Саботата од петтата седмица на Великиот пост е ден во кој се служи Акатистот на Пресветата Богородица, а службата, според типикот и обичајот на православната Црква, се служи во петокот навечер. Онаа која го роди Христа по тело и нè направи причасници на Божествената природа на Логосот, постојано треба да ја молиме да биде наша застапница пред својот Син, а особено во овие посни денови на очистување, но и денови полни со искушенија. Затоа и светата Црква и се моли: „Избави ме од секој грев, од сите душегубни страсти, секакво непријателско зло, за радосно да ти пеам: Моли Го Синот Свој и Бог, Непорочна, прошка на гревовите да им дарува на оние кои со вера прибегнуваат кон Твојот покров“.

Running sport media | Nike

На ден 08.04.2011 година, вечерта наспроти саботата од петтата седмица од Великиот пост, Акатист на Пресвета Богородица беше отслужен во храмот „Св. Богородица – Каменско“ во Охрид, на кој чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј , во сослужение на свештениците Игор Никовски, Никола Христоски и Димче Азески и ѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на акатисната служба, Митрополитот Тимотеј им се обрати на верните со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Од Светото Писмо слушаме како една жена, восхитена од возвишеното учење на Исуса Христа, извикала со сиот глас: „Блажена е утробата што Те носела и градите од кои си се хранел!“ (Лк. 11, 27). Во овие кратки зборови ние го гледаме големото величање и славата на Богомајката кои заради нејзината љубов и милост кон страдалниот човечки род и ги принесува целиот свет, како видливиот така и невидливиот.

Верните христијани секогаш во нивното срце наоѓаат место за спомен и искажување на таа љубов и милост на Пресвета Богородица, но особено тоа се изразува во деновите кога се нејзините свети празници и во оние цркви и манастири кои се посветени во нејзина чест. Православната црква повеќе од сите земни и небесни созданија ја прославува и чествува Преславната, Пречистата и Преблагословената Владичица и секогаш Дева Марија, и тоа како почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите. Согласно учењето на Црквата, таа е единствена надеж на грешниците, спасение од бедите и нападите за сите кои пристапуваат кон неа, извор на милост и камен необорлив. Таа непрестано претходи во молитвите за нас пред Бога. Кон неа секојдневно и секоја ноќ и секој момент безброј луѓе се обраќаат да ги избави од разни видливи и невидливи непријатели, да ги излекува од разни болести и непријатности да ги отстрани од нив страшните и тешки искушенија и сите нив Пресветата Мајка Божја ги гледа и ги слуша. Во својата несразмерна или неопишлива љубов кон човечкиот род, таа е блиску кон секое срце и ја прима секоја солза, секоја беда, секоја воздишка и непрестано го моли својот Божествен Син и Господ, да биде милостив и да ги избави луѓето од секакви зла. Според свети Димитриј Ростовски, појавата на Пресвета Богородица како наша застапница пред Бога не им дава можности на нашите гревови да се доближат до Бога и со нејзините молитви ги отстранува нашите гревови молејќи се за нас пред Бога. Затоа нема ниту еден вистински христијанин кој со сета доверба и љубов не се обраќал со искрена молитва кон Богородица, а да не почувствувал нејзина помош.

Светото Писмо нè учи дека во светот има многу лоши духови, кои постојано се обидуваат да ја заробат и да ја уништат душата кај луѓето. Затоа свети апостол Петар вели: „Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да проголта.“ (1 Пет. 5, 8).  Каде бедниот и немоќниот човек да се сокрие и да најде свое прибежиште од замките на овие лоши духови? Прибежиште и покров од сите овие лошотилаци, христијаните можат да најдат само под покровот на Пресветата Богородица. Затоа и во нејзиниот акатист ние ги слушаме зборовите: Радувај се ти која ги поразуваш демоните; радувај се ти си ја изобличила ѓаволската измама. Овие зборови нè уверуваат дека Божјата Мајка ги прогонува од нас лошите духови. Светата Црква Христова знае за многуте случаи кога Света Богородица ги избавувала луѓето од невидливите непријатели.

