„Откако Христос те избра тебе, Петре, за прв темел на верата и те направи Негов проповедник, Господарот на сите те овенча и ти рече: Блажен си, Симоне, Сине Јонин, оти ова не ти го јави телото и крвта, туку Отецот Мој, Кој е на небесата. Него моли Го, богоблажен апостоле, да ни дарува милост голема“ (стиховна стихира на Слава... на Мала Вечерна на свети Петар и Павле).

На 12.07.2015 година, на денот кога го прославивме светиот спомен на светите славни, сефалени и првоврховни апостоли Петар и Павле, во храмот „Св. Петар и Павле“ во Кичево, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, свештениците Никола Христоски, Дарко Милев и Александар Матески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Прославата на светите апостоли доби уште повеќе на важност со ракополагањето во ѓаконски чин на дипломираниот теолог Александар Крстаноски од Кичево, на кого му го честитаме чинот со желби и молитви секогаш верно да Му служи на Спасителот и на нашата света Македонска православна црква. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Nike Sneakers Store | Patike – Nike Air Jordan, Premium, Retro Klasici, Sneakers , Iicf

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

 

Во овие 2000 години, во разни области, се случуваат големи откритија. Во разни периоди, разни постигнувања се забележани во историскиот од на науката. Во XV век, се случуваат големи географски откритија, додека, пак, во XIX век, нив ги заменуваат огромни научно – технолошки достигнувања. Исто како и во XX којшто изобилува со огромни пронајдоци и достигнувања во повеќе области од техниката, особено во електронската сфера.


Сите овие постигнувања и откритија, се корисни за напредокот на човечкиот род и за негов поубав и полесен живот. Но, најголемото откритие и најголемото сознание се случува за време на светите апостоли. Поточно, апостолите Го откриваат најважното, најсуштественото и најспасоносното за човечкиот род, а тоа е Господ Исус Христос, Синот Божји и Спасителот на светот. Него Го открива токму денешниот славеник, светиот апостол Петар. Како што слушнавме во светото Евангелие, Господ Христoс ги прашува Своите ученици: „За кого Ме мислат луѓето - Мене, Синот Човечки? ... Петар Симон одговори и рече: - Ти Си Христос, Синот на Живиот Бог. Христос му одговори и рече: Блажен си ти Симоне сине Јонин оти тело и крв не ти го открија тоа, а Мојот Отец, Којшто е на небесата" (Мат. 16, 13 – 17). Ова исповедање и ова проповедање на апостолот Петар е многу важно и суштествено за сите нас. Облагодатен од Светиот Дух, апостолот Петар можел да Го препознае и да Го открие. Но, истовремено, да остави сè, да Го објави и да Го проповеда. Да му сведочи на светот и на луѓето за Господа Христа, за Оној Кој доаѓа од небесните височини, Кој прима наше тело за нас смртните и грешните битија. Доаѓа да нè препороди, да нè облагодати и да нè издигне во висините, во царството Божјо, од каде што Господ Христос дојде. Тоа е основната цел и задача на нашето постоење, на нашето битисување и на нашето, воопшто, патување во овој привремен и лажен свет.


Апостолот Петар, откако, со целото свое битие, Го видел Господа Христа како Син Божји и Спасител на светот, сецело се оддава во служба на Црквата и на Христа, оставајќи го своето семејство и сите овоземни грижи. Овој апостол, не само што ќе го проповеда Христа со збор, со исповедање и со сведочење пред народот, пред сè Јудејскиот, туку, неговата припадност кон Христа тој ќе ја посведочи со својата маченичка смрт. Смрт којашто ќе биде во знак на неговото покајание. Поради човековата слабост, трикратно ќе се откаже дека не Го познава Христа, и покајнички ќе бара да биде распнат, не како Христос со главата нагоре, туку како недостоен, обратно, со главата надолу.


