На 18 јули 2010 г., во село Присовјани, Струшко, се изврши осветување на нова црква посветена на „Рождество на Пресвета Богородица“. Чинот осветување го изврши Неговото Високопреосвештенство Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на архимандрит Нектариј, протојереј Митре Попоски и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. После осветувањето на храмот се отслужи света Литургија со која чиноначалствуваше Митрополит г. Тимотеј. Кон верниот народ Владиката се обрати со поучно слово кое во целост Ви го пренесуваме. По завршувањето на Литургијата се изврши благословување и прекршување на празничните лебови. Во дворот од црквата беше приготвена трпеза на која беа поканети сите верници.

latest Running | Air Jordan Release Dates 2020

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Секој жив организам на оваа земја има потреба за храна, вода и воздух. Патувајќи преку безводни краишта патникот копнее за вода и би сакал барем една капка за да го накваси своето исушено грло и на некој начин да ја згасне жедта. Исто така знаеме дека човекот е психофизичко битие, кое покрај телото ја има и бесмртната душа. Како што телото чувствува потреба да ја угаси жедта, исто така и жедната душа бара духовна храна да ја задоволи потребата. Нашето тело бара материјална храна бидејќи е од земја, додека, пак, душата има духовно потекло, па затоа ѝ е потребна духовна храна. Душата ни е дадена од вечниот Бог и затоа таа тежнее за Бога и со Него да се нахрани. Таа е гладна и жедна за Божјата вистина, милост и љубов. Ова ни го потврдува и старозаветниот псалмопеач Давид, кој вели: ... „Боже, Ти си мојот Бог, Тебе Те барам; за Тебе зажедне душата моја. За Тебе копнее телото мое, како земја пуста, неплодна и безводна“ (Пс. 62, 1).

Денешното свето Евангелие ни зборува за духовната жед. Сознавајќи за маченичката смрт на свети Јован Крстител нашиот Спасител Господ Исус Христос отишол во едно пусто место и сакал да остане таму сам. Но, народот жеден за новата наука Божја - зборовите Божји, гладен и жеден за духовна храна доаѓа по Исуса. Како што ни кажува светото Евангелие дошле цели колони мажи, жени и деца. Овие луѓе чувствувале силна потреба за духовна храна и по ова сончево и топло лето дошле да го слушаат и да се насладат од зборовите на новиот Учител и Проповедник - Синот Божји - извор на сите добрини. Народот имал слушнато за Христа и за Неговите проповеди: за Лебот на животот, за водата од која се пие и никогаш не се ожеднува, за Царството Божјо. Слушнале тие за овој несекојдневен и необичен лекар, Кој лекува од најтешки телесни и духовни болести, па затоа брзаат да Го видат, да Го слушнат, да ги нахранат и напијат своите гладни срца и души со вечната храна и пиење кое Тој го нуди и од кое не се огладнува и ожеднува. Многумина од нив биле гонети со нивните телесни и душевни болести и брзале од нив што поскоро да се ослободат. Затоа и во денешното Евангелие се вели: „И кога излезе Исус, виде многу свет; и се смили над нив и ги излекува нивните болни“ (Мт. 14, 14). Се сожалил над несреќниот народ изморен од секојдневните проблеми и грижи. Се сожалил и ја излил врз нив љубовта и милоста Божја, ја угасил нивната глад и жед и ги излекувал нивните телесни и духовни болесници.

Зборовите Христови за правда и вистина кои Тој ги донесува и ги нуди на луѓето за понуденото царство Божјо, за вечниот живот и радоста во него, овие новини паѓале на нивните жедни души како топол и плоден пролетен дожд врз сувите бразди, освежувајќи ги и хранејќи ги со храна и пијалок од кој никогаш нема и неможе да се огладне и ожедне. Овој собран народ околу Христа и заради Христа, хранејќи се од богатата божествена трпеза што им ја приредил Христос, иако телесно ниту јаделе ниту пиеле од телесна храна, тие не чувствувале ниту телесна глад ниту жед.

Но Господ Исус Христос откако го нахранил народот со духовна храна им приредил и телесна храна. Он како главен Господар на сите духовни и материјални добра и како Син Божји ги нахранува луѓето на еден чуден начин и со телесната храна. Како Син Божји со својата Божествена семоќ телесно го храни насобраниот народ со пет леба и две риби: „И јадеа сите и се наситија; и кренаа дванаесет кошеви полни со останати парчиња. А оние што јадеа, беа околу пет илјади души, освен жените и децата“ (Мт. 14, 20-21). Така двојно ги нахранил гладните луѓе и телесно, и од овие два глада поважен е се рабира духовниот глад. Затоа, прво што треба да бараме е Царството Христово. „Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и се ова ќе ви се придаде“. Ова мноштво на луѓе кој биле дојдени заради Царството Небесно и заради духовната храна, го добиле Царството Божјо и неговата правда, но и потребната телесна храна за нивното тело.

Драги браќа и сестри, и ние денеска кои сме собрани во овој свет храм да побараме по примерот на овие луѓе од Евангелието, најпрво Царство Божјо, а потоа и Царството земно. Меѓутоа најголем дел од нас и денеска го бараат и царството земно. Затоа денешниот човек е духовно гладен и покрај изобилствата на земското царство заради кое се бори и го стекнува, но сепак се чувствува незадоволен и несреќен. Душата на тие луѓе е гладна и жедна што неможат да ја угасат жедта сите денешни светски мудрости. Тие извори се слични на суводолини кои имаат вода кога ќе падне голема количина на дожд или кога се топи снегот, додека во сите останати денови потполно пресушуваат. Од тие извори не тече вода која води во живот и не дава мир и безмерна радост на душата тука на земјата. Господ Исус Христос кај Јаковлевиот извор ветува вода од која никогаш нема да се ожедне. „Секој што пие од оваа вода, пак ќе ожедни; а кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода, што ќе тече во живот вечен.“ (Јн. 4, 13-14), и рекол Господ Исус Христос на жената самарјанка.

И ние денеска драги браќа и сестри, собирајќи се во овој свет храм посветен на Пресвета Богородица, да се обратиме со искрена молитва кон мајката Божја таа да биде наша молитвеница чуварка и помошничка за да можеме и ние да пиеме од водата од која никогаш не се ожеднува и да го исполнуваме законот Божји и да го добиеме ветеното Царство како вистински следбеници на науката Христова и почитувачи на Мајката Божја.

Во оваа прилика би сакал да искажам голема благодарност на сите ктитори, приложници и помагачи во изградбата и украсувањето на овој свет храм во оваа прекрасна природа од Бога дадена во овој питом малесиски крај. Господ нека ве благослови и нека ви подари сé што е корисно и спасоносно на вас и на вашите блиски и сакани. Амин!

18.07.2010. година, црква Рождество на Пресвета Богородица - с. Присовјани

Митрополит Тимотеј

prisovjani01

prisovjani02

prisovjani03

prisovjani04

prisovjani05

prisovjani06

prisovjani07

prisovjani08

prisovjani09

prisovjani10

prisovjani11

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Ноември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
26 27 28 29 30 31 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 1 2 3 4 5 6