На 14/1 јануари, денот кога Црквта го слави празникот посветен на Обрезанието на Господ Исус Христос, споменот на свети Василиј Велики и почетокот на Новата година, во црквата „Свети Никола” во село Враништа – Струшко, се служеше света архиерејска Литургија. Со божествената Литургија чиноначалствуваше Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на протојереј Темелко Донески, свештеник Ристе Наумоски, свештеник Игор Никовски и ѓаконите Димче Азески, Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. После завршувањето на светата Литургија, Владиката заедно со останатите свештенослужители го благослови и прекрши празничниот колач, го благослови почетокот на Новата година и кон присутниот верен народ се обрати со поучно слово кое во целост ви го пренесуваме.
Adidas footwear | BAPE adidas Superstar Green Camo GZ8981 Release Date - SBDВо името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Денеска се наоѓаме во овој свет храм да прославиме три празника, и тоа: Обрезанието Господово, Свети Василие Велики, и Новата година. Да се задржиме на последниот празник, кога ние ја испраќаме старата и влегуваме во новата година. Еден дел од нашиот живот е отиден во вечност. Тој минат период, како и мината година, повеќе не се враќаат. Пред нас сега се отвара нова страница од животот. Таа е бела и ние со нашиот живот и со нашите дела ја испишуваме. Со помош на Бога, и со наш труд Господ Бог на секој човек му дава сили таа страница да ја исполни во престојната година. Ние кои веруваме, знаеме и си спомнуваме на зборовите на Господа Исуса Христа: „Без мене не можете да правите ништо” (Јов. 15, 5). Заради тоа и се собравме во овој храм Божји на средба со Господа, да испросиме од него благослов за престојниот живот и дела, за утврдување на својата вера, како би се зацврстиле во светата надеж, во неговата постојана милост и помош на секој човек и на целокупното човештво. Пророкот Давид во еден псалм вели: „Што е тоа човек, та се сеќаваш на него, или синот човечки, па го посетуваш? Си го направил малку помал од ангелите, но со слава и чест си го овенчал” (Пс. 8, 4-5). Нашата вера ни укажува на тоа, дека ние сме должни сецело да се надеваме на помошта и милоста Божја. Да се соединува таа надеж со нашиот ангажман достојно да одиме пред Бога, со обновен дух и со благодатта на Светиот Дух.
Благочестиви христијани, пред сè, да испросиме од Господа Бога благослов за претстојната нова година, да му благодариме на Него за сè што ни беше дадено во минатата година. Ние бевме неверни кон Бога, кон себе и кон луѓето, а Господ беше верен на Своите ветувања и не нè лиши од Неговата помош. Ние бевме променливи, а Господ беше постојан кон нас со Својата љубов и милосрдие. Тој продолжува да нè поддржува во нашиот живот, и напомнува за својата света волја, ги прави стапките на нашиот пат на покајание и на спасение. Ние сме должни сега да му благодариме, не само за сè што било за добро во изминатите денови, туку апсолутно за сè, за жалости и болестите, за искушенијата и страдањата со кои сакал Господ да ни напомне за Себе и за тоа дека човек не може да живее само од леб. Семилостивиот Господ ја знае нашата слабост, ги знае нашите стремежи, знае дека сме немоќни и лесно поводливи за овоземни нешта. Па затоа Бог ни испраќа разни опомени за да нè потсети дека сме создадени, не за овој свет, туку дека сме повикани да бидеме жители на небото.
Животот е борба и постојано работење, тешко и одговорно работење. Во животот, воопшто, и во христијанското духовно делување, човекот се сретнува со изразити тешкотии. Можеме да бидеме уверени дека претстојната година, како и минатата ќе бидат за нас со големи потешкотии и доживувања, со човечки успеси и неуспеси, со тешкотии и борби, жестока борба со гревот и со соблазните, телесни и светски, а во некои, пак, години што доаѓаат можеме да бидеме пресретнати со разни опасности, болести и страдања.
Да помниме, браќа и сестри, дека Господ ветува голема награда на своите соработници - на тие што се борат со злото и создаваат на земјата правда и мир. Во нашиот живот и во нашето делување во овој свет не сме сами, со нас е Бог. Човекот е способен за големи и прекрасни дела. Да нè удостои Господ во престојната година да правиме добри дела.
Да влеземе во новата година Господова со силна надеж во помошта Божја. Ако сè во нашиот живот примаме како од рацете Божји, тогаш претстојната година за нас ќе биде среќна и благословена. Затоа и им прилега на верните луѓе да настапуваат во новата година со нови сили и со нови дела.
Браќа и сестри, да допуштиме нашиот живот во новата година да биде песна за Бога. Да допуштиме Неговиот благослов да дејствува во нас, бидејќи тој е голем и свештено во сите времиња и помеѓу сите народи. И ако се надвисат над нас непријатности, уште повеќе да се доближиме до Христа и од Него да бараме помош и закрила. Кога човек со Бога се наоѓа во утврден град, тогаш тој не треба од ништо да се плаши и во момент на бури и непријатности тој треба да е спокоен, бидејќи неговиот Бог го штити и го држи.
На крај драги браќа и сестри да се обратиме со искрена молитва кон свети Василие Велики со неговите молитви да се застапи пред Создателот на светот и човечкиот род, да ни ја благослови новата година со здравје, со вера зацврстена со љубов христијанска, со добри дела и да го прославиме нашиот Отец на Небесата и да добиеме вечен живот во царството небесно. Амин.