На ден 08.01.2011 година, на празникот Собор на Пресвета Богородица (втор ден Божик), света архиерејска литургија се отслужи во храмот „Св. Никола Чудотворец“ во Охрид, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, свештениците Игор Никовски, Сашо Ристески и Димче Азески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Владо Недески. Истиот ден беше осветен и новиот иконостас, дело на Тони Размовски од Битола, а донација од г-дин Љубе Јовчевски, приватен стопанственик од Скопје. По завршувањето на Литургијата Митрополитот Тимотеј им се обрати на присутните верници со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме:
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
Еве, радосно го дочекуваме доаѓањето на големата Божја љубов искажана во раѓањето на Богомладенецот за да нѐ спаси од грев, да ни го покаже патот на спасението и напредок во животот на оваа земја, и да ни ги отвори дверите на вечниот живот.
Бог постанал младенец за да ни покаже колку е големо достоинството и колку се големи Неговите права како човек. Витлеемскиот Младенец од јаслите нè учи дека детето има право на трострук живот, и тоа: телесен, духовен и верски живот. Затоа родителите треба и мораат на секое родено дете да му посветат внимание во телесниот живот. А тоа подразбира: да го гледаат, воспитуваат, образуваат. Исто така, се должни детето да го упатуваат во развојот на неговиот духовен живот, односно, да постане запознат со културните и духовните вредности на својот народ и, воопшто, на човештвото. И како трето, и не помалку важно, тие се должни своето дете да го упатат и во верскиот живот, кој е многу важен во сечиј живот. Верскиот живот е најважен од секој друг живот, бидејќи од него зависи нашиот вечен живот. Затоа прва и најважна должност на родителите е да се погрижат нивните деца да добијат верски живот, а тоа ќе го постигнат така ако децата сами ги воспитуваат и одгледуваат на верските начела, ги водат во црквите, но, исто така, и ги праќаат на верска поука во образовниот систем.
Бог од љубов кон човечкиот род стана дете и легна на грубата слама. Каде што се родил немало ни она што и најсиромашните меѓу нас го имаат, а тоа е покрив над главата. Тоа Бог го направил затоа, да ни покаже дека богатството и, воопшто, материјалните вредности не и даваат посебна вредност на човечката личност. Младенецот Исус од витлеемските јасли нè учи дека вредноста на човековата личност ја дава единствено неговата бесмртна душа, ако не е извалкана со гревови. Затоа никогаш да не ги претпоставуваме материјалните овоземни богатства пред духовните вредности.
Бог постанал дете и заплакал во јаслите. Плачот е говор на љубовта. А да се сака значи несебично на другите да им се служи. Затоа тој плач од витлеемската пештера, која служела за засолнување на стоката, не ја слушнале гордите фарисеи во Ерусалим, кои биле исполнети сами со себе, кои мислеле дека никој не е како нив и дека сите се под нивните колена. Затоа тој говор на Божјата љубов нема да го слушнат ниту денеска од нас тие кои се исполнети со самите себе, со гордост, охолост и надуеност. Тој Божји глас на љубовта го слушнале скромни и чесни пастири на овци и трите благородни мудри цареви, како што и денеска ќе го слушнат од нас оние кои се чесни, скромни, побожни, независно дали се учени или неуки.
Бог станал Дете, па останал да лежи како немоќно суштество во јасли. Љубовта и вистината често пати се здружуваат со материјалната немоќ. Но сепак, љубовта ќе остане непобедлива, бидејќи човечкото срце е создадено за љубов. Можел Богомладенецот Исус да употреби и сила кон нас, можел од небото да доведе дванаесет легиони ангели, па да нè присили сите да Му се поклониме пред јаслите. Но, Он тоа не сакал да го направи пред 2010 години. Он тоа нема да го направи ниту денеска. Он сака сите да нè привлече со Неговата љубов. Само оние ги сака кај своите јасли кои слободно ќе дојдат кон Него како кон вистински Бог. Да бидеме горди стоејќи покрај нашите јасли бидејќи тие се гаранција за слободата на луѓето. Но, да се сетиме дека само оној човек е вистински задоволен кој во својата душа има слобода од тешкиот грев. Најголемо ропство е внатрешното робување на своите ниски нагони.
Да ги искинеме синџирите на злото ако во нив сме заплеткани, да пристапиме кон светите тајни, посебно кон исповедта и Причеста, па ќе почувствуваме како е голема слободата со која Христос нè има ослободено, и колку е драгоцен душевниот мир кој се раѓа од таа слобода. Тогаш секој од нас ќе го доживее својот природен христијански Божик.
Драги браќа и сестри, да отфрлиме од нашите души, од нашите срца, од нашите помисли сè што е земно, и да го замениме со она што е возвишено, благородно, небесно, свето. Тогаш ќе создадеме во нашите души и во нашите мисли можност Богомладенецот Христос да се роди најпрво во нас, а потоа во нашите семејства, во нашите соседи, во нашата околина, за да можеме достоинствено да го дочекаме и прославиме раѓањето на Спасителот на светот, Господ Исус Христос. Со овие мисли и желби архипастирски ви го честитам рождеството Христово со стародревниот вековен поздрав:
Христос се роди!
Митрополит Тимотеј
Собор на Пресвета Богородица
08.01.2011 година, Охрид