Втората недела од Великиот пост е посветена на великиот подвижник, светител и боговидец, Григориј Палама. Осудата на противниците на св. Григориј Палама во XIV век и потврдата на Паламитското учење била повод за прогласување на втора победа на православието против еретичките учења. Токму затоа и светата Црква ја посветила оваа втора недела на овој голем богослов и мистик.

На празнувањето во оваа втора недела од Великиот пост (20.03.2011) света архиерејска Литургија беше отслужена во параклисот посветен на „Св. Григориј Палама“ во манастирскиот комплекс „Св. Ѓорѓи“ во Рајчица, Дебар, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на арх. Партениј, еромонасите Доситеј, Макариј и Јосиф, свештеник Игор Никовски и ѓакон Васко Голабоски. Пред многубројниот верен народ, со пригодна беседа се обрати Митрополитот Тимотеј, која интегрално ви ја пренесуваме.

spy offers | JORDAN BRAND

           
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Премилостивиот Господ го создал човечкиот род за постојано да Го прославува, за да биде во непосредна близина до Бога и да ги ползува рајските благодети. Додека првите наши прародители живееле во хармонија со законот Божји, тие ги ползувале овие дарови од Бога дадени, бидејќи живееле во хармонија со законот и прописот што Бог им го дал. Но, нашите прародители Адам и Ева го нарушија тој ред и поредок и ја изгубија таа хармонија и  за тоа беа казнети, односно истерани од рајот. Човекот паднал и се насочил од доброто кон злото, од праведното кон грешното, од благородното кон злобното. А, како што знаеме, човекот е создаден да прави добро и да живее во добро. Со паѓањето во грев, човекот наместо да се насочи кон доброто, тој го променил својот правец и правел зло во светот  и светот станувал зол и непријатен.

За да се врати светот кон првобитната состојба треба да се измени, а за да се измени може да придонесе само човекот, кој е причина за оваа појава на злото. Но, за да го направи тоа, човекот треба од себе да започне да се изменува, корегира и поправа, односно да го насочи својот живот кон доброто и кон светото и човечкото. Затоа и нашиот Спасител Господ Исус Христос во светото Евангелие како најдобар учител препорачува: „Лицемере, извади ја прво гредата од твоето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на брата си” (Мт. 7, 5). Но, за да се постапи вака потребен е сериозен напор и подвиг. Најпрво, треба да се изврши анализа на своето битие и да се откријат своите егоистички желби и склоности и да се исфрлат од своето срце сите себични однесувања, да се отфрли гордоста од својата душа, која е мајка на сите зла.

Овие денови на Големиот пост, светата Црква ни предлага токму  такви подвизи, и тоа најпрво да ја извадиме раската од своето око, или, подобро речено, од своите очи, според зборовите на нашиот Спасител: „Светило за телото е окото. И така, ако твоето око биде чисто и целото твое тело ќе биде светло; ако, пак, твоето око биде лошо, целото тело ќе ти биде темно. И така, ако светлината, што е во тебе, е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината?” (Мт. 6, 22-23). Треба да исфрлиме од нашето срце и од нашиот ум, од нашата душа сè она што ги засенува нашите очи, сè што е темно и нечисто во нас и ја намалува светлоста Христова и ја засенува со темнината на сатаната. За време на овој пост светата Црква нè повикува да бидеме и стражари и чувари на нашата душа, за да пазиме во неа да не се вовлече некаков ајдук. Во душите и покрај повеќе гревови има и скриено богатство.

Современите рудари и геолози и други научници влегуваат во јадрото на земјата барајќи го скриеното богатство. Благодарејќи на современите технологии, нивните трудови завршуваат со пронаоѓање на корисни нешта кој сите ние ги користиме за наше општо добро. Но, најголем извор на корисни средства за нашиот духовен живот наоѓаме во Бога - Кој е извор на сите богатства и дарови. Од тие Божји дарови се хранат нашите души во кои е Божјата топлина и светлост и милост и секое добро. Секој човек со својот труд и постапка треба својата душа да ја збогатува со тие Божји добра од нивниот неисцрпен извор. Користејќи се со тие Божји добрини или богатства, во човекот се вселува Царството Божјо. Ползувајќи го земното богатство човекот се чувствува извонредно задоволен. Но, со стекнување на духовни вредности од божествениот извор човекот не чувствува само задоволство, туку духовна радост и спокојство во неговата душа.

Духовните луѓе, искрени и простосрдечни, мерејќи ги сите свои постапки со Божја мерка, уште на земјава се преобразени и препородени со светото Евангелие преку постот и молитвата. Тие уште тука на земјата ја чувствуваат присутноста Божја и се осветлени со Божествената светлина и топлина и слободно може да се рече дека тие се осветлени и преобразени од Светиот Дух преку нивниот подвиг и нивното молитвено правило. Тие се потполно среќни и задоволни. Тие се целосно преобразени и уште тука на земјата го чувствуваат Царството Божјо, сигурни со својот богоугоден и богоподобен живот. Тие уште тука на земјата се одликуваат со својата светлина, со својот пример, со својата кротост, со својот однос и со еден збор со својата духовност и благорадосност.

Можноста христијанинот да се промени и преобрази најпотполно и најдобро  ја опишал светиот Григориј Палама, на кого е посветена и оваа втора недела од Великиот пост. Според него, постот е најефикасно средство за преобразба на нашата природа, а покајанието е, пак,  столб и основа за наше изменување и корегирање од зло кон добро. Пожелно е секој христијанин да ја доживее во својот живот чистотата и светоста на Божјите праведници. Дури тогаш ќе може да се рече дека постигнал духовно преобразување. Ние сите знаеме дека тоа за нас луѓето кои сме оптоварени со разни слабости и гревови е тешко но, она што е за нас грешните неможно, тоа за Бога е можно. Затоа е потребно постојано да се молиме, а особено во овие денови на Великиот пост да бараме просветување и очистување од гревот со помошта Божја. Па затоа заеднички да се обратиме кон Изворот на сите добрини со покајната молитва: „Вратите на покајанието отвори ни ги, Животодавче, зашто мојот дух поранува кон Твојот свет храм, носејќи го храмот телесен сиот осквернет: но, како штедар, очисти го со Твојата милост голема”. Амин!

Митрополит Тимотеј

Втора недела на Великиот пост
20.03.2011 година,

параклис „Св. Григориј Палама“ Рајчица

12

17

18

21

22

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2