На Светли Петок – Балаклија или „ животочен извор“, во црквата Успение на Пресвета Богородица – Каменско во Охрид, се служеше света архиерејска Литургија со која чиноначалствуваше надлежниот Митрополит г. Тимотеј во сослужение на: архимандрит Нектариј, протојереј-ставрофор Ефтим Бетински, протојереј Сашо Богданоски, протојереј Димче Ѓорѓиески, јереј Ромео Петрески, јереј Игор Никовски, јереј Димче Азески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски, Владо Недески и Васко Голабоски. После завршувањето на божествената Литургија, во дворот на храмот се изврши мал Водосвет и се благослови и прекрши празничниот леб. Кон верниците Владиката се обрати со поучно слово кое интегрално ви го пренесуваме.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Христос Воскресе!
url clone | Air Jordan Release Dates 2020Пред неколку дена светата православна Црква нé повикуваше на Голгота, каде што страдаше и беше распнат Христос, Јагнето Божјо, кое ги зеде врз Себе гревовите на светот. Ние ги созерцававме Неговите маки, слушавме како Го навредуваат, како му се потсмеваат, на Неговата невиност и светост. Таму ја видовме и света Дева Марија, расплакана од страдањата на Својот возљубен Син. И многумина од нас сострадуваа со нејзините страдања и плачеа заедно со неа. И на крај се слушна од Него најслаткиот глас: „Не ридај мене мати, зрајште в гробје, востану бо и прослављусја - Не плачи за Мене мајко гледајќи ме во гроб, ќе станам и ќе се прославам“ (9 песна на Велика Сабота).
Помина време, и жалоста се смени со радост, и за Божјата мајка, и за сите нас. И ете, во денешниов ден ја слушаме радосната вест: „Дево радувај се, пак радувај се, радувај се благословена, радувај се најпрославена, бидејќи Твојот Син воскресна од гробот по три дена“. Но, исто така, пееме: „Христос воскресна, Кој смртта ја уништи, и мртвте ги подигна: луѓе веселете се“.
Денеска ние се собравме во овој свет храм посветен на света Богородица да се радуваме на нејзиниот воскреснат Син. Но, во исто време, пресвета дева Марија, односно света Богородица, во овој час е со нас, се радува и се моли на Бога. Таа така не сака нас. Заради многуте нејзини милости и љубовта што ја покажува кон светот светата Црква денеска ја нарекува „животочен извор“. Како што од природен извор извира вода, со која луѓето се мијат, ја гасат својата жед, ја натопуваат жедта на земјата, така и Пресвета Богородица е извор на Живата Вода - Христос Спасителот. Тој ја измил нашата осквернетост и ја угасил жедта на целата земја, на севкупниот човечки род, кое се наоѓало под притисокот на тешките гревови, проклетството и смртта. Света Богородица послужила на големото дело за нашето спасение. Од неа засветило Сонцето на Правдата, кое ни дава живот и сé друго што ни е потребно. Заедно со неа ние го оплакувавме „Еже прежде сонца, Сонце праведное, зашедшее во гроб иногда“, заедно со неа се веселиме и го воспеваме воскресенито Негово од гробот.
Да ја прославиме сега Небесната Царица, да побараме од Неа мајчинска застапеност, да испросиме милост што таа штедро или дарежливо ја излива на сите оние кои пристапуваат кон неа. Пресвета Богородице, удостој нé секогаш да се напиваме од твојот живоносен извор. Мајко Божја научи нé да го сакаме Твојот Син, и да ја исполнуваме Неговата волја. Помогни ни за секогаш да ја сочуваме радоста на Неговото воскресние и прими нé и нас заедно со ангелите да ти пееме: „Чиста Дево радувај се, радувај се бидејќи Твојот Син воскресна по три дена од гробот, и ние луѓе да се веселиме“.
Драги браќа и сестри, прославувајќи го денес светли петок или како што уште се нарекува, Балаклија, посветен на Животочниот Извор посветен токму на Мајката Божја во Цариград, да се обратиме со искрена молитва кон Небесната Царица, мајката Божја, таа со нејзините молитви да испроси милост од Нејзиниот Син и наш Бог, воскреснатиот Христос. Да ни ја зацврсти верата да ни ја укрепи љубовта, да искорени од нас секакво зло, да го облагороди нашето срце, нашата душа и да ги охрабри и засили да можат да прават добри дела прославувајќи Го воскреснатиот Спасител, Господ Исус Христос.
Нека воскресне Господ Исус Христос во нашите срца, во нашите мисли, во нашите дела, да можеме подостоинствено да го прославиме Неговото свето и спасително воскресение, сега и во сите векови. Амин.
Митрополит Тимотеј
09.04.2010 година, Источен петок - Балаклија,
црква света Богородица - Каменско - Охрид