По повод големиот јубилеј „1100 години од упокојувањето на св. Наум Охридски“, од 3 до 5 октомври 2010 година, во просториите на Универзитетскиот конгресен центар во Охрид, Дебарско-кичевската епархија организираше Меѓународен научен симпозиум, на кој учество зедоа еминентни домашни и странски научници од повеќе научни области. Симпозиумот започна со поздравен збор од Организациониот одбор, а поздравни говори одржаа и Неговото Блаженство Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, претседателот на Собранието на Р. Македонија, г. Трајко Вељаноски и градоначалникот на Охрид, г. Александар Петрески.
На симпозиумот беа одржани три работни сесии, на кои збор зедоа:
- Ратомир Грозданоски, (Скопје, Македонија)
- „Свети Наум Охридски виден низ библиските цитати во богослужбите за него“
- Петар Хр. Илиевски (Скопје, Македонија)
- „Повторно за името Кутмичевица (нови сознанија на областа каде што свети Наум ја продолжил учителската дејност на свети Климент)“
- Алексеј Пентковски (Москва, Русија)
- Митрополит Струмички г. Наум (Македонија)
- „Светоотечко толкување – откровение на внатрешниот духовен живот на св. Наум Охридски“
- Никола Ѓурѓиноски (Охрид, Македонија)
- „Придонесот на св. Наум во формирањето на словенското богослужение во Охрид“
- Тони Филиповски (Скопје, Македонија)
- „Св. Наум и неговите епитети: Чудотворец и Охридски“
- Александар Трајановски (Скопје, Македонија)
- „Охридскиот архиепископ Аврамиј и игуменот на манастирот Св. Наум во Европа и Русија од 1631 до 1635 г.“
- Ралица Русева (Софија, Бугарија)
- „Свети Йоан Кукузел и композицията на Свети Седмочисленици в манастира Арденица“
- Гордана Келиќ (Белград, Србија)
- „Портрет светог Наума из цркве Ваведења Богородице манастира Троноша“
- Викторија Попоска Коробар (Скопје, Македонија
- „Иконата на св. Наум од црквата св. Спас во Скопје“
- Ѓорѓи Поп Атанасов (Скопје, Македонија)
- „Св. Наум Охридски во духовната и книжевната традиција на Света Гора“
- Светлина Николова (Софија, Бугарија)
- „Грцките извори за св. Наум Охридски: источници и отношенија между текстовите“
- Сашо Цветковски (Струга, Македонија)
- „Непознати портрети на св. Наум Охридски во живописот на Охридската Архиепископија од XVIII и XIX век“
- Ристо Палигура (Битола, Македонија)
- „Непознати портрети на св. Наум во живописот од XIX век во Битолско-преспанскиот регион“
- Никола Митрески (Прилеп, Македонија)
- „Претставите на св. Наум во живописот од XIX век во Пелагонија и Демир Хисар“
- Викторија Грозданова Коцевска (Скопје, Македонија)
- „Портретите на св. Наум во иконописот на Св. Богородица Каменско во Охрид“
Меѓународниот научен симпозиум беше вистинско место за претставување на нови откритија поврзани со животот и делото на св. Наум Охридски, а особено се истакнаа оние од областа на Историјата на уметност. Симпозиумот го затвори Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Тимотеј, кој во таа прилика им искажа благодарност и честитки на сите кои зедоа учество и одделија од своето драгоцено време за да бидат присутни на овој симпозиум.
Во продолжение ви го пренесуваме во целост и поздравното обраќање на Митрополитот Тимотеј:
Митрополит Тимотеј
Ваше блаженство, Архиепископ Охридски и Македонски, г.г. Стефан, почитуван Претседател на Собранието на Р. Македонија, г-дин Трајко Велјаноски, почитуван Градоначалник на Општина Охрид, г-дин Александар Петрески, ваши Високопреосвештенства, почитуван претседател на Комисија за верски прашања и религиозни групи, г-ѓа Валентина Божиновска, господа пратеници во Собранието на Р. Македонија, почитувани учесници на научниот собир, браќа и сестри.
Имам особена чест и задоволство да Ве поздравам од името на Организациониот одбор на овој Научен собир и да Ви посакам пријатно чувствување во Охрид, градот на свети Климент и на свети Наум, охридските чудотворци.
Нe собра голем повод, 1100 години од блаженото преселување на преподобниот Наум Охридски од овој лажен свет во вечноста. Промислата Божја отсекогаш и засекогаш промислува за спасението на човечкиот род. Па така, испраќа разни учители, просветители и свети личности кои со нивниот живот, а уште повеќе и со нивните дела високо светат на небесниот свод и го осветлуваат патот на човечкиот род. Токму такви големи светила пред 11 века Бог испрати и на оваа почва за да го осветлат патот на словенските народи и да ги воведат во христијанството, а преку тоа и во редот на цивилизираните и просветени народи. Свети Наум со својот сотрудник, свети Климент, се големи факели кои веќе 11 века светат, просветуваат, утврдуваат во вистината Христова, лекуваат секакви болести и немоќи.
Нивното дело е продолжување на одот на нивните големи учители, светите Кирил и Методиј, кои ја заорале браздата во Панонија и Моравија со просветување на словенските народи. Но, без делото на свети Климент и на свети Наум се сомневаме дека ќе останело забележано делото на нивните учители, кое тие го продолжиле на брегот на Белото Езеро. Собирајќи се и денеска на овој почитуван собир, се надеваме и очекуваме дека делото на свети Наум ќе биде дополнето, појаснето и осветлено од повеќе аспекти преку научните трудови кои ќе бидат презентирани во времето што следува. Во исто време сакам да кажам дека овој научен собир всушност претставува и искрена благодарност за нивното севремено дело.
Уште еднаш искажуваме благодарност за учеството и посакувам плодотворна работа и пријатен престој во оваа средина.
Благодарам на вниманието.
04.10.2010 година
Универзитетски конгресен центар
Охрид