Другиот, пак, апостол е Савле. Кој пред да Го запознае и открие Христа, ќе биде ревносен исполнувач на Мојсеевиот закон. Човек на голема и висока положба, кој се одликувал со големо образование. Со познавање не само на јудејскиот закон, туку со сите можни научно – познати дисциплини на тоа време. Како фанатички ревнител на Старозаветниот закон, тој бил и гонител на Црквата Христова. Тој дури ги чувал облеките на луѓето што го каменувале првиот маченик за Христа во Ерусалим, односно светиот архиѓакон Стефан. Но, патувајќи за Дамаск, со цел да ја гони тамошната Црква, имал видение и Господ Христос на чудесен начин го просветлува неговиот ум и му ги отвора заслепените очи. Од тој момент, овој гонител на Христа и на Неговата Црква, постанува од Савле Павле. Постанува оној кој ќе се погрижи и ќе се потруди во словењето, проповедање и ширењето на Словото Божјо, односно на Христа помеѓу незнабожечките народи. Тој самиот ќе каже дека многу пати бил во најразлични опасности, во морски бури, тепан со стапови, гонет и затворан, понижуван и протеруван, но, никогаш неговата ревност, неговата одданост, не прекинала во проповедањето на Христа и на умножувањето на Неговата Црква. Овој апостол, и покрај тоа што не е избран за време на земниот живот на Господа Христа помеѓу апостолите, туку после Неговото Воскресение, ќе биде славен и прославуван од светата Црква Христова, заедно со апостолот Петар како првоврховни. Се нарекуваат првоврховни заради нивниот труд и заради нивниот придонес за Црквата Божја. Неговата одданост кон Христа и тој исто како св. ап. Петар ја посведочува и запечатува со маченичка смрт во Рим.


Овој празник се нарекува свети Петар и Павле, во чест на овие двајца големи горостаси на Црквата Христова. Се поставува прашањето: Зошто двајцата заедно се прославуваат во еден ист ден? Има повеќе мислења. Едното вели, дека загинале во ист ден во Рим. Мислење коешто е најмалку веројатно, бидејќи не е темелено врз историски факти. Другото мислење се однесува на нивната големина во учителствувањето и во проповедањето. Поради таа нивна големина, во Црквата почнале да се јавуваат разни поделби и расправии кој е поголем од нив двајцата. Дали Петар или Павле? Нешто слично како што се појави проблемот во Цариград со трите ерарси Василиј, Григориј и Јован Златоуст. Како што решила Црквата, да стави мир и да ги прекрати овие разделби и несогласување помеѓу следбениците на овие големи учители на Црквата Христова од IV и V век, востановувајќи им заеднички празник, Св. три ерарси, истото го направила со светите апостоли Петар и Павле. За да нема поделба меѓу членовите на Црквата Христова, го востановува овој празник и ги прославува како најголеми апостоли.


Прославувајќи ги денеска првоврховните апостоли, потребно е да се поучиме од нивниот живот и од нивното дело. Како што слушнавме и научивме, тие биле силни и непоколебливи проповедници на Христа. Се откажале од сите овоземни почести и благосостојби и пошле по целиот свет да Го проповедаат Христа, поднесувајќи секакви непријатности, страдања, па дури и смрт. Да се угледаме и ние на нивната ревност, на нивната подготвеност, да Го проповедаат и исповедаат Христа на секое време и на секој час, па и ние да бидеме следбеници на таа нивна ревност. Да бидеме следбеници на нивната подготвеност да сведочиме за Христа, за правдата, за верата, за љубовта и за сите останати христијански добродетели. Но, да не сведочиме само со збор, туку, и со нашиот живот и со нашите постапки. Така сведочејќи и делувајќи, да го исполниме законот на светата Црква и да спечалиме милост Божја. Да се соединиме со Христа Бога и да наследиме вечен и блажен живот сега и во сета вечност. Амин!

 

„Св. Петар и Павле"
12. 07. 2015 год.
храм „Св. Петар и Павле" - Кичево

 

petrovden2015

petrovden2015 1

petrovden2015 2

petrovden2015 3

petrovden2015 4

petrovden2015 5

petrovden2015 6

petrovden2015 7

petrovden2015 8

petrovden2015 9

petrovden2015 10

petrovden2015 11

petrovden2015 12

petrovden2015 13

petrovden2015 14

petrovden2015 15

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1