Утрото, на 07 јануари, Рождество Христово, во храмот „Свети Никола - Геракомија“ во Охрид, Неговото Високопреосвештенство Митрополит г. Тимотеј во сослужение на: архимандрит Нектариј, јереј Димче Ѓорѓиоски, јереј Игор Никовски, јереј Никола Христоски и ѓаконите Димче Азески, Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски, во присуство на многуброен верен народ служеше света Литургија. За време на божествената Литургија, Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј, во протојерејски чин го произведе јерејот Димче Ѓорѓиески. Верниот народ, кој се подготвувал со пост и молитва пристапи кон светиот Путир причестувајќи се со Телото и Крвта Христови. На крајот од светата Литургија, на верниците им беше прочитано Божиќното послание.
Наредниот ден, на празникот Собор на Пресвета Богородица, света архиерејска Литургија се служеше во црквата „Пресвета Богородица“ во Македонски Брод. Со божествена Литургија чиноначалствуваше надлежниот Митрополит г. Тимотеј во сослужение на: архимандрит Нектариј, протојереј Марко Трпковски, свештеник Боге Богески, свештеник Игор Никовски, свештеник Сашо Костадиновски и ѓаконите Димче Азески и Николче Ѓурѓиноски.
На празникот посветен на светиот архиѓакон и првомаченик Стефан, во црквата „Свети Ѓорѓи“ во Струга, Владиката г. Тимотеј во сослужение на: архимандрит Нектариј и свештенослужителите од струшкото архиерејско намесништво служеше света Литургија. По завршувањето на Литургијата, Владиката зедно со свештенослужителите го благослови и прекрши празничниот колач. Кон присутниот народ, Владиката се обрати со поучно слово кое во целост ви го пренесуваме.
Во името на Отецот Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Христос се роди!
Нашата вера во Спасителот Господ Исус Христос нè прави да бидеме синови Божји, бидејќи преку таа вера се доближуваме со духот до Небесниот Отец, го примаме Неговиот закон, Неговите неискажливи дарови, Неговата благодат, преку кои можеме духовно да се издигнеме до небесните жители со нашиот дух.
Сите луѓе доаѓаат на светот како деца Божји, бидејќи сите имаат примено од Неговата божествена суштина и се Негово лице - подобие. Но и покрај тоа што богосиновството лежи во создателниот акт на Создателот, и покрај тоа што луѓето произлегуваат како деца Божји, од Неговите раце, тие можат да го откажуваат тоа свое божествено повикување и да го загубат божјото посинување. Вистинското божјо посинување се добива преку верата во Исуса Христа. И оние што сакаат да го сочуваат, треба да престојуваат во живата вера, кога се оставаат да бидат водени од Духот Божји, како што нè учи големиот проповедник на Словото Божјо апостолот Павле: “Сите оние, кои се управуваат по Духот Божји, се синови Божји”( Рим. 8, 14).
Верата навистина прави чуда. Таа ги преобразува луѓето, ако ја примат искрено и со богопредадено срце. Таквата вера го оплодува духот и го облагородува делото на луѓето, за да постане тоа свето и богоугодно. Знаеме дека без вера не можеме да Му угодиме на Бога. Но, за каква вера станува збор? Станува збор за делотворната вера. Верата треба да го создаде делото. Таа треба да биде јавна, да се овоплоти кај луѓето и да ја искаже своја дејствителна природа преку делата. Вистинската и искрената вера не може да не роди богоугодно дело. Тоа е нејзиниот живот, и нејзината сила. Без таа сила верата отпаѓа, се губи и исчезнува.
Ние често пати велиме дека верата треба да биде придружувана со добри дела, но тоа е повеќе наш манир на искажување. Всушност верата ги раѓа добрите дела, и живее преку нив, а не дека верата се придружува на делата. Верата и добрите дела не се само сопатници, не се две стихии од различен извор и со различен почеток. Доброто дело се раѓа во верата, живее преку неа и умира заедно со смртта на верата. Христијанското богоугодно дело е активна - жива вера.
“Гледајте каква љубов ни дал Отецот - да се наречеме чеда Божји и такви да бидеме” (1. Јован 3, 1). Синовите Божји се и примачите на Божјите дарови. Пред сè тие имаат примено од Божјата суштина, а следствено на тоа се и наследници на ветувањата, кои Он ги има дадено на Своите синови на земјата. Бог е совршен. Затоа синовите Божји го слушаат Неговиот глас, и се стремат кон совршенство, и созреваат во него според мерката на облагодатените човечки можности.
Бог е возвишен. Тој е на небесата, бескрајно е воздигнат на небото во духовниот свет. Исто така и небото на луѓето е бескрајно. Но, нема само едно небо во душите на луѓето. Не едно небо ја осенува душата со својата висина и убавина. Не на едно небо таа може да се издигнува. Секое духовно издигнување ги зацврстува духовните крила за повисок полет кон нови и поведри хоризонти на небесната височина.
Севишниот е над сите небеса, над видливите и невидливите за нас. Затоа и Неговите синови секогаш се стремат нагоре, по активно или живо дејствување кон нивното основно повикување.
Синовите Божји се наследници на ветувањата на Небесниот Отец, на тукашните и видливите блага. Синот е наследник, а не е наемник, ниту оној кој го напуштил домот на љубовта, на доброто, на мирот, на зачувување на верата. Синот често пати го напушта татковскиот дом и има судбина на блудниот син. Но сепак е вреднуван кога ќе се врати во татковскиот дом, за да влезе во радоста на божјото посинување, и да биде учесник во наследството, одредено за Божјите синови, што не е случај и за наемниците. Пред луѓето тој може да биде малечок и незначителен но пред Бога е голем, бидејќи вистинската големина е верноста во малку. Бидејќи се вели во светото Евангелие...бидејќи беше верен во малку, голем ќе биде пред Бога.
Денеска драги браќа и сестри го прославуваме свети архиѓакон Стефан. Затоа и сме собрани во овој свет храм, за да го прославиме и да испросиме негов свет благослов пред нашиот небесен Отец, за да бидеме помилувани со силата на Неговиот Дух, па да раснеме духовно кон повикот на христијани и да ги наследиме ветените блага.
Свети Стефан како прв маченик за Христа, како и сите Божји угодници, нè учи како можеме преку верата во Исуса Христа да го запазиме благородното повикување да бидеме синови Божји. Тоа е светлиот образ на светиот повик на верата православна. Тоа е светол лик на богопредаденоста. Да се помолиме на свети архиѓакон Стефан да биде наш молитвеник пред Господа да можеме нашиот пат да го изодиме достоинствено христијански, за да го наследиме Царство небесно како синови Божји. Амин.
Митрополит Тимотеј