„Пристапете и од неисцрпните води налејте, што благодатта на крстот ги излева, гледајќи го пред нас ова свето дрво, даруваниот извор, напоено со крвта и водата на Господарот на сè, Кој на него доброволно се вознесе, и земните ги воздигна“ (хвалитна стихира на Утрена на Крстопоклона недела).

На 15.03.3015 година, во Третата недела од Великиот пост или Крстопоклона недела, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј-ставрофор Илија Танаскоски, протоереј Темелко Донески, свештениците Никола Христоски и Васко Голабоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Димитрија Павлески. Пред почетокот на Литургијата, според типикот на православната Црква, насреде храмот беше изнесен светиот Крст, кој по Христа, од орудие на срамот стана оружје на христијаните и знак на победа, со кој се победува секој демонски напад. Според традицијата, сите верници пристапија да го целиваат светиот Крст, а Митрополитот Тимотеј им подели гранчиња босилек.

Денешната Литургија беше местото за уште една радост за христијаните од нашата епархија и црква. Имено, ѓаконот Димитрија Павлески, од рацете на нашиот надлежен Митрополит Тимотеј, го прими свештеничкиот чин, и се придодаде на работниците на духовната почва Господова, на која многумина треба да растат по мерата Христова. Од името на свештенството и од сите верници од нашата епархија, како и од Митрополитот Тимотеј, му го честитаме свештеничкиот чин на отец Димитрија, со молитва да г зачува со „бел образ“.

По завршувањето на Литургијата, новиот свештеник им подели нафора на верниците, а Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

best Running shoes brand | 【国内5月2日発売予定】ナイキ ウィメンズ エアマックス ココ サンダル 全4色 - スニーカーウォーズ

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух!         
Драги браќа и сестри!

Денеска нашата света православна Црква го изнесува светиот Крст од олтарот насреде црква за поклонение на верниците. Оваа недела уште се нарекува и Крстопоклона, а некаде и средопосна, бидејќи ја одразува средината на постот. Ние знаеме дека во Римската империја крстот бил употребуван како орудие или предмет за казна на најголеми престапници и рушители на редот и поредокот на Римското царство. Затоа крстот се сметал за нешто презрено, нечесно и страшно. Откако, пак, на истиот крст, ќе биде издигнат и распнат нашиот Спасител, Господ Исус Христос, и тоа помеѓу двајца разбојници, овој симбол на таквото негативно значење ќе добие сосема поинаква смисла и ќе биде симбол на христијаните и животодател. На Крстот ќе биде излеана пречистата Крв на Господа Христа и преку тоа крстот ќе добие сила, енергија и благодат Божја. Христијаните ќе го прегрнат како свој симбол и ќе го имаат како најголема светиња, како животворно дрво кое ги дава духовните плодови.
           
Од историјата знаеме дека по распнувањето на Господ Исус Христос, Неговото симнување од крстот и полагањето во гроб од страна на праведниот Јосиф и Никодим, апостолите и следбениците на Господа Исуса Христа се разбегуваат по цел свет, бидејќи започнува гонење на христијаните. Така, ќе помине долго време без да се знае судбината на Крстот Господов. Дури на почетокот на IV век, царот Константин Велики, уште пред да постане христијанин, поаѓајќи да го нападне Рим ќе има една визија каде ќе му се појави на небото Крстот и ќе ги слушне зборовите: со овој знак ќе победиш. Овој византиски цар направил крст како симбол на својата војска и така го победил Максенциј. Потоа, заедно со неговата мајка, царицата Елена, ќе направат големи истражувања во Ерусалим и ќе го пронајдат Крстот Господов. Оттогаш, истиот ќе биде внесен во Црквата со почит и ќе се почитува како најскапоцена реликвија.
           
Светиот Крст постанува центар на животот во Црквата, и не само во Црквата, туку и во животот во целиот свет. Во времињата кога светот нема да живее според законите и прописите на нашиот Спасител, тој станува против крстот. Но, крстот се јавува и како поткрепа на вселената, на разни царства и владеења. Крстот се јавува како заштита на светот, бидејќи без крстот и без праведниците Божји и светите луѓе прашање е дали светот воопшто ќе останеше во својот живот.

