Вознесение Христово – Спасовден, торжествено со празнични богослужби беше прославен во сите цркви и манастири во Дебарско-кичевска епархија. По тој повод, надлежниот Митрополит г. Тимотеј во сослужение на: архимандрит Нектариј, игумен Јосиф, протојереј Димче Ѓорѓиески, јереј Никола Христоски и ѓакон Николче Ѓурѓиноски, во манастирот „Вознесение Христово“, во с. Горно Лакочереј – Охрид, служеше света Литургија. После завршувањето на Литургијата, во дворот на манастирот се изврши мал Водосвет и се освети и прекрши празничниот леб, по што свештенослужителите заедно со верниците направија Литија околу храмот, а оттука со литијни песни и молитви се упатија во полето, каде што меѓу другото, од Бога се просеше да даде сè што е потребно за да се роди жито во изобилие. Кон верниот народ Владиката се обрати со поучно слово кое интегрално ви го пренесуваме.
jordan Sneakers | Nike Air Max
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Денес кога го прославуваме Вознесението на нашиот Спасител Господ Исус Христос, со нашите мисли и со нашите духовни очи, да го видиме Христа како-опкружен од неговите ученици и во разговор го напушта Ерусалим и се искачува на Елеонската гора. Оваа планина се наоѓа од другата страна на потокот Кедрон, а пред да се искачеме на неа треба да поминеме покрај црквата „Успение на Пресвета Богородица“, каде што мајката Божја била погребана. Од десната страна на патот се наоѓа црквата на Маслиновата гора, а над неа се издигнува прекрасен руски манастир посветен на света Марија Магдалена. На самиот врв на оваа планина се наоѓа местото каде што Господ Исус Христос се вознесол.
Во деновите на своето земно подвизување Спасителот сакал тука да доаѓа за да ја засилува молитвата. Денеска Он оди опкружен од апостолите, кои незнаат дека по неколку минути ќе се разделат со нивниот божествен учител. Он им го остава последното ветување - да не одат никаде од Ерусалим, додека според Неговото ветување не дојде Дух Свети. Него Он ќе го испрати од Отецот Небесен, за постојано да престојува во Црквата и до свршетокот на светот да ја запазува, зацврстува, утешува и да ги спасува верните за вечен живот, односно сите оние што ќе појдат по патот на повикот Христов како свој Спасител.
Господ Исус Христос ја завршил на Гората последната беседа. Ги благословил учениците и започнал да се подигнува во небесната височина. Набрзо облаците Го сокриле од очите на апостолите и, откако тие Му се поклониле на Вознесениот Господ, се вратиле во Ерусалим, како што се вели во Евангелието со голема радост (Лука 24, 52).
Тие се радувале на ветувањето кое Господ им го оставил - дека ќе биде со нив и со сите што веруваат до „свршетокот на светот“ (Мат. 28, 20). Тие биле утешени со Неговите зборови дека набрзо, неопределувајќи им го денот, ќе им го испрати Духот Свети, кој ќе ги потсети на зборовите Христови, за сé што ги учел Христос, и ќе ги утврди во секоја вистина и ќе им биде Сопатник, Утешител на сите нивни животни патишта и апостолски подвизи (Јов. 14 гл.).
Можеби некој од вас ќе се запраша зошто на Господа му било угодно да се вознесе на небото и да го прекрати Своето видливо престојување на земјава? Да проникнеме во тајната на промислата Божја ние не можеме со нашиот мал и ограничен човечки ум, ако на тоа прашање не одговорил самиот Господ Исус Христос.
Проштевајќи се со Неговите ученици на Тајната вечера, Он многу им зборувал за Своето престојно одење од земјата и враќање во вечната слава при Својот Отец Небесен. Како да ни одговори на нашите љубопитни мисли, односно зошто Он не останува на земјата за да ги радува, да ги утешува да ги укрепува луѓето со Неговото земно гледање, Христос во проштелна вечера со учениците вели: „Јас одам кај мојот Отец...“ ...„Јас ќе го молам Отецот за вас...“ (Јов. 16 глава. 7-10-26).
