Празникот посветен на свети Наум, охридскиот чудотворец со празнични богослужби најсвечено се прослави во неговиот манастир кој се наоѓа на јужниот брег на Охридското Езеро. По тој повод, вечерта на 04 јануари се отслужи Вечерна богослужба со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на: архимандрит Нектариј, игумен на Светинаумовата обител и ѓаконите Димче Азески и Николче Ѓурѓиноски.

latest Running Sneakers | Nike Air Force 1'07 Essential blanche et or femme - Chaussures Baskets femme - Gov

Наредниот ден на 05 јануари, во 7:30 часот започна Утрена богослужба по која следуваше и света архиерејска Литургија со која чиноначалствуваше надлежниот Владика г. Тимотеј во сослужение на: архимандрит Нектариј, игумен Јосиф, јеромонах Григориј и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. После завршувањето на божествената Литургија, Владиката заедно со останатите свештенослужители го благослови и прекрши празничниот колач, а веднаш после тоа во дворот на манастирот се изврши мал Водосвет. Лошите временски услови и тешко преодниот пат поради изобилните снежни врнежи, не го поколебаа мноштвото верен народ да дојде, да се поклони, да се помоли заедно со својот Пастироначалник и на тој начин да му оддадат почит на великиот подвижник, чудотворец и наш застапник пред Престолот на Севишниот Бог, светиот Наум Охридски. Кон верниот народ Митрополитот г. Тимотеј се обрати со поучно слово кое во целост Ви го пренесуваме.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин!

Драги браќа и сестри,

Големиот проповедник на Божјото Евангелие, апостолот Павле во своето послание до Евреите вели: Помнете ги вашите учители, што ви го проповедаа словото Божјо и, имајќи го пред очи исходот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна (Евр. 13, 7). Овие зборови, иако се  напишани скоро пред 2000 години, и нас нѐ повикуваат да си спомнеме за нашите учители и просветители, а поконкретно, денеска да се потсетиме на преподобниот и отец Наум, охридскиот чудотворец.

По Божјата волја и со Неговата промисла скоро сите народи и земји Бог ги посетил преку свои просветители и учители, кои го сееле словото Божјо а за спасение на душите на луѓето. Бог избирал, од поедини народи и племиња, учители кои на нивни јазик и со нивни менталитет, близок и разбирлив, им го предавале Божјиот закон и ја ширеле верата Христова. Така, како пример, римската црква за свои покровители ги има светите првоврховни апостоли Петар и Павле, бидејќи тие биле утврдувачи на словото Божјо и на христијанството во Рим. Азија, пак, и Ефес како и островот Патмос го имаат свети Јован Богослов. Индија апостол Тома. Египет и Александрија свети апостол и евангелист Марко. Цариград, пак, го прославува како свој заштитник и утврдувач на верата апостолот Андреј, и други да не ги набројуваме. Така, скоро сите земји и сите градови ги прославуваат наставниците и учителите кои ги воделе во светото православие преку словото Божјо.

Така, и Охрид и Македонската православна црква, за свои покровители и учители ги има учениците на светите браќа Кирил и Методиј, свети Климент и свети Наум, охридските чудотворци. Ние денеска, пак, наоѓајќи се во овие прекрасни, од Бога создадени предели, а избрани за вечно почивалиште на нашиот голем учител и просветител, преподобен Наум Охридски имаме причина уште повеќе да се сетиме и навратиме на неговиот спомен. Денеска се навршуваат 1100 години од неговото блажено упокојување и преселување од овој свет во вечноста. Свети Наум, заедно со останатите ученици, ги следеле нивните учители во повеќе мисионерски патувања проповедајќи го словото Божјо на разбирлив јазик на тогашните наши предци, почнувајќи од Моравија, денешна Словачка и Чешка, па преку Дунав во Бугарија за да последно се утврдат и создадат големо просветителско и христијанско седиште во Охрид. Тука се развила учителска, просветителска и друга дејност од каде се ширело Божјото слово, се учело за вредностите и придобивките што Господ Христос, преку Своето свето Евангелие и преку Својата света Црква го нуди на секоја христијанска душа што копнее и го сака спасението.

Свети Наум имал силна и непоколеблива вера и со монашкиот подвиг, уште додека бил жив, се прославувал со ретки дарби како свет човек. Тој го живеел својот монашки живот така како што бара Светото писмо и светата Православна црква. Тој ги победувал сите животни искушенија што нечестивиот ги приготвувал на секоја душа со силна вера во Христа. Го победувал злото на ѓаволот со силата на крстот, со постот и молитвата. Постот и молитвата ја очистуваат, просветуваат и зацврстуваат душата - тоа е оружје против нечестивиот, како што нѐ учи светото Евангелие: овој род се истерува само со пост и молитва (Мр. 9, 29). Светата Црква ја знае силата на ова духовно оружје и нѐ повикува скоро секоја седмица, поточно секоја среда и петок, да си спомнуваме за страдањата и смртта на нашиот Господ Исус Христос. Исто така, за таа цел ги има определено и четирите повеќедневни пости во текот на годината, како и други денови воспоставени за пост, за на тој начин да ги соединиме постот и молитвата. Преку постот и молитвата ја зацврстуваме нашата вера, нашата надеж и љубовта и преку нив се соединуваме со Бога.

