„Вие, кои на земјата и ги оставате земните грижи, на правта и ги отстапувате калта и отпадот, ајде да се отрезниме, ние смртните, очите и мислите да ги издигнеме во висините, погледот и чувствата да ги впериме кон небесните врати, да си замислиме дека сме на Маслиновата Гора, и да Го созерцаваме Избавителот, носен на облаците, зашто оттаму Господ се вознесе на небесата, и таму ги раздели изобилните дарови на Своите апостоли, откако ги утеши како татко, и ги утврди, и ги поучи како синови, и им рече: Не се разделувам од вас; Јас сум со вас, и никој ништо не ви може“ (икос на празникот Вознесение Христово).

 

Во четириесеттиот ден по Воскресението Христово, нашиот Спасител се вознесе на небесата, но и им Го навести Утешителот - Светиот Дух на апостолите, велејќи им: Добро е Јас да заминам, оти, ако Јас не си заминам, Утешителот нема да дојде. Откако Воскреснатиот Христос им се јавувал на учениците во текот на четириесетте дена, поучувајќи ги и извршувајќи многубројни чудеса, Он се воздигнал на небесата и седнал од десната страна на Отецот. Всушност, Господ Исус Христос ја воздигнува човековата природа на небесата, со што и се разрушува древната клетва, а човекот го добива најголемото достоинство - достоинство за кое се вели дека и око не виде и уво нема слушнатоЗатоа и верниот народ толку радосно и торжествено го прославува овој празник, знаејќи и исповедајќи дека Христос се вознесе, но и дека Сесветиот Дух нема да задоцни и ќе дојде.

 

Прославата на овој величествен празник започна ден порано (20.05.2015) со свечена Вечерна богослужба во манастирот „Вознесение Христово“ („Св. Спас“) во с. Г. Лакочереј, Охрид, на која чиноначалствуваше Неговото Високопресвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј Димче Ѓорѓиески, свештениците Никола Христоски, Владо Недески и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. Празнувањето продолжи утредента, најпрво со преосветувањето на светиот престол, во реновираната манастирска црква, а потоа и со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј Димче Ѓорѓиески, свештениците Никола Христоски, Кирил Јованоски, Владо Недески и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а се изврши и литија околу храмот. 

Best jordan Sneakers | Women's Designer Sneakers - Luxury Shopping

 

Овој ден стана уште порадосен за сите нас поради осветувањето на новиот конак во манастирот, благодарение на благословот и штедроста на Митрополитот Тимотеј, а преку трудот и заложбите на протоерејот Димче Ѓорѓиески, кој целосно се вложи во организацијата за изградбата на новиот конак. Новиот објект, но и реновираниот храм, не го остави никого рамнодушен, а сите луѓе Му благодареа на Бога што и овој наш манастир блесна во сиот свој сјај. Се разбира, на крај, од името на Епархијата, се заблагодаруваме и на сите оние кои помогнаа во изградбата, како и на членовите на црковниот одбор, кои според своите сили, помогнаа во манастирот.

 

По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот многуброен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме. 

 

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!

Драги браќа и сестри,

 

Денеска нашата света Православна црква прославува еден од големите Господови празници, односно, го прославува Вознесението на нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Тоа е празник кога светата Црква се здобива со огромна Божја благодат. А на сите оние, коишто веруваат и коишто се надеваат на Божјата помош, денешниот ден им го потврдува нивното очекување и нивното убедување.

Како што знаеме, Христовите ученици, по распнувањето на Голгота, се разбегале и заборавиле на ветувањата и учењата што Господ Христос им ги дал. Заборавиле дека Христос ги подготвувал да постанат Негови следбеници, Негови ученици и Негови проповедници по целиот свет. Најголем дел од нив не го разбрале вистинското учење на Господа Христа, и поради тоа, тие очекувале овоземно царство. А во тоа царство Он ќе биде Оној Којшто ќе господари, а нив, пак, ќе ги постави за Негови помошници и управители во тоа нивно замислено овоземно царство. Кога тоа не се остварило, тие се вратиле на своите поранешни обврски. Некој да лови риби, некој да плете мрежи и разни други занаети кои ги владееле и од кои, нивните семејства, и тие самите, живееле.