Господ се вознел на небото во прославено човечко тело, во она тело во кое Он до крсната смрт живеел на земјава и кое е преобразено по воскресението. И ние сме должни да се радуваме на тоа, бидејќи и нашата човечка природа така е возвеличена и возвишена од Господа Исуса Христа, бидејќи Он благоизволил во своето пречисто тело да се вознесе на небото, како и нашата човечка природа да ја постави повисоко од херувимите и серафимите, и во своето прославено преоблечено тело повтороно ќе дојде да му суди на целокупниот човечки род.
Сега Он - е нашиот небесен застапник пред Својот Отец. Он е изворот на секакви добрини. Вознесувајќи се на небото Он продолжува да ги благословува своите ученици, оставајќи ги на земјава, и продолжува да го раздава Неговиот благослов на сите луѓе што веруваат во Него.
Ако Христос останеше на земјава, Тој ќе останеше само во пределите на Палестина и Неговата проповед ќе беше видена и примена само од оние што Го имаа видено, или пак, од оние што тргнале кај Него, за време на Неговото патување од град во град, или од место до место. Додека од небесната висина, Он ја опфаќа целата вселена со Неговиот благослов. Сите ние што веруваме во Него, кога со вера и со молитва се обраќаме кон Господа, го добиваме Неговиот божествен благослов.
Во Палестина Тој правел добри дела, но само на тие со кои имал допир или контакт. Во овој момент Он ја пружа Својата милостива рака и им дава помош на сите кои поверувале во Него, каде и да се на земјината топка, од каде и да ги упатат нивните прозби, молитви и воздишки, барајќи било каква помош.
Можеби некој ќе постави прашање. Зошто Он не останал со нас да продолжи да нé научи како да живееме? Господ Исус Христос им рекол на своите ученици: „Во домот на Мојот Отец има многу места за живеење. А да немаше, Јас ќе ви кажев. Одам да ви приготвам место. И кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам, и ќе ве земам вас при Себе за да бидете и вие каде што сум Јас“ (Јов. 14, 2-3).
За сите оние што веруваат во Мене, вели Господ им е подготвено место во небесното цартвото Божјо од самата вечност. Но, гревовите наши ги затворија портите кои водат во вечното небесно живеалиште. И Јас одам да ги отворам тие порти!
Таму во небесната градина во царството Он ги чека бесмртните души на сите тие што сакале, да одат и пошле по својот Господ за време на земниот пат. А за да нé научи како е потребно да живееме, и како е потребно да се спасиме за вечен живот, Он го остава светото Евангелско слово, кое е неисцрпен извор на жива вода.
И така, во светлината на Христовото вознесение е јасен нашиот земен пат и појасно е и поразбирливо на нашето срце зошто Господ се вознесе на небото по 40 ден од Неговото воскресение. Господ Исус Христос слегол на земјава заради нас луѓето и заради нашето спасение. Он се вознесе на небото заради нас. Тој сé прави заради нас. Тој на никого не посакува зло. Тој сака на секого само добро. Он сака да ја манифестира врз секого од нас Својата татковска љубов, и во име на таа љубов Он не престанува да нé повикува кон Себе, да одиме по Него и продолжува да нé благословува утврдувајќи и поткрепувајќи нé на секоја наша земна патека.
Светото Писмо ни зборува дека во Царството небесно нема да влезат грешници, блудници и непокаени луѓе. Во него ќе влезат само тие што имаат облека достојна за вечното царство. А таа облека е онаа што е создадена со верата, со молитвата, со постот, со милосрдието, со целомудреноста, со воздржанието, со кротоста, со снисходливоста и сеопростувањето. И такви облеки - дела и ние да подготвиме за нашата душа, за да можеме да влеземе во Царството небесно и да ги слушнеме блажените зборови од устата на Нашиот вознесен Господ: „Дојдете благословени од Мојата десна страна во Царството небесно“.
Митрополит Тимотеј
13.05.2010 година, Вознесение Христово,
Манастир „Свети Спас“ - с. Лакочереј