Не е доволно само да ги знаеме и паметиме овие историски настани за светиот Крст. Потребно е да живееме според заповедите и барањата на светата Црква и така да го носиме Крстот Господов. Самиот Господ Исус Христос во светото Евангелие вели: „Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“ (Мт. 11,29-30). Он ни порачува да се спасуваме преку Крстот. Носењето на Крстот не значи во буквална смисла да земеме некој крст во раце или на плеќи, туку подразбира да го живееме секојдневниот  живот. Сешто доаѓа во нашиот живот, и лошо и добро, а сето тоа треба да го примаме како Божја волја и носење на нашиот крст. Честопати можат да се слушнат разни реакции како некои се жалат дека нивниот крст е тежок и не се во можност да го носат. Други, пак, се прашуваат дали достоинствено го носат својот крст. Треба да знаеме и да не се сомневаме дека Бог на секој еден од нас ни дава посебен крст и секој добива толкав крст, колкав што може да носи. Никој не може да носи туѓ крст, освен својот. Господ, пак, дава сила, благодат и енергија на секој еден кој што со вера и покорност го носи својот крст, за да може да го носи правилно и да се искачува кон небото, односно кон спасението. Носењето на крстот ни дава поткрепа, а истовремено и радост и нè води кон Царство Небесно. Крстот е неразделен од нашето постоење, бидејќи без крстот нема спасение.
           
Смртта и проклетството што ние ги спечаливме со нашите гревови, Господ Исус Христос  ги зема на Себе, за ди ни даде вечен живот. Свети Андреј Критски вели: „Исус Син Божји ја изменил клетвата во благослов. Крстот не е повеќе предмет на проклетство и клетвата е прикована на крстот. Христос ја уништи клетвата и ни даде благослов. Он слезе дури до адот, барајќи ги загубените души“ (Акатист на чесен Крст).
           
Црквата го изнесува светиот Крст и на светот му објавува: „Вашиот грев е искупен, вашата смрт е обессилена, дојдете и примете вечен живот“. Светата Црква им дава можност на сите луѓе, па и на најголемите грешници и престапници, да можат да се покајат и да добијат опростување и спасение. А потоа, доколку живеат како што бара светата Црква, да се издигнат и до светиите. За тоа имаме многубројни примери во житијата на светиите. Но, да го спомнеме добро познатиот пример од светото Евангелие  за благоразумниот разбојник, кој висел од десната страна на Христа на Голгота. Тој се покајал и побарал прошка за своите престапи и злодела, а Господ Христос  му ги проштева и му вели: „денес ќе бидеш со Мене во рајот“ (Лк. 23,43).

Милоста Божја се нуди на секоја душа која што бара милост и прошка. Но, потребно е и наша активност, наша желба, наша подготвеност, таа милост и таа добрина да ја побараме, за да ја добиеме. Ние, како луѓе,  создадени сме со слободна волја и Бог ја почитува нашата волја. Затоа Тој на никаков начин не делува со сила - ниту за наше спасение, ниту за наше погубување. Изборот останува наш и секој човек може да го избере или да го отфрли спасението. А во тоа отфрлање и се состои трагедијата на човековото спротивставување на Бога. Бог направил сè и како најкрајна мерка Тој ја поднесе и најголемата жртва за да го спаси човечкиот род. Но, човекот може да се здобие, но и да го отфрли тој Божји дар.

Наоѓајќи се денеска во овој свет храм, да пристапиме искрено и достоинствено кон светиот и животворен  Крст Господов, да му се поклониме и да измолиме милост Божја. Господ Исус Христос  да ја излие Својата благодат врз наши души, за да можеме достоинствено и вистински да го изодиме Велигденскиот пост и да го дочекаме славното и победоносно Христово Воскресение. Чесниот Крст нека ни биде поткрепа и нека ни дава сила за да одиме по вистинскиот пат којшто води кон Царство Небесно! Амин!

Крстопоклона недела
15.03.2015 год.
храм „Св. Ѓорѓи“ Струга

krstpned2015 1

krstpned2015 3

krstpned2015 5

krstpned2015 7

krstpned2015 9

krstpned2015 11

krstpned2015 13

krstpned2015 15

krstpned2015 17

krstpned2015 19

krstpned2015 21

krstpned2015 23

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1