Секоја од неделите на Великиот пост има две значења. Од една страна секоја е совршено вклопена според ритамот и „духовната дијалектика“ на Великиот пост, а, пак, од друга страна, во текот на својот историски од, Црквата им давала на овие недели и друго, поодредено значење.
На 13.03.2011 година, во Првата недела од Великиот пост – Недела на православието, во која се слави победата над иконоборството и повторното воведување на иконите во Црквата, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереите Сашо Богданоски и Димче Ѓорѓиески, свештеник Игор Никовски и ѓакон Николче Ѓурѓиноски. Пред многубројниот верен народ, кој зеде учество во евхаристиските молитви, Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.
latest Nike Sneakers | Nike Air Force 1 Low White Grey Gold - CZ0270-106
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!
Денеска нашата православна црква го прославува празникот наречен Недела на Православието. Воведен е како празник во првата половина на 9 век или поточно 842 година во Цариград. Оваа недела тогашниот цариградски патријарх Методиј, заедно со царицата Теодора на најсвечен и торжествен начин ги внесуваат иконите на Господа Христа, на Мајката Божја и на божјите угодници во катедралната црква Света Софија. Затоа овој празник и се нарекува триумф на православието и победа над сите еретички учења, а особено над иконоборците.
Со оваа победа Вселенските собори го утврдуваат правилното учење на светата Црква за иконите, за нивното почитување и молитвеното поклонување. Во учењето на светите отци се зборува дека честа на иконите не се однесува на самата материја на која е направена иконата, туку на изобразениот на неа лик, а молитвеното поклонување му припаѓа на самиот праобраз. И ние, кога се поклонуваме на светата икона, се поклонуваме на небесниот молитвеник и застапник кој е изобразен и насликан на таа икона. Учењето за светите икони било формулирано врз основа на православните христијански верувања, базирајќи се врз божественото откровение, учењето на апостолите и преданието на светите отци. Затоа денешниот ден се нарекува торжество на православието.
Да се вратиме кон светите икони и да го поставиме основното прашање. Кој прв започнал да го изобразува Господа Исуса Христа, Божјата мајка, светите Божји угодници што ние ги гледаме во нашите свети храмови и домови? Првите изобразувања или сликања не биле плод на човечки изум и раце. Самиот Господ Исус Христос го оставил Неговиот лик на убрусот платнен и го испратил на Едескиот цар Авгар за да го излекува од болеста од која боледувал. Невидливиот и недостижниот Дух Свети, примил лик на гулаб и како таков посведочил за славата на Бога Отецот за време на крштевањето во Јордан на Бог Синот. Он го примил огнениот јазик за време на Педесетница и им дал власт на апостолите да го проповедаат словото Божјо и да им ги проштеваат гревовите на луѓето.
Прв од луѓето кој насликал икона бил свети апостол и евангелист Лука. Тој ја насликал Божјата мајка, за која самата Пречиста Дева рекла: „На овој лик ќе престојува мојата благодат и мојата сила“. Таков е почетокот на преставувањето на иконите на Господа Исуса Христа, Светиот Дух и на Мајката Божја. Како е можно тогаш на христијаните да не им се изобрази Крстот на кој бил распнат Господ Христос заради нашето спасение? Господ Исус Христос постана орудие за нашето спасение. Тој воскресна од гробот. Тогаш како е можно на првите христијани да не им биде преставен отворениот гроб, но не како знак на смртта, туку како воскресение после погребот?
Бидејќи Господ е безгрешен, Он ги зеде врз себе нашите гревови. Он е несомнено Јагне Божјо, Кое ги зема на Себе гревовите на светот (Јов. 1, 29) и ништо не им пречело на христијаните да го изобразуваат со што ќе ги потсетува на тоа Јагне на тој Пастир Кој го носи јагнето на своето рамо.
Затоа и денеска, во најраните собиралишта на христијаните и молитвените домови, а тоа се катакомбите, ние сретнуваме изобразување на светиот крст, потоа на Јагнето Божјо, на Пастир, потоа риба како и буквите ИС - ХР - што на грчки значи риба ИХТИС, потоа софра со кршење на лебови и слично. Но, вистинско и јавно недвосмислено преставување и сликање на ликовите на Господа Исуса Христа, на Мајката Божја и на Божјите угодници силно ќе се прошири по севкупниот христијански свет, откако христијанството ќе издејствува победа и доминација над незнабоштвото. Тоа ќе биде уште посилно забележано после значајниот Милански едикт, кој светиот цар Константин ќе го издаде во 313 година со кој христијаните ќе добијат право на исповедување на верата.
Како што знаеме, црквата Христова уште од самиот почеток најпрво била прогонувана од римските цареви и од Јудејците, но после слободата, Црквата ќе добие внатрешни непријатели кои ќе почнат погрешно да учат и да исповедаат и кои ќе предизвикаат тешки непријатности и тешки борби во редовите на епископите, монаштвото, свештенството и верниот народ. Најпрв ќе започне таква внатрешна борба учениот александриски презвитер Ариј, кој ќе предизвика големи потреси во 4 век и за што Црквата ќе биде принудена да свика и прв Вселенски собор во Никеја во 325 година и да го прогласи Аријанството за ерес. Потоа ќе се појават лажни учители како што се Несторие, Ефтихие, Диодор и на крај, иконоборците кои ќе бидат подржувани и од самите Византиски императори кои ќе донесат големо зло и ќе бидат уништени голем број на икони и фрески. Откако црквата ќе ги победи сите овие лажни учења ќе го воведе и овој празник кога ќе се објави триумф на православието и победа над иконоборството.
И ние денеска кога го прославуваме овој празник да се обратиме со молитва кон пресветлиот лик на Господа Исуса Христа која гласи: ;На Твојот пречист образ се поклонуваме, Благи, просејќи опростување на нашите гревови, Христе Боже. Зашто Ти доброволно си примил со телото да се издигнеш на крстот, за да не¤ избавиш нас, кои си не¤ создал, од ропството на ѓаволот. Затоа благодарствено Ти пееме: „Спасителе наш, Кој си дошол да го спасиш светот, со радост се¤ си исполнил“. Амин!
Митрополит Тимотеј
Недела на православието
13.03.2011 година, Охрид