Но, по Своето Воскресение, Господ Исус Христос повеќе пати им се јавува на апостолите, трудејќи се да го собере Своето стадо и да ги утврди во вистинитоста на сите Негови зборови и на поуките кои им ги даваше, за време на тригодишното словење на словото Божјо. На четириесеттиот ден, кога биле собрани сите апостоли, Господ Исус Христос се вознел на небо со ветување дека Јас Сум со вас до свршетокот на светот. Апостолите ги впериле своите погледи кон небото гледајќи како Христос се вознесува и бил засолнат од облак. Но, Ангел Господов им вели: „Луѓе Галилејци, што стоите и гледате кон небото? Овој Исус, Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак на истиот начин како што Го видовте да оди на небото" (Дела 1, 11). Но, пред да се вознесе, Господ Христос ги утврдува Своите апостоли: „Радувајте се, бидејќи јас ќе отидам при Отецот и треба да ви приготвам место на небото... И јас ќе бидам со вас во сите дни од вашиот живот... Дух Свети ќе слезе на вас и ќе ве утврди и ќе ве зацврсти, за да можете да го проповедате словото Божјо по целиот свет" (Јован 14).

И навистина, и покрај тоа што секоја физичка разделба, со свој близок и сакан, предизвикува болка, жал и тага, Вознесението на Господа Христа, кај апостолите, не предизвикува ни тага ни жал, туку, напротив, ги обединува. И тие престојуваат заедно во молитва, очекувајќи го Духот Свет. Оној Кој ќе дојде врз нив да ги утврди, облагодати, оснажи и зацврсти. И така, апостолите, после Педесетницата, кога врз нив ќе слезе Духот Свет, тие ќе бидат силни и непоколебливи проповедници на Христа и на Неговото учење. Од обични рибари ќе постанат проповедници на Словото Божјо и ќе бидат ловци на луѓе.

На празникот Вознесение Христово, светата Црква нè повикува да не се колебаме, да не се сомневаме во Божјата сила и во благодатта што Господ ја нуди на секој еден од нас. Ја нуди на сите нас коишто веруваме и се молиме и бараме помош од Бога. Благодатта никогаш нема да нè напушти, освен, ако ние самите не се откажеме од Христа, од верата и од Црквата. Со тоа ние се оддалечуваме од можноста, благодатта Божја да се манифестира врз нас. Во денешниот тропар, светата Црква нè повикува да се утврдиме во нашата вера и во нашиот Господ Исус Христос. Да се утврдиме дека Он е Синот Божји и дека е Избавителот на светот. Па затоа, потребно е, секој еден од нас, да се обиде да ги отсече гревот, страста и слабоста од својот ум и од своето тело. А потоа, да се потруди да ја засака правдата, мирот, љубовта, вистината, и со тоа ќе Го засака Христа Бога, и Црквата. А ако, пак, Го засакаме Христа и правиме добри дела, благодатта Божја, што Христос ја ветува на Своите ученици, нема да нè заобиколи ни нас. Ќе ја добиеме во изобилие, и ќе можеме сите слабости и препреки, кои нè оддалечуваат од Бога и од Црквата, полесно да ги надминуваме и да бидеме подостојни следбеници на Христа. И да се надеваме дека Он, како Избавител на светот, ќе нè избави од сите беззаконија, ќе ни ја зацврсти верата, и ќе можеме да бидеме вистински Христови следбеници, спечалувајќи милост Божја и царство небесно. Амин!

Вознесение Христово
21. 05. 2015 год.
манастир „Вознесение Христово" – с. Горно Лакочереј, Охрид

 

spasovden2015

spasovden2015 1

spasovden2015 2

spasovden2015 3

spasovden2015 4

spasovden2015 5

spasovden2015 6

 

spasovden2015 7

spasovden2015 8

spasovden2015 9

spasovden2015 10

spasovden2015 11

spasovden2015 12

spasovden2015 13

spasovden2015 14

spasovden2015 15

spasovden2015 16

spasovden2015 17

spasovden2015 18

spasovden2015 19

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1