На 05.01.2011 година во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, и оваа година, со сите почести и достојно на еден голем светител и подвижник беше прославен празникот на упокојувањето на преподобниот Наум, охридскиот чудотворец. Празнувањето започна на четврти јануари со празнична вечерна богослужба на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на игуменот  на Светинаумовиот манастир, архимандритот Нектариј, свештеникот Димче Азески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. Утредента се отслужи света архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, свештениците Игор Никовски, Димче Азески и Горан Ставрески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. По завршувањето на Литургијата се изврши мал водосвет и се прекрши празничниот колач. Митрополитот Тимотеј, кон многубројното верно паство, се обрати со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

Nike Sneakers | 【国内5月2日発売予定】ナイキ ウィメンズ エアマックス ココ サンダル 全4色 - スニーカーウォーズ

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Собрани во овој свет манастир посветен на свети Наум Охридски, денеска го прославуваме денот  кога овој наш молитвеник го напушта овој свет и се преселува во вечноста. Свети апостол Павле во едно од своите посланија ни заповеда: „Помнете ги и вашите наставници, што ви го проповедаа Словото Божјо, и имајќи го пред очи крајот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна“ (Евр. 13,7). И ние денеска го помниме нашиот учител онака како што вели Словото Божјо.
Покрај тоа што си спомнуваме за неговиот животен пат, Апостолот нè советува и заповеда да пазиме и на завршетокот на неговиот овоземен живот, а тука се содржи основната суштина и столб и тврдина на нашата вера. Црквата нè учи дека крајот на животот го определува вечното место каде ќе се најде секоја христијанска душа. Тоа би бил живот исполнет со добродетели, свет и благороден, како што бил и животниот пат и крајот на св. Наум. Во спротивно, животот би бил како да се сее без да се жнее или како дрво без плод. Еве уште едно уверување за подражавање на Божјите угодници во нивната вера.

Се поставува и прашањето дали ние ја исполнуваме оваа апостолска заповед? Дали ја подражаваме верата на св. Наум Охридски? Не мислам дека сосема нема подражаватели на верата на преподобниот Наум, зашто ако би било така, тоа ќе е големо разочарување за сите нас, па дури би звучело и очајнички. Не се сомневам дека помеѓу нас има луѓе сèцело одадени на Бога, вистински и искрени подражаватели на св. Наум Охридски и дека од таа увереност црпат и утеха и помош и ден денес. Бидејќи, заради малкумина и цели градови со нивните гревови би загинале, но семилостивиот Бог ги сочувал токму поради праведноста на неколку души како што му ветил на Авраама. Но, ако погледнеме на нашиот овоземен живот, или, поточно речено на обичниот живот, тогаш е прашање колкумина би се одлучиле да се утврдат во тоа подражавање на светиите.
Многумина сметаат дека денешното време не е погодно за подвизи, како што се подвизувале древните светители, па заради тоа честопати слушаме, а и гледаме разни оправдувања и изговори, дека доволно е само да сме христијани,. Но, таквите приличат на оние десет немудри евангелски девојки и нивното време си го поминуваат во спокојство, во спиење и задоволства. Не размислуваат дека портите ќе бидат затворени со ненадејното второ доаѓање на Младоженецот; мудрите девојки ќе влезат, а другите додека се разбудат и одат да купат елеј за да ги запалат светилниците, ќе ги најдат портите затворени. Дремливоста, или поточно мрзливоста,  отсекогаш била несвојствена за христијаните и одамна е осудена во овој расказ. Зашто нивната дремливост не е заради изнемоштеноста од претходните подвизи, туку поради мрзливост и неразборитост. Но, ако се направи една анализа во современиот свет, денеска нема да бидат пет неразумни, туку многу илјади по пет.

Да ја повикаме вистината, која никогаш не спие и не е мрзлива и со гласот на вознемиреност да нè разбуди со претпоследниот повик, додека сèуште има време за спасително делување и за вистински подвизи и за подготовка за средба со Небесниот Младоженец и Судијата на нашите души.