Знаеме, преку примери од светото Евангелие, кога апостолите не можеле да истераат нечист дух или да излекуваат болни, го запрашале Господа Христа: Зошто ние не можевме да го истераме лошиот дух? А Христос им одговорил: Овој род се истерува само со пост и молитва (Мк. 9, 29). Постот и молитвата е потребно да одат заедно. Ниту постот без молитвата ниту, пак, молитвата без постот не донесуваат посакувани резултати. Само ум на испосник се моли трезвено, додека, пак, ум на невоздржан е исполнет со нечесни помисли, вели свети Јован Лествичник. Додека, пак, свети Јован Златоуст вели: Кој пости тој се чувствува лесно и се засилува и е со добар дух и со добар дух се моли. Кој пости и се моли тој има две крила и е полесен од ветар; таквиот не дреме, не зборува многу и не се расејува во молитвата, како што се случува со многумина.

Сами по себе се радуваме што таквата молитва пристигнува до Бога кога се извршува со дух и вистина. Тогаш и постот е полезен, кога тој не се ограничува само на нејадење на мрсна храна, туку се состои од отсекување на сите пороци, воздржување од сите гревови, од помисли и гревовни посакувања и желби. Таквиот пост и молитвата нѐ избавуваат од секое зло и грев.

Молитвата ни дарува Божја благодат и постојано го ангажира нашиот ум и срце, не допушта да се расејуваат и осквернуваат со суетни овоземни помисли. Постот го скротува телото, и не му дозволува да се меша во нашата душа која престојува во богомислие. Во таква состојба за злото нема место за живеење, бидејќи нема со што да се храни кога душата постојано е зафатена во разговор со Бога.

Драги браќа и сестри, ете зошто подвижниците на благочестието се труделе постојано да престојуваат во молитва и пост. Но, да се запрашаме со што се трудиме ние да се бориме против гревот и злото? Дали се молиме така како што треба да се молиме? Дали постиме онака како што треба да постиме? Заради вистината треба да признаеме дека ние најголем дел од овие барања ги запазуваме, но само еден дел од нив. Ние сме сами виновни што злото и гревот нѐ совладуваат, бидејќи им даваме простор врз нашиот живот преку неискористувањето на овие, од Бога дадени и благословени, средства.

Ние знаеме од житијата на безбројните Божји угодници дека лошите духови се плашат од името Христово. Ако сакаме и делумно да ја исполнуваме волјата на нечестивиот тој се вселува во нас. Треба да знаеме дека и со самото споменување на лошиот дух, на некој начин го повикуваме и му даваме простор и можност да нѐ напаѓа. И доколку не сме силни со нашата вера и постот, стануваме негови робови. Затоа и Господ Христос нѐ учи во својата молитва: Не нѐ воведувај во искушение, но избави не од лукавиот.

Драги браќа и сестри, и нашиот учител и просветител, преподобниот Наум Охридски, целиот свој живот го поминал во пост, молитва и во духовна борба. Поради неговата силна и непоколеблива вера, а украсена и со добри дела Бог го прославил во светата Црква, како земната така и небесната. Веќе 1100 години свети Наум, охридскиот чудотворец, престојува во непосредна близина на Бога и е посредник пред Бога за секоја христијанска душа која што со вера, со набожност и со молитва искрено и од сѐ срце бара од него помош. И нема христијанска душа која што така чесно, искрено, со цврста вера и непоколеблива надеж се обратила кон свети Наум а тој да не излегол во пресрет со помош за лекување, како на телесните така и на душевните болки и болести. И ние денеска, кога го прославуваме неговиот спомен на преселувањето од овој свет во вечниот, со искрена молитва да се обратиме кон свети Наум тој да биде наш молитвеник, покровител и заштитник од секакви искушенија, да ни ја зацврсти нашата православна вера, да ни ја закрепи надежта во името Божјо и умножи љубовта христијанска за да можеме подостоинствено, чесно да го живееме нашиот живот, да го исполниме законот и прописот на нашата света вера и Црква и да го изодиме патот кој ни е даден во овој век и да се најдеме од десната страна на Бога Отецот и да го чуеме гласот на праведниот Судија: Елате, вие благословени, од Мојата десна страна.

По молитвите на свети Наум Бог нека ги услиши нашите молитви и ни подари сѐ што е корисно и спасоносно за нашите души и за нашите тела. Амин!

Митрополит Тимотеј

ohrid050120091

ohrid0501200910

ohrid0501200911

ohrid050120092

ohrid050120093

ohrid050120094

ohrid050120095

ohrid050120096

ohrid050120097

ohrid050120098

ohrid050120099

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Ноември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
26 27 28 29 30 31 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 1 2 3 4 5 6