На 24.02.2011 година,  денот кога го чествуваме празникот на св. свештеномаченик Власиј и св. мч. Ѓорѓи Кратовски, како и по повод 120 години од изградбата и осветувањето на храмот „Св. свешт-мч. Власиј“ во с. Ложани, Струшко, се отслужи света архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протојереј- ставрофор Илија Танаскоски, свештениците Ристе Наумоски и Игор Никовски и ѓаконот Васко Голабоски. По завршувањето на Литургијата беше промовирана книгата Летописна книга на црквата  Св. Власиј Ложани од отец Ристе Наумоски, а промотори беа д-р Милан Бошкоски и д-р Ели Милошеска. Митрополитот Тимотеј им се обрати на верниците со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост:

url clone | Nike Shoes

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Денеска сме собрани во овој свет храм посветен на св. мч. Власиј да го прославиме овој Божји угодник, а истовремено да го одбележиме и јубилејот 120 години од осветувањето и градбата на овој Божји дом. Секој човек е должен постојано да искажува благодарност на Севишниот, зашто Тој отсекогаш, уште од создавањето на светот и човекот, промислува, се грижи за опстанок, за живеење и делување, а пред сè за спасение на родот човечки. Ние денеска им искажуваме благодарност на нашите предци што го изградиле овој свет храм, иако живееле во многу потешки услови за градење и создавање на вакви Богоугодни, Христољубиви и човекољубиви дела. Но, најголемата нивна заслуга е што ни оставиле и на нас денеска да имаме свет храм, во кој секоја христијанска душа добива преродување, осветување, очистување и соединување со нашиот Спасител, Господ Исус Христос. А сето ова го потврдува св. ап. Павле со зборовите: „Бог ја докажа љубовта Своја кон нас со тоа, што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни“ (Рим. 5,8).

Светите отци, Црквата Божја често пати ја претставуваат на симболичен начин како брод, а верниците кои влегуваат во тој брод  со помошта на вистинскиот кормилар ги надминуваат сите бури, ветрови, непријатности и го завршуваат нивниот животен пат во тивкото и мирно пристаниште. И нашата света Црква во овие подготвителни недели пред големиот велигденски пост нè опоменува и нè потсетува како да најдеме душевен мир и одмор од сите тешкотии и непријатности што ги носи животот. Затоа имаме денови кога можеме искрено да се молиме: „Кон Господа повикав во мојата неволја Он ме чу; извикав од утробата на пеколот – и Ти го слушна гласот мој“ (Јона 2,3).

Во овие претстојни денови светата Црква нè повикува мислено да влеземе во бродот и да пловиме кон тоа тивко пристаниште, кон кое брзаат и кон кое чезнеат сите вистински христијани и каде се добива прав и вистински мир, а кој донесува неопислива радост во срцето и душата на оној кој пливајќи и патувајќи по немирното животно море успева таму да исплови. Таа наша пловидба кон тоа мирно и тивко пристаниште ќе роди плод и ќе ја оствариме целта само ако нашето животно кајче го довериме на Христа, вистинскиот Небесен Кормилар. Затоа Господ Христос вели: „Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Мт. 11,28).
Милоста Божја е поголема од секаков грев што човек го прави. Да се потсетиме на разбојникот кој заедно со Христа висел на крстот и кој за време на земниот живот пловел со кајче по морето на лагата, измамата, кражбите, измачување на своите браќа, убиства и слични недела. Тој бил најодан ученик на својот татко, оној кој е причина на секое зло, Сатаната. Висејќи, пак, на крст, покрај најголемиот праведник, Синот Божји, кој грев нема, се пробудува неговата совест и со препород на својата душа преку покајание, иако во последен момент од својот земен живот, го враќа своето животно кајче од нечесниот пат и се упатува кон тивкото пристаниште, обраќајќи му се на Христа со зборовите: „Сети се на мене Господи, кога ќе дојдеш во Царството Свое! А Исус му рече: Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во Рајот“ (Лука 23,42-43). Благодарејќи на Божјата милост и љубов, разбојникот успеал да го врати своето животно кајче од патот на Сатаната, иако во последен момент од својот земен живот, успеал да доплови до тивкото пристаниште, до Царството Божјо. Затоа Семилостивиот Господ и нас ќе ни го отвори и покаже вистинскиот пат по којшто треба да одиме и пловиме кон тивкото пристаниште, но само ако имаме храброст, доблест и покорност и ако се научиме да се покаеме за нашите престапи и гревови и се ползуваме со благодетите и благодатта што ни ги нуди нашата света Црква. Тогаш и ние, како и разбојникот, ќе бидеме помилувани и ќе го добиеме ветеното Царство Божјо.

Но, драги браќа и сестри често пати некои од незнаење, а некои и сознателно го земаат патот погрешен, патот широк, патот кој на прв поглед нуди овоземни задоволства, слава, почит и пофалба, но кој на крај завршува поразително и осудително од нашиот вечен Пријател и Спасител. Светата православна Црква во своите канони и прописи најостро забранува на секој христијанин да се занимава со гатање, врачање, кушање, а исто така и забранува да се оди кај сите такви, бидејќи таа работа не е од Бога и од Божјите угодници, туку е од нечестивиот, од Демонот и неговите слуги. Не случајно ова го потенцирам и кажувам во овој свет храм, бидејќи во вашето село кое е познато и прочуено со благочестив народ и сочувани православни традиции, со вистинска вера во Христа и божјите угодници, во последните години се појавува личност, која можеби несвесно, а можеби и свесно, се оддава токму на овој пат кој го осудува и забранува нашата света Црква. Затоа се обраќам до сите вас кои сте присутни на оваа света Литургија, но и до оние кои не се,  да не одат по такви патишта, затоа што само грев прават на својата душа, а никакво добро.

Да се обратиме со искрена молитва кон св. Власиј, овој Божји угодник и епископ кој маченички го заврши својот живот, не откажувајќи се од Христа и од светите канони и прописи, тој да биде наш молитвеник пред престолот на Севишниот Господ. Св. Власиј да ни всади дел од неговата силна и непоколеблива вера и во нашите души, та и ние да можеме да го исповедаме и проповедаме со вистинска православна вера нашиот Спасител, Господ Исус Христос. А Он да ни подари и да нè однесе во тивкото пристаниште, односно во Царството Небесно. Нека е честит празникот и јубилејот и на многу години. Амин! 

            Митрополит Тимотеј

24.02.2011 година 

храм „Св. Власиј“  с. Ложани, Струга

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Август 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
27 28 29 30 31 1 2
3 4 5 6 7 8 9
10 11 12 13 14 15 16
17 18 19 20 21 22 23
24 25 26 27 28 29 30
31 1 2 3 4 5 6