Во неделата на 30 мај 2010 година, денот кога светата Црква го слави споменот на сите светии, уште наречена Недела на Сите Светии, во манастирот „Сите Светии“ во село Лешани – Охрид, Неговото Високопреосвештенство Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протојереј Темелко Донески, јеромонах Вартоломеј, игумен на манастирот, јереј Игор Никовски и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски служеше света архиерејска Литургија. После завршувањето на Литургија во дворот на манастирот, Владиката заедно со останатите свештенослужители извршија мал Водосвет и се благослови и освети празничниот леб. Кон верниот народ Владиката се обрати со поучно слово кое во целост ви го пренесуваме.
Nike air jordan Sneakers | Air Jordan 1 Retro High OG "UNC Patent" Obsidian/Blue Chill-White For Sale – Fitforhealth
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Денес светата православна црква го прославува споменот на сите светии, кои од памтивек Му угодија на Бога и нивното прославување торжествува на небото. Тоа го постигнале благодарение на благословот и е плод на страдањата, смртта и воскресението на овоплотениот Господ заради нашето спасение. Овој благодатен плод е примен благодарение на доаѓањето на Светиот Дух Божји и неговото престојување во црквата Христова. Затоа и нашата света православна црква после страдањето и славното Воскресение и Вознесение на небото на Господа Исуса Христа и слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, како големи Господови празници, првата недела после големите прослави ја посветува на сите светии кои од памтивек Му угодиле на Бога.
Божјите угодници се како ѕвездите на небото, нивниот број е неброен. Сите луѓе кои му угодиле на Бога не се видливи во светот. Многу големи подвижници ги извршувале своите подвизи мирно и тивко, едноставно така што никој и не ги забележувал. Сега, пак, тие стојат пред престолот Божји и се насладуваат во неискажливата слава и блаженство, и заедно со ангелите Божји Го прославуваат Бога и се молат за овој грешен свет. Црквата денес им оддава чест и молитвено почитување.
Светата црква ги дели светиите на познати и непознати, ги разделува и по начинот по кој пат го минале својот земен живот и го достигнале вечното царство. Оваа поделба црквата особено ја нагласува и практикува во богослужбениот поредок.
Соборот на светиите светли со прекрасна светлина на вера и надеж, со многубројни добродетели, подвизи со љубов и самооткажувања. Во тој хор на светии се наоѓаат патријарсите, праотците, кои верувале во Божјото ветување за доаѓањето во светот на Искупителот, живееле на земјата заради Него, како странци и дојденци.
Исто така, во хорот на светиите се наоѓаат и светите пророци кои го претскажувале доаѓањето Христово, ги изобличувале пороците и лошите дела кај своите сограѓани, па преку покајание и подготовка за средба со Господа ги заплашувале луѓето со суд и казна Божја, поради нивното непокајување и заради тоа поднесувале страшни страдања и понижувања од нивните современици.
Денес во хорот на светиите се наоѓаат и апостолите Христови. Тие оставиле сé во овој свет и тргнале по Христа, поднесувајЌи гонење, искушенија и страдања, го проповедале Евангелието во светот и претрпеле до крај сé и го завршиле нивниот живот маченички. Во хорот на светиите се и мачениците кои заради исповедувањето на името на Исуса Христа и за вистинско исполнување на заповедите Божји, трпеле жестоки страдања и маки. Исто така во хорот на светиите се наоѓаат и пастирите и светителите кои со слово и дело и со целукопниот нивен живот нé учат на живата вера во Христа и на благочестив живот, кои со нивните богомудри пишани дела, го толкувале словото Божјо, се бореле против еретиците ја утврдувале чистотата и вистинското учење на православната црква и ја полагале својата душа за своето паство.
Во денешниот хор на светиите се наоѓаат и преподобните мажи и жени кои што скитале по пустините и горите, по пештерите и разни други места, со нивните подвизи ни покажале до која висина може да се издигне човечката жива вера во Бога и живот по вера - рамно ангелска.
Во хорот на светиите се наоѓаат и праведниците кои живееле во светот, но не биле од овој свет и преку молитва и животни откажувања ја направиле својата душа и срце живеалиште на Духот Божји. „Затоа и ние, имајќи толку многу сведоци“... ...„и со трпеливост да побрзаме кон претстојната борба“ (Евр. 12, 1). Преку тоа, светата црква ни одговара како сите светии што го завршиле својот живот така и ние преку покајни солзи и молитвени трудови и подвизи да го поддржиме во верата и нивниот живот на земјата. Да го усвоиме нивниот лик, мисла и чувство, и да ја наследиме неколебливата сила во исповедување на Божјите заповеди и светата ревност во зачувување и очистување на себе од секаква нечистотија на телото и духот.
И сите светии што живееле на земјата имале исто такво слабо тело како и ние, биле опкружени со искушенија, честопати биле подложувани на разни страдања како и ние, но сето тоа го победувале со силна и добра волја и со силата на Божествената благодат. Затоа во бројот на светиите ние можеме да видиме угодници Божји од сите категории на луѓе, од сите возрасти и од машки и од женски пол.
Светите луѓе постанале небесни жители, продолжуваат да земаат живо учество и со нас како свои земни собраќа. Тие се наши застапници пред Бога. Тие живееле на земјата и со помошта Божја ги пребродиле сите препреки кои им излегувале на патот кон нивното спасение, ја одржале победата на страстите, затоа можат и нам да ни дадат помош во борбата со гревот, ако ние искрено им се обраќаме во молитвата. Тие немаат никаква потреба од наше прославување бидејќи кај Бога веќе се прославени, но ние луѓето имаме потреба од нивна помош и застапништво.
Светата црква верува дека светиите по благодата Божја нé слушаат нас, ги гледаат нашите потреби и се подготвени да бидат наши молитвеници пред Бога. Затоа црквата пред сите времиња имала свештен обичај, да им го празнува нивниот спомен со особено торжество. На нивните гробови се граделе храмови, во црквите и манастирите се изобразувале нивните ликови на фрески и на икони. Свештенописателите им составувале богослужби и молитви. Ние им се поклонуваме на нивните свети мошти, ги целиваме нивните свети икони. Но, најубавиот дел на светиите и вистинското почитување се содржи во поддржувањето на нивните животи со исполнување на високите христијански добродетели.
Да им се обратиме и денеска на сите светии и Божји угодници, тие да нé утврдат во нашата православна вера, да нé научат да живееме добродетелно и да ни помогнат да се спасиме. Амин.
30.05.2010 година, Недела на Сите Светии,
манастир „Си Свети“, село Лешани
Митрополит Тимотеј