Божествената вистина,  уште во деновите на Стариот завет преку синовите на тогашната црква вели: „Господ ве избра денес вие да Му бидете Негов избран народ, како што ти рече, ако ги почитувате сите заповеди Негови, и дека вие ќе му бидете свет народ на Господа, вашиот Бог, како што рекол“ (5Мојс. 26, 18-19). Ова кажување во Повторените закони во прв план нè поучува дека имаме обврска да бидеме свети и соединети со почит, а истовремено нè обврзува на исполнување на сите Божји заповеди и ни кажува дека исполнувањето на заповедите Божји е единствен пат кон светоста. Како второ, ни покажуваат дека сите луѓе биле повикани од Неговите закони на подвизи и на исполнување на сите Божји заповеди, сè додека не ја постигнат светоста. И на крај, сето ова што Господ го барал можеби им било неугодно на луѓето, но, не и невозможно, бидејќи на Премудроста Божја не и е својствено да бара нешто што не е возможно.
Затоа и Господ Исус Христос доаѓа не да го разруши туку да го исполни старозаветниот закон(Мт. 5,17). Он ни дал Нов завет, посовршен од стариот кој бил само сенка на идните добра (Евр. 10,1). Преку посредништвото на верата и преку неговата сила Бог ни подари сè што е потребно за живот и побожност, а преку познанието на Оној Кој нè повика со својата слава и совршенство (2Петр. 1,3). Сето ова со нова сила нас ни дава обврска, а со тоа и заедно со предноста што ни се дава во нашата силна вера, да се подвизуваме и да ги исполнуваме Божјите заповеди сè додека не ја постигнеме целта, односно станеме свети.

После сето ова што кажавме, да се запрашаме во што се состои противречноста во Славата Божја, доколку ние се  откажеме од целта, под изговор дека не ни е пријатно да се угледуваме на угодниците Божји и од стремежот кон светоста. Доколку постапуваме така, ние ќе постапуваме не како новозаветно совршенство кое ни го дал Господ Исус Христос, туку ќе бидеме на уште пониско ниво од старозаветното и толку би се оддалечиле, што не би можеле да кажеме ни дека сме христијани.
Нашиот Господ Исус Христос нè учи: „Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен“ (Мт 5,48). Истото учење го следи и Апостолот кога вели: „Угледајте се на Бога , како чеда возљубени“ (Еф. 5,1). Ако е можно и ако сме должни да го подражаваме Сèмоќниот и Сèсветиот Бог, тогаш како да се откажеме од подражавање на свет човек. Тој со својата светост и со своите совети е поблиску и попристапен и ни помага во раководењето како да се воздигнеме, просветиме и осветиме. Нашата света Црква преку своето учење нè повикува да се искачиме на повисоко скалило кое достигнува до Небото. Обврската да ги подражаваме светите можеби ни создала потешкотии, а може и да нè исплаши кога ќе погледнеме на каква височина се наоѓаат тие со нивните подвизи и нивните добри дела. Но, да се подражаваат светиите не значи да се споредуваме во сè со нив. Тоа и не го бара и не го поставува како наша обврска и нашата света Црква, а не ни дава и нашата христијанска смиреност.
 
Словото на Апостолот ни заповедува да ги подражаваме нашите учители не во некој невообичаен и извонреден подвиг, или, пак, во правење чуда, како што можеле да го прават светите угодници, туку во верата на нашите учители, како што бара Словото Божјо. А тоа е да ја чуваме чистотата на правата вера во Триипостасниот Бог во нашето срце и верата во Единородниот Син Божји, Господ Исус Христос, Спасителот на светот, онаква вера која ни е предадена од апостолите и од светите отци и да ја сочуваме од лажните учители. Да ги слушаме нашите духовни оци и преку нивните совети да ја чуваме секогаш нашата вера, а таа да биде жива и да донесува добри плодови преку правење на добри дела кои се угодни  на Бога. Со таква вера и со такви дела ние ќе бидеме подражавачи на нашите учители и светители. Што се однесува, пак, до големите подвизи што ги читаме во житијата на светиите, тие можат само да нè инспирираат, та и ние да се стремиме кон поголеми подвизи, но и да нè смируваат, за да не се превознесеме и да паднеме во прелест.

Драги браќа и сестри, и денеска кога го прославуваме св. Наум Охридски да се обратиме со искрена вера и молитва кон него како наш учител и помагач. Да ни ја утврди нашата вера, да ги загрее нашите срца за да можеме да го подражаваме и ние со добри дела и да го оправдаме името православни христијани та да добиеме вечен и блажен живот. Амин!

Митрополит Тимотеј

св. Наум Охридски
манастир „Св. Наум Охридски“
05.01.2011 година, Охрид

DSC 2308

DSC 2326

DSC 2333

DSC 2342

DSC 2348

DSC 2360

DSC 2363

DSC 2386

DSC 2391

DSC 2400

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Ноември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
26 27 28 29 30 31 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 1 2 3 4 5 6