Паѓањето на Адам во грев и промашувањето на целта која Бог му ја даде како негов Творец не ги уништи божјите планови за светот и човекот. Она што првиот Адам не го исполни, сега го исполнува вториот Адам, нашиот Спасител Христос. Но, патот на спасението е долг и води преку Гетсиманија и Голгота до смртта на Крст. Нашиот Спасител, како кротко јагне, пострада на крстот и ги зеде врз себе гревовите на човекот. „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине. Но да има живот вечен“ (Јован 3,16).
latest Nike release | Sneakers
Во Великиот четврток навечер си споменуваме за страданијата Христови и ги читаме дванаесетте страдални Евангелија (во овој ден, според типикот на православната Црква се пее утрената служба од Велики петок). Преку Евангелијата и пеењето на антифоните се потсетуваме на крсните маки и страдања Христови, а при пеењето на последниот антифон, се изнесува Распетието Христово и се поставува насреде црква, а сите верни му приоѓаат и му се поклонуваат на Распнатиот. Според локалните обичаи, на Велики четврток рано наутро се вапсуваат велигденските јајца, а вечерта, верниците во кошнички носат неколку домашни велигденски јајца, како и едно чисто и ново облекло и ги оставаат во храмовите сè до Велика сабота.
На 21.04.2011 година, на Велики четврток вечерта, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј богослужеше во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, во сослужение на протоереј-ставрофор Илија Танаскоски, протоереите Темелко Донески и Митре Попоски, свештеник Петар Бојчиноски и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски.