„Настана Преполовение на деновите до Педесетница, во кое Христос делумно ја покажа Својата божествена сила, кога со збор го исцели раслабениот и го крена од одарот и, правејќи чудо во телото на еден човек, на луѓето им дарува вечен живот и милост голема“ (стиховна стихира на Вечерна од Преполовение).

 

На 06.05.2015 година, кога ги прославивме двата големи празници, Преполовение и св. вмч. Георгиј, во манастирот „Св. вмч. Георгиј“ во Рајчица, Дебар, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Партениј, еромонасите Доситеј, Макариј и Ефросиниј, свештеникот Димче Азески и ероѓаконите Порфириј и Силуан. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројните верници со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

trace affiliate link | 『アディダス』に分類された記事一覧

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!

Драги браќа и сестри,

Уште на нашите прародители, кога беа создадени и беа поставени во Едемската градина, Бог им даде еден подвиг. Тој подвиг се состоеше во почитувањето на Божјата заповед. А Божјата заповед беше да не јадат од забранетиот плод. Но, како што знаеме, тие не го испочитуваа овој подвиг и ја нарушија Божјата заповед. За непослушноста беа истерани од рајот, а како плод на гревот настапи смртта. Но, милоста Божја не го заборави човечкиот род. Господ Исус Христос секој еден од нас, постојано го повикува на подвиг. Различни се повиците и различни се побарувањата во одредени временски периоди. Некој од нас, можеби ќе биде повикан на подвиг којшто ќе го загрозува неговото здравје, неговиот комодитет, неговата слобода, па, некогаш, можеби ќе биде загрозен неговиот живот.


Ние ги знаеме зборовите на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, кога вели: „Ако светот ве мрази, знајте, дека Мене светот уште пред вас Ме замрази" (Јован 15, 18). Но, во исто време, Господ вели: „Нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг. По тоа ќе ве познаат сите, дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе" (Јован 13, 34-35). Можеби некој ќе каже дека овие два принципи изгледаат контрадикторно. Но, не треба да се заборави и треба да се знае, дека Господ Исус Христос ја донесе Неговата блага вест, односно го донесе светото Евангелие во овој паднат свет. Во светот во којшто царуваат човечките слабости, страсти, похоти и гревови. Па, голем број луѓе избираат да живеат, не според Божјата заповед, туку според стихиите на овој свет и според телесните слабости и похоти.

 

Љубовта, која Господ ни ја дава да ја укажуваме помеѓу нас, честопати, од луѓето на овој свет се карактеризира како нешто чудно, како нешто страно. И од истите тие луѓе, на таа љубов ѝ се дава отпор. Па така, словото Божјо, донесено и посеано од нашиот Спасител, честопати паѓа на разни почви, односно на камени и суви места. Места обраснати со трње и коров, и места кои не даваат доволен плод. Да се поучиме од евангелската парабола за сеачот. И ние, како луѓе и пред сè како членови на Христовото Тело, должни сме да го сееме и да го проповедаме словото Божјо. Со тоа ќе ја исполниме нашата обврска. А дали посеаното ќе даде или нема да даде плод, тоа не зависи од нас. Тоа ќе биде според Божјата волја и ние за тоа не треба да се грижиме. Затоа што, ако Бог сака, нашата проповед и нашето учење ќе најдат плодна почва и ќе дадат соодветен плод. Ако, пак, Бог не сака, независно колку ние да се трудиме и грижиме, плодот нема да има успех. Господ Христос ни ги пренесува зборовите на старозаветниот пророк Исаија и вели: „Со уши ќе чуете и нема да разберете, со очи ќе гледате и нема да видите (Матеј 13, 14).

Но, ние, како христијани, должни сме да се угледаме на примерите од евангелската вера. На примерите на мачениците и исповедниците. Оние кои го следеле Христовиот пат, никакви овоземни нешта, слави, богатства, положби, не можеле да ги попречат и да ги оттргнат од патот кој го следеле, односно, од Христовиот пат. Никакви прегради и препреки не можеле да го засолнат Христовиот лик. Овие Божји угодници, кога им дошол денот да ја исповедаат својата вера, без никакво колебање ги давале своите животи за Христа. Со тоа, пак, донеле голем плод во нивата на Црквата Христова, според Господовите зборови: „Вистина, вистина ви велам: ако зрното пченично, што паднало на земјата, не умре, останува само; а ако умре, ќе донесе голем плод" (Јован 12, 24).


Господ Исус Христос, сите нас нè повикува да умреме за овој свет, па слично на тоа пченично зрно, да донесеме голем плод.


Ние, како христијани, во нашето размислување и во нашето живеење, како главна цел треба да ги поставиме евангелските заповеди на Црквата Христова. И тие да бидат првостепени во нашиот живот, а сè останато да биде второстепено. Ако го насочиме нашиот внатрешен живот кон Христа, и ако постојано се потсетуваме дека Христос и Неговите свети заповеди се главни во нашиот живот, тогаш ќе бидеме плодотворни секој ден, во целокупниот наш живот и ќе бидеме подготвени да го извршуваме подвигот на исповедништвото. Ќе бидеме подготвени и во одреден ден, кога можеби Господ некого од нас ќе го повика да Го исповеда Христа на поинаков начин. Тогаш и Бог ќе даде сила, енергија и благодат тоа да се случи, па дури и ако е потребно со страдање заради Христа. За тоа ни сведочат безбројните исповедници и маченици, кои биле повикани да Го сведочат Христа, не жалејќи ги своите животи, туку со радост и песна оделе на страдања, жртвувајќи го овој привремен живот.


Денеска, нашата света православна Црква го прославува св. вмч. Георгиј Победоносец. Како што знаеме од неговото житие и од историјата на Христовата Црква, овој млад, енергичен и силен војсководец презрел сè. Ги презрел сите почести и сите овоземни благодетти, но од Христа, не само што не се откажал, туку го жртвувал својот живот, посведочувајќи дека е вистински Христов војник. И ние, денеска, наоѓајќи се во овој свет манастир, да се обратиме со искрена молитва кон св. Георгиј, тој да ни ја зацврсти нашата православна вера, па и ние да можеме да го исповедаме, проповедаме и да го посведочуваме словото Божјо на секое место од нашето живеење.


По молитвите на св. вмч. Георгиј, Бог нека ги услиша нашите прозби и нека ни биде честит и благословен денот.

Христос воскресе!

 

Св. вмч. Георгиј Победоносец
06. 05. 2015 год.
Манастир „Св. вмч. Георгиј Победоносец" – с. Рајчица, Дебар

 

gjurgj2015 1

gjurgj2015 2

gjurgj2015 3

gjurgj2015 4

gjurgj2015 5

gjurgj2015 6

gjurgj2015 7

gjurgj2015 8

gjurgj2015 9

gjurgj2015 10

gjurgj2015 11

gjurgj2015 12

gjurgj2015 13

gjurgj2015 14

gjurgj2015 15

gjurgj2015 16

gjurgj2015 17

gjurgj2015 18

gjurgj2015 19

gjurgj2015 20

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1