По повод одбележувањето на Јубилејот „1100 години од упокојувањето на свети Наум Охридски Чудотворец“ на ден 22 декември 2010 година, во катедралниот храм „Света Софија“ во Охрид се одржа свечена духовна академија, организирана од Собранието на Република Македонија. Академијата ја отвори протоѓакон Ратомир Гроздановски, професор на Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, а свои поздравни говори имаа Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и потпретседателот на Собранието на Република Македонија г-ѓа Светлана Јакимовска. За прекрасниот духовен амбиент се погрижи хорот „Св. Злата Мегленска“ од Скопје. На свеченоста беа присутни и Нивните Високопреосвештенства Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и Митрополитот Повардарски г. Агатангел, потпретседателот на Владата на Р. Македонија задолжен за европски прашања г. Васко Наумовски, градоначалникот на град Охрид г. Александар Петрески, деканот на Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје протоереј-ставрофор Александар Гиревски, пратеници од Собранието на Р. Македонија, членови на Советот на град Охрид, претставници од Армијата на Р. Македонија, како и други гости.
Asics shoes | Nike - Shoes & Sportswear ClothingЗа огромните заслуги и напори во возобновувањето на Светинаумовиот манастир во Охрид и за заложбите за возобновување на монаштвото во нашата држава, како и по повод 30 години од замонашувањето, а според решението и благословот на Светиот Архиерејски Синод на Македонската православна црква, Неговото Високопреподобие, игуменот на манастирот „Св. Наум Охридски“ од Охрид архимандритот Нектариј (Најдоски), беше одликуван со Орден „Св. Климент Охридски“ од втор ред.
Одбележувањето на овој голем Јубилеј продолжи утредента на 23 декември 2010 година во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид каде се одржа света архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Митрополит Повардарски г. Агатангел, архимандрит Нектариј, игумен Јосиф, протоереј-ставрофор Ефтим Бетински, свештеник Игор Никовски, протоѓакон Ратомир Гроздановски и ѓакон Никола Ѓурѓиноски.
Чествувањето на споменот на Св. Наум Охридски заврши со одржување на свечена седница на Собранието на Република Македонија.