Празникот посветен на јавувањето Божјо – Богојавление (Водици), свечено со празнични богослужби и во присуство на многуброен народ се одбележа во Охрид и Струга. Утрото, на 19 јануари во црквата „Света Богородица-Каменско“ во Охрид, се служеше света архиерејска Литургија со која чиноначалствуваше Митрополит г. Тимотеј во сослужение на повеќемина свештенослужители од охридското архиерејско намесништво. По завршувањето на божествената Литургија, Владиката заедно со свештенослужителите и верниот народ во свечена литија се упатија кон градското пристаниште, каде што се изврши голем Богојавленски водосвет и се фрли крстот во осветените води на Охридско Езеро. Повеќе од 1 200 верници скокнаа по крстот во осветените води, а меѓу нив најсреќен беше Јован Рилков кој го фати светиот крст. Кон верниот народ, Владиката се обрати со празнично слово кое во целост ви го пренесуваме.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Од преголемата љубов кон човечкиот род, Синот Божји доаѓа на земјава примајќи го човечкиот лик. Преку Господа Христа, ние ја видовме славата Божја. Ние, пред неколку дена си спомнувавме за простите и доверливи срца на витлеемските пастири на кој ангелот Божји им ја објавил веста за доаѓањето на Христа во светот. Исто така, си спомнавме како трите мудреци од исток дошле да му се поклонат и да Му принесат дарови во пештерата. Денеска, пак, си спомнуваме за Неговото доаѓање на водите јордански и го слушаме сведоштвото за Него преку пророкот свети Јован Крстител, кој вели: „Еве го Јагенто Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе” (Јов. 1, 29).
Јагнето Божјо е жртва за нас и заради нашите гревови. Претечата сведочи за Него пред своите ученици и народот: „Јас не Го познавав, но дојдов да крштавам со вода, за да биде Он објавен на Израилот” (Јов. 1, 31).
Преку водите Јордански Христос го започнува своето земно служење. Водата - тоа е животна стихија. Таа стихија може да биде и погубна и смртоносна. Од првите страници на Светото Писмо ние дознаваме за водата, која е живот на земјата и на сè што ја населува. Водата ја има силата на миење, очистување и обновување. Господ посакал да го започне својот искупителен подвиг на земјата со стапнување во јорданските води, со крштевање во водата - таа вода во која до Него многумина, според проповедта на свети Јован Крстител, се каеле и ги миеле своите гревови. Христос, во сè е сличен на нас освен во гревот. Тој нема потреба од измивање бидејќи нема грев, Он доаѓа за да го измие во водата и да го потопи во водата гревот на земјата. Како водата од сеопштиот потоп, која имала за цел да го истреби гревот, кој не можел да стои пред лицето на Отецот, сеопштиот Судија, така и јорданската река, прима од Христа нова сила и нова благодат. Таа била должна да ги потопи сите гревови на луѓето и сите негови разрушителни последованија. Ете зошто денеска ние се радуваме на овој евангелкси и спасителен настан. Ја осветуваме водата и се молиме, преку причестување со водата да вкусиме благодатно осветување кое не води во вечен живот. Осветената вода Црквата во своите молитви ја нарекува Богојавленско божествено благословување и истата ја нарекува голема светиња. Верниците со таа света вода се причестуваат се замиваат, ги осветуваат своите домови, ја чуваат во своите домови за заштита од разни болести, за избавување од душевни маки и очистување од секакво зло. Со своето крштевање Христос ја повратил природата на водата, нејзината првосоздадена чистота и силата на животот и благодатта.
Во јорданските води, Христос влегува и го зема на своите пречисти плешки Крстот, односно гревот на севкупниот човечки род, на поранешниот и идниот, го зема за да го победи и да даде слобода на секоја христијанска душа.
Денеска Господ се јавува на целиот свет, и се открива на секое верно срце. Како да не се исползува тоа? Како да не се прими неговиот божествен повик со кој постојано ни се обраќа со љубов во сите прилики на нашиот живот, како во моменти на радост така и на жалост. Тој секогаш е со нас: „Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот” (Мат. 28, 20). Да се приближиме кон Него, Секадеприсутниот, да се потрудиме за очистување на својата волја и своите чувства, и така очистени да се претставиме пред Бога, праведни и неосквернети. Таквите Господ ги познава и ги прима, и на таквите име се открива: „Блажени се чистите по срце, оти тие ќе го видат Бога!” (Мат. 5, 8)
Да му искажеме голема благодарност на семоќниот Бог во трите лица, Кого Го славиме и Му се поклонуваме, Кој ни се јави и ни се откри на јорданските води, заради нас, луѓето, и заради нашето спасение. Да се стремиме кон Него со вистинска правда, со вистинска љубов и вистински живот. Господ ни дал голема радост и можност да бидеме чеда Божји. Да го примиме тој дар и да испросиме, сега, од Бога помош и озарување од Светиот Дух, та секогаш да можеме да одиме по вистинскиот и праведен пат, и да го прославуваме Неговото свето и божествено име, сега и во сите векови. Амин.