Во житието се раскажува за еден случај  за некој човек по име Кодрат кој бил зафатен од лошите духови. Тие често пати го прогонувале и го носеле по разни места измачувајќи го деноноќно. Така, еднаш го однеле во пустина каде што престојувал десет недели. Тој бил толку изморен, што само очекувал смрт. Но, во еден момент на доаѓање при свест, се обратил со молитва кон мајката Божја и побарал помош. Пресвета Дева му се јавила во пустината ги прогонила лошите духови од него, го  закрепила и му го покажала патот кон родителскиот дом, но тој се вратил потполно здрав. Има и многу други примери со слични излекувања од Пресвета Богородица.

Но, света Богородица не е само заштитничка од невидливи и лоши духови, туку и од видливи непријатели. Имаме еден случај кога еден богат, но благочестив човек, живеел во Александрија заедно со својата сопруга и седумгодишна ќерка. Еднаш службено заради трговија требало да патува во Цариград. Неговата жена била вознемирена и го прашала на кого ќе нè оставиш тука? А тој одговорил на Пресвета Богородица. Изнајмил еден слуга да им се најде во помош и заминал на пат. Нечестивиот демон влегол во умот на овој изнајмен слуга, подучувајќи го да ги убие жената и детето и да го ограби имотот и да побегне. Така со оваа намера еднаш зел нож и се упатил кон собата каде што била жената со нејзината ќерка за да ги убие. Но, пред самата врата тој ослепел и веќе не можел да се движи. Во таква очајна состојба почнал да вика по жената барајќи помош. Но, таа не излегла туку му довикувала дека тој треба да дојде кај нејзе, а не таа кај него. Слично се случило и со девојчето, но мајката не му дозволила да излезе кај него. Во таква очајничка состојба посегнал по својот живот и паднал на подот. Викањето и офкањето ги предизвикало и соседите, како и сопругата на овој богат човек да излезат и да видат што се случило. Овој човек додека имал сила се уште им кажал за намерата и за тоа како ослепел пред самиот влез. Луѓето што дошле како и господарката ја прославиле Богородица за ова чудо што ги спасила. Слични вакви  и уште многу други помошти од Богородица се познати во животот на нашата света Црква. Преку овој пример и ние се поучуваме да прибегнуваме секогаш за помош и застапништво пред Богородица.

Севкупниот наш земен живот е исполнет со многу маки и страдања. Не ретко се користат зборовите од Стариот Завет каде што земјата е наречена „долина на плачот“. Со плачење човекот се раѓа и во светот тој се сретнува со многу страдања и маки. Секој еден од искуство знае како може некогаш животот да ја измачува душата од сите страни, да го истоштува срцето, да го скрши духот, а не ретко се лијат и солзи на глас. Тешко му е на човекот да ги поднесе сите овие несреќи, па тој паѓа во очајание и во чувство на жалост тие го совладуваат. Но, најглавното е да не се очајува, туку храбро да се опстои! Кога ќе не опкружат разни маки и си велиме дека нема излез од оваа состојба, тогаш потсетете се дека вие имате Небесна Мајка, Царица Небесна која ги гледа, слуша и ги знае сите наши душевни состојби. Повикајте ја со вера и таа во тој час ќе пристапи кон вас и ќе ве избави од бедите и искушенијата.

Драги христијани, да се помолиме на Пресвета Богородица, таа да нè послуша сите нас и во овој час да нè избави од секакви искушенија и маки. Да нè очисти од секаков порок и грев и да нè удостои за радост во Царството небесно, та да можеме секогаш со љубов да извикуваме кон неа: Радувај се секогаш брзопослушнице и исполнителке на нашите молби; радувај се, ти си клуч на Христовото Царство; радувај се, ти си надеж на вечните блага. Амин! 

                                                           

Митрополит Тимотеј

Акатист на Пресвета Богородица
08.04.2011 година,храм „Св. Богородица - Каменско“ Охрид

5akatist2011 2

5akatist2011 4

5akatist2011 6

5akatist2011 8

5akatist2011 10

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1