Во петтата недела од Великиот пост, недела посветена на преподобна Марија Египетска, во црквата „Св. Никола - Геракомија“ во Охрид се служеше света Василиева Литургија. Со божествената Литургија чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на: архимандрит Нектариј, протојереј Димче Ѓорѓиески, јереј Игор Никовски, јереј Никола Христоски и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. Верниот народ кој се подготвувал со пост и молитва, пристапи кон светиот Путир причестувакќи се со Телото и Крвта Христови. Кон верниот народ, Владиката г. Тимотеј се обрати со поучно слово кое во целост ви го пренесуваме.
bridgemedia | Women's Designer Sneakers - Luxury ShoppingВо името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Светата Православна црква како грижлива мајка за своите духовни чеда преку целата година изнесува разни примери за преку нив да ги поучи, да ги одврати од гревот да ги облагороди и препороди. Тоа особено го прави за време на Великиот пост. Така, оваа петта недела од Големиот пост ја посветила на света Марија Египетска, со тоа сакајќи сите да нѐ охрабри и поттикне кон покајание, кон отстапување од престапи и гревови и живеење според прописите и законите на светата Православна црква.
Како што ни е познато од житието Марија уште од 13 годишна возраст се оддала на развратен живот. Нејзиниот живот бил исполнет само со блудничење и задоволување на страстите живеејќи, како што кажавме, расипнички живот. Марија мислела дека токму преку гревот што го правела можела да најде радост во животот. Затоа таа постојано се стремела да ги задоволи своите телесни ниски страсти влечејќи се во грев себеси а, се разбира, и други луѓе. Така и живеела многу години, додека божествената благодат не го допрела нејзиното срце.
Многу е значајно да разбереме дека во временскиот период додека уживала во задоволувањето на телесните страсти, гревот ѝ ги затварал внатрешните очи и таа не можела да го види своето погубување. Но, настапил и период кога божествената благодат се нашла во срцето на оваа падната жена и родил плод. На таа плодородна почва Духот Божји го фрлил своето семе кое што произвело богат плод.
Во нејзиното житие се вили дека раководена од своите телесни страсти, за време на Великиот пост се качила на еден брод, на кој што патувале многу поклоници за Ерусалим, за Воскресението Христово. Таа се качила на истиот брод но, не со желба да се поклони на светињите во Ерусалим, туку да може многумина да ги оскверни и да ги воведе во грев. Со таква желба се нашла и во Ерусалим каде што предзвикувала соблазна кај многубројниот народ кој дошол од целиот свет на поклонение. Гледајќи како многу луѓе влегуваат со радост, со покајание, со скрушеност, со смиресност во светиот храм на Воскресението Христово а излегуваат од истиот со радост, со посебно расположение, се родила и кај нејзе желба и таа да влезе во храмот и да види што се случува. Но, сила Божја ја запрела и не ѝ давала сила да може да го прескочи прагот во светиот храм. Таа се обидела повеќе пати, но Господ не ѝ дозволи да пристапи кон Своите светии, додека таа не се очисти и не излезе од гревовниот живот. Обидувајќи се, таа се замислила зошто не може да влезе и ја видела иконата на мајката Божја, која висела над влезната врата и Божјата благодат се допрела до нејзиното срце. Тоа допирање произвело таква духовна вознемиреност и отварање на духовните очи на Марија, што во еден момент ги здогледала сите нејзини недела и сиот нејзин минат живот. Се видела себе си на една провалија каде што во секој момент може да падне и засекогаш да биде уништена. Пред нејзините внатрешни очи се открила севкупната опасност на таквиот живот кој таа го живеела во светот. Марија ја почувствувала сета омраза и сета нечистотија на блудниот грев. Но, таа божествена благодат не ја оставила само да го види тоа внатрешно пропаѓање, туку нејзиното срце било поттиканато да почувства праведен живот, живот според Бога и според доброто.
