Откако светата Црква нè утеши со светиот Крст, сега нè воведува во вториот дел од Великиот пост кога акцентот веќе не е на нас, туку на страдањата Христови – „Оти ги учеше учениците Свои и им велеше дека Синот Човечки ќе биде предаден во човечки раце, и ќе го убијат, и на третиот ден по убивањето ќе воскресне.“ (Мар. 9, 31). Оваа четврта недела е посветена и на св. Јован Лествичник, голем подвижник на Црквата Христова и писател на книгата Лествица, во која следејќи го својот духовен опит го изложува своето учење за духовното усовршување.
Best Authentic Sneakers | UK Trainer News & Releases
Во оваа четврта недела од Великиот пост на ден 03.04.2011 година во храмот „Св. Петар и Павле“ во Кичево беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј (Најдоски), протоереј-ставрофор Ѓорѓи Лапоски, протоерите Војне Ристески и Стевчо Тошевски, свештениците Ристо Камбуроски и Игор Никовски и ѓаконот Николче Ѓурѓиноски. На Литургијата присуствуваа мноштво верници, а оние кои се подготвувале пристапија кон светото Тело и Крв Христови. Митрополитот Тимотеј се обрати кон верното паство со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
Денешното свето Евангелие ни раскажува како учениците на нашиот Спасител Господ Исус Христос се вратиле од првата нивна проповед. Нивната радост била забележителна во нивните души поради нивниот успех во мисијата. Многу чуда извршиле во името на Христа. Но, еден неочекуван настан им ја затемнува нивната радост. Тие не можеле да го излекуваат болниот син на еден несреќен родител.
Разочарувањето им ги скршило вратите на срцето. Тие почувствувале во нивната душа загриженост. Нивниот јасен поглед кон небото беше затемнет со темен облак. Речиси скршени од неочекуваниот удар, тие со видна огорченост го пресретнуваат Господа Исуса Христа со еден длабок поглед како од бездна. Јазикот им молчел, погледот им зборувал и барал помош.
Учителе, избрзал таткото чие срце веќе се топело од сомнеж велејќи: „Го доведов при Тебе син ми во кого има нем дух... и им кажав на учениците Твои да го изгонат, но тие не можеа... Ако можеш, смилувај се на нас и помогни ни. - Христос му вели: Ако можеш да поверуваш? Сè е можно за оној што верува!“ (Мар. 9, 17 – 23) - одговорил Христос и го вперил својот благ поглед кон овој несреќен татко што барал помош. Таткото се збунил. Како со стрела да било прободено неговото срце. Во неговиот поглед се забележало и очајание и молба. Измешан извик му ги затреперил градите. Се слушнал глас со плачење: „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие“ (Мар. 9, 24).
Верувам, Господи! Очигледно овој извик бил восклик на некаква вера. Таа вера и го упатила несреќниот родител по патот кон Христа. Но, таа била многу слаба и може да се види дека тој тоа не го знаел. И апостолите не можеле да го разберат. Христос погледнал во дното на таа душа. Тој наоѓа наместо вера, призрак на вера. Под огнениот поглед се стопил тој призрак на верата. Срцето се покажало празно, а душата пуста. Во таа пустелија биле потонати сите обиди за излекување на болното момче од учениците Христови.
Ако можеш да поверуваш – му вели Господ Исус Христос. Христос го ставил својот прст точно на болното место. Човекот никогаш се немаше допрено таму. Тој никогаш се немаше загледано во неговото срце. Одвај дури сега тој го вперил својот поглед таму во својата душа. И наоѓа една ужасна празнина. Наместо разгорен оган во срцето, блеснал студен мраз; наместо вера - видел црв на сомневање. И тој се исплашил. Целата душа затреперила. Каменот што му го притискаше срцето се скрши. Изворите на очите му се отвориле. И солзи од дното на душата потекоа – „Верувам, Господи, сакам да верувам, помогни му на моето неверие“ (Мар. 9, 24).
Браќа и сестри, ако ве прашам дали верувате во Бога и дали го исповедате Христа, ќе ми одговорите: Да, веруваме! Дури може некој од вас да се најде и навреден од прашањето. Признавам дека сите веруваме. Имаме вера во нашите срца. Самото наше присуство во храмот сведочи дека веруваме, зашто во спротивно немаше да бидеме во храмот на богослужба. Така е. Но, дали се имаме запрашано за силата на нашата вера? Дали во нашето срце гори свештениот пламен? Гледајте! Несреќниот татко сметал дека верува, а неверието му го зафатило неговото срце.
Се плашам дека многумина од нас мислат дека веруваат, а всушност срцата ги оставиле да им бидат студени за верата. А тоа е многу опасно. Таквата вера не е животворна. Таа е мртва и бесплодна. И со таква вера ние ќе можеме да одиме во нашиот живот. Но, доаѓа неочекуван настан. И ете сè се изменува во овој свет. Пријателите нè забораваат, богатството се покажува немоќно во нашите раце. Тогаш се чувствуваме како давеник насреде разбранувано море, се обидуваме да се фатиме за нашата вера. Но, напразно! За свој голем ужас гледаме наместо вера жива, огнена и пламена, сомневање и очајување настапиле во светилиштето на нашето срце. А тоа е повеќе и од можно. Затоа свети апостол Павле поучува: „Испитајте се како стоите со верата“. А што е вера? Тоа е оган што гори во срцето. Тоа е поглед на душата кој проникнува низ вековите. Тоа е извор на сила и вдахновување. Таа создава пророци, апостоли, учители на животот. Таа е млекото со кое се хранат хероите. И цврстина на секое добро дело и правда. Таа е моќна сила, ги урнува планините и ги разделува морињата. Таа го запира одот на вселената и го враќа одот на ѕвездите. Таа го изменува лицето на земјата. Таа го уништува старото и од хаосот создава ново небо и нова земја.
Драги браќа и сестри, изворите на таквата вера да ги отвориме во нашите срца. Таков оган да запалиме во нашите души, со таква сила да ја зацврстиме волјата наша. Бидејќи само таква жива вера може да победи секоја неправда и непријатност. Со нејзиниот меч може да се прободе телесното срце кое чука во нашите гради. Во нејзиниот оган се стопува стариот човек со сурогатите на верата, а од нејзините пламени се раѓа нов човек обновен според совршениот образ на Христа.
Да се обратиме со молитва и кон свети Јован Лествичник, на кого светата православна Црква му ја посветува оваа недела, тој да се помоли на Господа Исуса Христа за да ни ја зацврсти нашата слаба вера во силна и непоколеблива, та да можеме да живееме според неа. А така живеејќи да се најдеме во прегратките на Нашиот Небесен Отец од десната страна заедно со праведниците сега и во сите векови. Амин!
Митрополит Тимотеј
Четврта недела од Великиот пост - недела на св. Јован Лествичник
03.04.2011 година, храм „Св. Петар и Павле“- Кичево