора и на сите манастири. Оттаму е и традицијата што во светогорските манастири нема игумени туку проигумени и секогаш пред почнување на службите се зема благослов од игуманијата Богородица. Додека таа проповедала таму направила и многу чуда и затоа христијанството било зацврстено и утврдено на Атос а потоа света Богородица отпловила кон Кипар. А оттаму се вратила во Ерусалим.

Света Богородица и покрај нејзините патувања во посочените места како и Ефес, сепак најголемиот дел од нејзиниот животен пат после погребението и воскресенето на Господа Исуса Христа го поминала во Ерусалим. Таа особено ги милувала и ги посетувала местата каде нејзиниот Син и наш Спасител, Господ Исус Христос проповедал, се движел и правел чуда. Таа скоро постојано ја посетувала Елеонската Гора и таму долго време се молела на Господа да ја земе од оваа земја и да се пресели во небесните предели. Токму на една молитва во Гетсиманската градина истиот архангел Гаврил, кој и претскажал дека ќе го роди Спасителот на светот и сега се јавил и и соопштил дека нејзината молитва е услишана и треба да се подготвува за преселување од овој во идниот свет.

И самиот чин на нејзиното успение се случува чудо. На чуден начин апостолите биле распрскани по целиот свет да го проповедаат Евангелието но за нејзиното успение на чудесен начин биле собрани сите во Ерусалим да ја испратат многупочитуваната мајка на Спасителот, Богородица. Се случило уште едно чудо. Додека го носеле ковчегот со нејзиното тело некој евреин се обидел да го преврти ковчегот со телото на Богородица. Но невидлив меч му ги пресекол рацете пред да го допре ковчегот од Богородица. Затоа токму тоа чудо и денеска може да се сретне на многу икони и фрески човек со отсечени раце. Света Богородица била погребана, според нејзината желба, во Гетсиманската градина во гробот на нејзините родители. Откако на најдостинствен начин, од апостолите и од христијанската заедница во Ерусалим, била погребана по три дена дошол апостол Тома, кој го проповедал Евангелието во Индија и не стигнал на погребот. Тој изразил голема љубов и желба да ја целива раката на Богородица и да и се поклони на нејзиното тело и затоа бил отворен гробот. Но повторно чудо. Гробото бил празен, телото на света Богородица било воздигнато на небото а во гробот биле само алиштата со кои била погребана.

Света Богородица е голема помошничка на севкупниот човечки род. Таа е мајка на христијанскиот свет. Преку неа Бог слегол на земјата за да можат народите на земјата, преку неа, да се искачат од земјата на небото. Светата Православна црква секојдневно ја величи и прославува света Богородица за време на деветтата песна од канонот како почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите. Света Богородица е застапница пред Бога за нас, грешните. И колку чувствителни и умилни молитви има составено за да и се молиме на неа. Ќе спомнеме само една: О, многувоспеана мајко ти си го родила најсветото слово меѓу сите светии. Прими ги овие наши молби и избави не од секаква напаст и ослободи не од идните маки, нас кои ти пееме; Преславна секогашдево, Мајко на Христа Бога принециму ја напшата молитва на твојот Син и наш Бог та преку теба да ги спаси нашите души.

Денеска кога сме се собрале на овој свет храм посветен токму на нејзиното Успение не е доволно само да ја прославуваме преку црковните песни како мајка на Бога туку треба да ја поддржуваме во нејзината вера, во нејзиниот добродетелен живот, во правдата и вистината и да живееме свет и непорочен живот како би можеле и ние да ја наречеме и наша мајка и небесна застапничка. А сега сите заедно да се помолиме на Богородица со следната молитва: О, Божја мајко. Прими ги нашите молитви и дарувај ни спасение; избави не од душевни страсти; излекувај ги телесните болести; запази не од секакви маки; дај ни мирен живот и просветување на духот. Разгори ја љубовта кон твојот Син и нашиот Бог Исус Христос на Кого му прилега секоја слава, чест и поклонение. Амин.

28.08.2009 година, Успение на Богородица,
Охрид, Каменско

DSC 2482

DSC 2491

DSC 2495

DSC 2535

DSC 2538

DSC 2543

DSC 2545

DSC 2559

DSC 2565

DSC 2570

DSC 2573

DSC 2592

DSC 2597

DSC 2604

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Ноември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
26 27 28 29 30 31 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 1 2 3 4 5 6