Од преподобната зависело нејзиното обраќање од злото кон доброто. Каде ќе ја приклонела својата волја? Дали повторно ќе се врати на задоволување на страстите или ќе посака блажен живот во Бога? Произлегло спасение. Марија, внатрешно и духовно, ги отсекла гревот и задоволувањето на страстите и повеќе не сакала да се врати на погубителниот пат. Божествената благодат, која извршила во неа изменување, ја повела до Господовиот крст во пустината, за таму да го очисти своето срце од секакви посакувани гревови и да уништи секаква склоност кон задоволување на ниските страсти.
И така, преподобната Марија се упатила во Јорданската пустина и преку 17 години се трудела, со молитва со пост, понижувајќи се себе си во подвиг и покајание. Таа не останала само на тоа да го остави гревот на блудноста. Не се задоволила со тоа што ги видела своите гревовни дела преку постот и молитвата. Таа се потрудила да приложи труд и дела преку кои апсолутно ги уништила во себе сите гревови и го привикнала своето срце кон добродетелен живот во Бога. Духовното преобразување се извршило преку крстот Господен. Се извршило преку посредство на тој пат по кој поминал и Господ наш, Спасителот на светот, од Гетсиманската градина до Голгота. 17 години таа се борела со гревовните склоности кои биле создадени во нејзиното срце како лоши навики. 17 години таа се борела со демонот, кој постојано се обидувал да ја врати мислено на гревовнио пат. Четопати таа од измореност од таа внатрешна духовна борба паѓала на земја и земјата ја натопувала со горки солзи. Се молела кон Пресвета Дева Марија да ѝ помогне и да ја ослободи од мачењето на гревот.
Со Божја помош и со нејзниот труд таа го победила гревот. Преподобната се распнала себе си со страстите и похотите. И после таа тешка борба никаква страст не допирала до нејзиното срце. Наместо духовно бранување се појавува духовно смирение и тихување. Таа навистина преминала од овој живот во идниот век. Таа ништо не знаела за теологијата бидејќи никогаш не го изучувала Светото писмо - но сето тоа ѝ било соопштено на таинствен начин, после нејзиното очистување со помош на божествената благодат. Таа го позанала Бога Словото, не според книги, не според човечки преданија, туку како што го познал Бога некогаш првопрстолниот апостол Павле, кој, исто така, го примил Евангелието од Самиот Спасител. Такво благовестие примила и преподобна Марија откако го победила гревот во своето срце. Таа постигнала очистување на нејзината душа до таква мера, што за време на молењето се издигнувала од земјата и лебдела во воздухот.
Овој пример на таков величествен подвиг и нас н# предизвикува секој еден да се загледа во своето битие, во својот живот, во Христа и во гревот. Дефинитивно ние сме повикани кон спасение во разни времиња. Едни се повикани уште од мали нозе, други во зрела возраст но, независно од тоа дали сето тоа може да ни послужи за наша оправданост? Дали е доволно единствено да се надеваме на повикот Божји за наше спасение? Дали треба да се успокојуваме само со знаење на божествените вистини за делувањето на спасението. Неопходно е, како Марија Египетска, да ја покориме својата волја на Божјата и да ја насочиме кон покајание, кон подвиг на борба со страстите и останатите гревовни навики. Сето тоа е неопходно за нашето спасение.
Како што знаеме од житието, таа го поминала остатокот од својот живот во Јорданската пустина и се удостоила пред самата смрт да биде причестена од праведниот и свет старец Зосим, кој ја видел како лебди во пустината а не стои на песокта. Побарала идната година во истиот ден и на истото место повторно да дојде и да ја причести. Но, тогаш ја наоѓа упокоена нејзината душа примена од Господа Бога а нејзиното тело сочувано нетлено и покрај огромните пустински горештини.
Драги браќа и сестри, нека примерот на света Марија Египетска ни пслужи и на нас за согледување на нашите гревови. И ние да се покаеме и ние да отсечеме од нашата душа и срце секоков престап и грев, да го засакаме Христа Бога, Неговата света Црква и Неговите заповеди, па да живееме благочестив и свет живот и да го прославиме Господа Бога сега и во сите векови. Амин
21.03.2010 година, Петта недела од Великиот пост,
црка „Свети Никола“ - Геракомија - Охрид