„Раѓањето Твое, Христе Боже наш, светот го озари со светлината на богопознанието; преку неа служителите на ѕвездите, се учеа од ѕвездата да Ти се поклонуваат Тебе – Сонце на правдата, и да Те познаат, Истоку од висините: Господи, слава Ти.“ ( тропар на Божик)
affiliate link trace | Nike Dunk Low Disrupt Pale Ivory - Grailify
Празникот на Раѓањето по тело на Господ Бог и Спасителот наш Исус Христос – Божик и оваа година беше свечено и торжествено прославен во нашата света епархија. Чествувањето на еден од најголемите христијански празници започна на шести јануари – Бадник, во предвечерието на Божјото овоплотување, со празнична вечерна богослужба во храмот „Свети Петар и Павел“ во Кичево. На вечерното богослужение началствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протојереј-ставрофор Ѓорѓи Лапоски, протојереј Војне Ристески, свештениците Стевчо Тошевски, Ристо Камбуроски и Игор Никовски и ѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на вечерната богослужба, беа осветени и бадниковите гранчиња, а Митрополитот Тимотеј пред многубројните верници се обрати со пригодна беседа, која подолу ви ја пренесуваме во целост.
Чествувањето на Раѓањето Христово продолжи на седми јануари, со божикна Литургија во сите парохиски храмови во нашата епархија. Света архиерејска Литургија се отслужи во црквата „Св. Никола – Геракомија“ на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, игумен Јосиф, свештениците Игор Никовски, Никола Христоски и Горан Ставрески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. На Литургијата беше присутен многуброен верен народ, а поголемиот дел од нив пристапија кон светиот Путир и се причестија со Телото и Крвта на нашиот Господ Исус Христос. По завршувањето беше прочитано и Божикното послание од Архиепископот Охридски и Македонски Стефан.
Од името на нашиот Митрополит Тимотеј и од името на целото свештенство ви го честитаме Раѓањето Христово со торжествениот поздрав Христос се роди!
Во продолжение ви ја пренесуваме беседата на Митрополит Тимотеј изговорена на Бадник:
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Светата Божикна ноќ била осветлена со најсјајна светлина која некогаш блеснала на овој свет. Таа светлина во средноќната Витлеемска темнина го означила доаѓањето на Оној, Кој ќе биде Светлина на светот со Својата љубов.
Бог отсекогаш го сакал човекот и затоа и го создал од земјата и му вдахнал бесмртна душа. „И го создаде Бог човекот според образот Свој“ (1Мој. 1,27). Нема сомневање дека создавањето на човекот ја осветлува неискажливата љубов Божја. Но, овоплотувањето на Синот Божји многу повеќе и многу посилно ја осветлува таа љубов Божја, отколку создавањето на човекот.
Бог го создал човекот без никакви потешкотии, само со еден збор. „Нека биде“ - а овоплотувањето на Синот Божји е извршено со голем труд и страдање, кое на крај се завршува со крвава смрт на крстот.
Голема љубов ни има укажано Бог кога нè извлекол од непостоење и ни дал живот. Но, уште поголема љубов ни укажал кога со Своето овоплотување ни дал можност да можеме среќно да живееме со Него во вечноста и во Неговото Царство на љубовта.
Додека го гледаме и оваа година Синот Божји кој постана сличен на нас, додека го набљудуваме во јаслите да се сетиме на таа неизмерна Негова љубов и да се погрижиме на Љубовта да одговориме со љубов. Да му одговориме не само со зборови, туку во прв ред со дела. Погледот на Младенецот Исус во јаслите ќе ни даде сила да истраеме во извршување на нашите верски должности и тогаш кога ни е тешко. Размислувањето за Неговата неизмерна љубов ќе ни даде сила да ги крстиме нашите деца, да ги воспитуваме во христијанскиот дух, воведувајќи ги во Црквата и во Божјата наука. Да пристапиме кон светите Тајни, пред сè кон исповед и причест, да се соединиме со Христа и да ги извршуваме сите обреди и должности што ги бара од нас нашата мајка Црква.
Овоплотувањето на Синот Божји, тоа најголемо дело на Божјата љубов се случило на „полноќ“, во темната пештера, во сиромаштво, во беда и мака.
Наредбата на царот Август ги натерало праведните Јосиф и Марија да ја остават нивната скромна куќичка во Назарет и да се упатат среде зима во тој туѓ крај. Оној кој им заповедал бил човек, но тие со силна вера во наредбата на царот ја гледале волјата на Бога. Со сигурна увереност во Божјата промисла тие одат напред. Бог знае сè и за сè ќе се погрижи - велат тие.
Во Витлеем нема место за нив, а не им преостанува ништо друго, освен да се скријат во некоја пештера каде се чувал добиток. Нечистотијата во пештерата нив не ги збунува. Тие знаат дека треба да се роди Син Божји, но исто така, знаат дека делата Божји се сосема поинакви од делата на луѓето. Па, ако мора и најголемото дело Божјо, овоплотувањето на Неговиот Син, да се случи во оваа бедна и нечиста пештера и во крајна сиромаштија, Јосиф и Марија немаат што да приговорат. Да мислеле според човечката мудрост сигурно би биле збунети, а можеби и би се побуниле и би протестирале.
Но, ништо од тоа не се случило. Тие во духот на покорноста и длабоката вера го дочекале извршувањето на најголемото дело Божјо: раѓањето на Синот Божји. И не се прелагале што и без најмалку сомневање верувале во Бога. Чудесната светлина и ангелите кои дошле да се поклонат на својот Создател биле награда за нивната вера, искушенијата и маките.
Ние веруваме дека Црквата е втор Христос на Земјава. Христос живее и денеска во Својата Црква. Тој во неа и денеска се раѓа во душите на луѓето. Он во неа работи, проповеда, прави чуда, трпи, се мачи, воскреснува. Да не се чудиме, ниту да се соблазнуваме, ако и денеска се повтори Витлеемската слика и ако Христос се раѓа во Црквата и во душите на луѓето, а веруваме, без колебање, дека повторно се раѓа во душите на луѓето, во сиромаштија, беда и темнина. Да не се плашиме! Неговата светлина е доволно силна за во еден единствен момент да ги осветли сите души на луѓето и да им го покаже на сите патот на спасението. Треба со трпение да се чека часот на победата на Светлината: на Неговата љубов над темнината, заблудата и омразата кои ја покриваат Земјата, како што чекале и праведниот Јосиф и Дева Марија.
Да веруваме дека срцата на луѓето се создадени за љубов и таа љубов никој не може да им ја донесе, освен Христос. Таа непобедлива љубов Христова ви ја посакувам на сите браќа и сестри и ви го честитам големиот празник Бадник.
Митрополит Тимотеј
Бадник
храм „Св. Петар и Павел“
06.01.2011 година, Кичево