На 14. III 2010 година, четврта недела од Великиот пост – посветена на свети Јован Лествичник, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј чиноначалствуваше со светата, божествена архиерејска Литургија во црквата „Свети Ѓорги“ – Струга, во сослужение на : архимандрит Нектариј, игумен на манастирот „Свети Наум Охридски“, протојереј-ставрофор Илија Танаскоски, архиерејски намесник на Струга, протојереј Темелко Донески, старешина на црквата „Свети Ѓорги“ − Струга, свештеник Петре Бојчиноски, парохиски свештеник при црква „Свети Ѓорги“ − Струга, свештеник Ристе Наумоски, парохиски свештеник при Ложанска парохија, свештеник Игор Никовски, секретар на Дебарско-кичевската епархија и ѓаконите: Николче Ѓургиноски и Васко Голабоски.

Running sports | Air Jordan Sneakers



По светата Литургија, Митрополитот Тимотеј, воден од грижата за повереното му словесно стадо, и сакајќи да го поткрепи во подвигот на постот и молитвата, произнесе беседа, која интегрално ќе ви ја пренесеме.

Потоа, Митрополитот Тимотеј, заедно со останатите свештенослужители и верниот народ го освети и прекрши празничниот леб.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Денешниот евангелски расказ ни зборува за милоста Божја, што Бог ја покажал кон еден млад човек кој бил обземен од лошиот дух на немост и глувост. Таткото на момчето се обратил со молба кон апостолите Христови да го излекуваат неговиот син од споменатите болести. Апостолите се обиделе, но не можеле да го излекуваат. Кога Господ Исус Христос слегол од планината, натажениот татко пристапил кон Него и го замолил да го излекува неговиот син. Христос го прашал овој несреќен човек: Дали има вера? Таткото одговорил: „Верувам, Господи, помогни на моето неверие“ (Мар. 9, 24). Според верата на таткото Господ го изекувал момчето, го истерал нечистиот дух. Апостолите го прашале Христа: „Зошто ние не можевме болниот да го излекуваме?“. Христос им одговорил: „Овај, пак, род се истерува само со пост и молитва“ (Mt. 17, 21).
Не случајно во деновите на Великиот пост светата Црква ни го задржува нашето внимание на ова евангелско случување. Деновите на постот таа ги има определено како денови за лекување на нашите души и тела. Со своите молитви, со учењето и со светите Тајни Црквата нѐ лекува, и изгонува секаква нечистотија од нашите срца, која се вовлекла во нив и нѐ измачува.

Благодарение на Бога ние, со вас, не сме зафатени од лош дух. Ние изгледаме релативно здрави, кога можеме да дојдеме во храмот и тука да се помолиме на Бога и да го прославиме Неговото милосрдие. Но во исто време, секој од нас чувствува некоја немоќ - болест што нѐ измачува, односно нашиот грев. За да се избавиме од таа болест можно е само преку постот и молитвата. А потребно е и неопходно е да се избавиме, затоа што гревот го затемнува во нас ликот и подобието Божјо. Бидејќи гревот ги разрушува нашата душа и тело, го засенува од нас светот Христов и правдата во животот. Гревот нѐ лишува од достоинството на луѓе.

Зошто Црквата зборува за самите гревови, кои се толку многу и толку познати на секој од нас, со своите горки и разорни последници. Сето тоа ние го знаеме, го вкусуваме и го преживуваме но еве пак се истакнува за да се бориме со гревот, за да не му допуштаме да се зародува и да го развива својот опстанок, да ги искоренеме во нас лошите гревовни навики и пороци за да не можат да фатат сила и храброст.
Гревот е тешка и погубна болест и доаѓа од нечистивиот. Во нашата слабост тој ја наоѓа својата сила. Да ја победиме таа сила е можно само преку молитвата и постот. Светите оци зборуваат дека молитвата и постот - тоа се две крила, и благодарение на нив душата на човекот може да се возвисува над животните суети, може да се стреми кон небесните височини и општење со Бога. Во овие денови светата Православна црква ни предлага да ги засилиме молитвата и постот, за да ги избегнеме сите искушенија и паѓања. Да можеме да се воздигнеме кон доброто, кон благородното, кон светото и да се вознесуваме кон Бога.

Со двете добродетели, за кои што зборуваме, и благодарение на нив ние можеме да се издигнеме од идолите на земјава во живеалиштето на царството Божјо. Но тие не се стекнуваат и не се даваат така лесно. Постот и молитвата - тоа е голем труд, целоживотен подвиг. Но, без труд ништо во животот не се дава на луѓето. Исто така, без подвиг и труд не се добива ниту спасение. Господ ги благословил уште првите луѓе да работат. Господ ги помага луѓето во нивните работи и го овенчува со успех секое започнување на добро дело. Неговата помош, драги браќа и сестри, да биде со нас и за време на овие Велигденски пости во време на нашето покајание и во подвигот на постот и молитвата.

Ако ние заслабуваме во нашите подвизи, во постот и молитвата, тоа значи дека ни е слаба верата. Но, и тука ќе ни помогне Господ, од Кого е потребно да бараме помош и спасителен дар со зборовите на натажениот татко: „Верувам, Господи, помогни на моето неверие“ (Мар. 9, 24).
Светата Црква денеска го прославува и свети Јован Лествичник. Како што знаеме од житието на овој преподобен подвижник, кој живеел во 6 век, како младо момче на 16 години отишол на Синајската гора. Својот подвижнички живот го завршил како игумен на Синајскиот манастир, на 80 годишна возраст. Тој е познат по строгиот подвижнички живот исполнет со голема усрдна молитва. Тој организирал големо монашко братство и постанал игумен на манастирот. Се вели дека еднаш бил прекорен од некој дека многу зборувал. Овој подвижник не се налутил на никого, но замолкнал и цела година не прозборел ниту еден збор, додека браќата не го измолиле да продолжи да ги учи со својата благодатна мудрост. За време на своето тихување во пештерата тој напишал многу корисни книги, од кои најпозната и нај читана е Лествицата, во која се опишува методот на вознесување на душата кон Бога како по некоја скала. Да се обратиме со искрена молитва и кон свети Јован Лествичник, тој да биде наш молитвеник и поткрепувач во нашите подвизи во постот и молитвата, во правењето на добри дела, како би можеле подостоинствено да го поминеме Велигденскиот пост, и уште порадосни и повесели, со силна и непоколеблива вера да го дочекаме и славното и победоносното Христово Воскресение. Нека свети Јован Лествичник и свети Ѓорги победоносец, со останатите Божји угодници ни бидат наши застапници пред Севишниот Бог, сега и во сите векови. Амин!

2010031502

2010031503

2010031504

2010031505

2010031506

2010031507

2010031508

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Ноември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
26 27 28 29 30 31 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 1 2 3 4 5 6