Третата недела од Великиот пост – Крстопоклона недела е посветена на чесниот и животворен крст. Токму на средината од светата Четириесетница, Црквата ни дава утешение и нè потсетува на страдањата на нашиот Спасител Христос. „Крстот е наречен животворно дрво, тој е Дрвото насадено насреде рајот и затоа нашите оци сеќавајќи се на тоа како Адам го имал блаженството и го изгубил, го предлагаат неговото прославување на средината од постот, потсетувајќи нè дека ако имаме учество во ова Дрво нема веќе да умираме, но ќе имаме вечен живот...“ (Синаксар на Крстопоклона недела).
Во оваа Крстопоклона недела на ден 27.03.2011 година, во храмот „Св. Ѓорѓи“ во Струга беше отслужена света архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј (Најдоски), протоереј-ставрофор Илија Танаскоски, протоереј Митре Попоски, свештениците Петар Бојчиноски и Игор Никовски и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. Според обичајот на православната Црква, пред почетокот на Литургијата, беше изнесен за поклонување светиот Крст, кој останува на средината од храмот преку целата седмица, а Митрополитот Тимотеј на верниците кои дојдоа да се поклонат им подели гранчиња од босилек. По завршувањето на Литургијата нашиот Митрополит се обрати кон верното паство со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!
Оваа недела е на средина од Великиот пост. Затоа светата Црква на своите верници им го изнесува светиот и животворен Крст Христов и ги повикува со вера и набожност да пристапат и да му се поклонат. Крстот Христов е симбол на победата на нашиот Спасител Господ Исус Христос над Сатаната, а со тоа станал и орудие на нашето спасение. Нашиот Спасител, со Неговото доброволно страдање и распнување на крстот, го избави човечкиот род од грев и вечни маки и нè воведува во небесното Царство. Господ Исус Христос на крстот ја испил најгорката чаша која била исполнета со сите беззаконија на човечкиот род. Неговата пречиста и невина крв ги има измиено сите наши гревови и ги излекувала нашите души од сите смртоносни рани. Во исто време на крстот му дал непоколеблива сила да може сите демонски сили да ги победува, а на сите верници кои веруваат во Господа Исуса Христа да се борат во овој свет со сите лоши сили кои ги напаѓаат.
Ние знаеме дека чесниот крст уште од најраните времиња бил предмет на почитување. Затоа го наоѓаме уште во катакомбите на првите христијани како што се во: Рим, свети Калист, свети Себастијан и др. Ние и денеска кога благочестиво и со побожност му се поклонуваме и го целиваме светиот крст, всушност се поклонуваме на Нашиот Спасител Господ Исус Христос, Кој преку него го избави човечкиот род од вечната смрт, од Сатаната и гревовите на луѓето.
Особено се среќни оние христијански души кои денеска во светиот крст гледаат триумф, односно победа на вистината над лагата, правдата над неправдата, животот над смртта. Светиот крст и денеска ги мие нашите гревови, ја отстранува духовната нечистотија, заспаните ги пробудува од гревовниот сон, грешниците ги поттикнува на покајание, ги пробудува заспаните совести и со еден збор ги просветува и препородува за вечен живот оние кои со јака вера се обраќаат за помош на Оној, Кој својот праведен живот го завршил на крстот. Бидејќи секој кој се поклонува на крстот и го целива со вера, надеж и љубов и со искрено покајание, добива од крстот Божја сила за мирен и спокоен живот на земјава и блажен живот на небото. Но, сето тоа ќе го добиеме само ако како вистински верници ги запазиме и останатите закони и прописи што ги бара нашата света православна Црква. Оваа Божја помош и сила на секој човек му е потребна секогаш, но особено во овој временски период од Великиот пост, кога ние како мало стадо Христово сме повикани да ги мобилизираме сите наши духовни сили за да можеме да се пресметаме со нашите слабости, грешки и гревови кои нè попречуваат во исполнувањето на законот Божји, нè оддалечуваат од вистинскиот пат и ја возбудуваат нашата душа и ја попречуваат да биде излекувана и да биде здрава.
Скоро сите знаеме дека секој спортист или било кој уметник ако сака да биде успешен во својата област тој е должен да вложи огромен труд со вежбање, и тоа не еден ден и една недела, туку по неколку месеци и години, па дури тогаш да се надева на евентуален успех. Така и секој христијанин ако сака и најмало христијанско дело да постигне, потребно е да вложи сериозен труд, односно жртва за да може тоа да го постигне. Господ Исус Христос ја поднел најголемата жртва на крстот. Значи за наша успешна борба со злото и беззаконијата и гревовите потребна е наша голема жртва. Нашата света Црква и денеска нè повикува на подвиг, жртва и самоодрекување, бидејќи Нашиот Спасител во Евангелието вели: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене”. (Мар. 8, 34). Со овие зборови светата Црква нè повикува слободно, а не со принуда да го прифатиме Христа, односно да одиме по Него и да оставиме сè во овој свет и да живееме според учењето и барањето на нашата света Црква. Да се откажеме од себе значи да оставиме сè што имаме, сè во овој свет и да го следиме Христа со носење на нашиот крст, односно сè што ќе нè снајде во овој живот да го примиме како допуштање Божјо и без роптање да го носиме, бидејќи светиот крст е симбол на нашето спасение. Преку крстот ние можеме да се удостоиме да одиме по Христа и да го наследиме вечниот живот. Преку крстот ние ги распнуваме нашите гревови и се збогатуваме со добродетелите.
Драги браќа и сестри, денеска кога се поклонуваме на чесниот крст, да се обратиме со искрена молитва кон Нашиот Спасител, но претходно да провериме во нашите души и нашата совест дали навистина искрено и со чиста вера и искрено покајание го следиме Христа и му се доближуваме да го целиваме на чесниот крст. Доколку тоа не сме го постигнеле, да побараме помош од Господа Исуса Христа, Тој да ни ги опрости нашите гревови и да ни ја даде Неговата помош да можеме искрено да одиме по Него и да го носиме нашиот крст. И така да го поминеме остатокот од нашиот живот во мир и извесно задоволство, а од крстоносецот Христа, Нашиот Спасител, да добиеме на небото награда и вечен живот во Царството негово. Амин!
Митрополит Тимотеј
Крстопоклона недела
27.03.2011 година, храм „Св. Ѓорѓи“ Струга