На 19.07.2015 година, во Седмата недела по Педесетница и на празникот на преподобниот Сисој Велики, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот Митре Попоски, свештеникот Никола Христоски и ѓаконот Сашо Целески, изврши осветување на новоизградениот храм посветен на празникот Преполовение во с. Мислешево, Струга. Храмот се изгради со донациите на локалното население, како и со донациите на сите добронамерни верници од пошироката околија. Откако храмот беше осветен, беше отслужена и првата света архиерејска Литургија, а по завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон присутните верници со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Running sneakers | Releases Nike Shoes

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

 

„Овој ден го создаде Господ, за да се зарадуваме и да се возвеселиме во него" (Пс. 117, 24). Секој човек има денови во кои неговото срце и неговата душа се исполнети со радост и со веселба. Но, има денови кога поголем број на луѓе се исполнети со таква радост. Денес е таков ден. Ден исполнет со радост и ден во кој имаат повод да се радуваат и веселат сите жители на Мислешево, а со нив и сите ние. Да се радуваме бидејќи подигнаа дом Божји.


Домовите Божји, или црквите подигнати во слава на нашиот Создател, Промислител и Спасител, се голем дар и благослов Божји за луѓето кои се потрудиле и вложиле психофизички напори, а не помалку материјални средства, да изградат живеалиште на Севишниот Господ Бог. Ние, знаеме, дека Бог обитава, не во ракотворни зданија, туку обитава во неговите свети домови. А Неговите домови се светите цркви и манастири. Но, исто така, Бог обитава и во сечие срце и душа кои се очистени, измиени и подготвени да Го примат како скап пријател, гостин и Спасител. Светите храмови служат како небесни светила поставени на земјата. Поставени за да нè осветлуваат, да нè просветуваат и да нè опоменуваат по кој пат и на каков начин треба да го живееме нашиот привремен живот.


Светите храмови се место каде што ние се сретнуваме со нашиот Спасител Господ Исус Христос. Во нив, ги отвораме нашите срце и души, ги исповедаме нашите маки, страдања, престапи и отстапки. Го исповедаме сето она коешто нè оддалечува од патот којшто води кон вечен живот. Но, за да се сретнеме со Бога, потребно е да покажеме храброст. Храброст и подготвеност да се откажеме од многуте наши слабости, грешки, гревови и престапи. Да се откажеме од причините кои нè оддалечуваат од Бога, од Неговиот закон и од Неговите прописи. Нè оддалечуваат од начинот на живеење според принципите на нашата света вера и на нашиот благочестив македонски народ. Потребно е да се подготвуваме за средба со Бога. Но, не само кога се наоѓаме во светиот храм, туку и претходно. Да се подготвуваме со пост и молитва, со покајание и исповедание. Со цврста и непоколеблива вера дека нашиот Семилостив Господ Исус Христос има љубов и трпение, и најголемите престапи, грешки и гревови да ни ги прости, ако ние, со искрена вера и со искрено покајание бараме од него да ја покаже Неговата милост и човекољубивост кон нас, Неговите созданија. Ние знаеме дека Бог е совршена Љубов и Он ја покажува кон секое битие коешто искрено бара помош од својот Создател.


Бог го создал човекот да биде вечно во Неговата близина. Но, поради човечките слабости, ние се оддалечивме, Го напуштивме, се изгубивме и, често пати, избираме погрешни патишта кои водат на спротивна страна од Бога. Но, Бог, како Милостив, има трпение и љубов, и чека ние да покажеме љубов кон Него. Чека да побараме исправување и враќање на правиот и вистинскиот пат. Патот којшто ни се дава преку Црквата и преку светите тајни. Преку кои, пак, повторно да се соединиме со нашиот Промислител и Спасител.


Светите храмови ја имаат таа улога и таа задача, да бидат наши училишта, да нè учат, но не само со знаење за нашата вера и Црква, туку да нè научат како таа вера да ја живееме, практикуваме, и според неа, да се однесуваме во нашиот живот. Црквата е потребна за духовно и морално усовршување на секој човек. Потребна ни е, како што е потребна болницата за лекување на телесните болести. Човекот, како психофизичко битие, има потреба да го храни, да го облекува и да го топли своето тело. Но, не помала задача има да ја храни и бесмртната своја душа. Душата којашто е создадена за вечен живот. „Зашто, како што е телото без дух мртво, така и верата без дела е мртва" (Јак. 2, 26). Затоа, потребно е нашата вера да биде попратена и со добри дела. Така нема повеќе да се нарекуваме христијани само по традиција, односно формално, туку тоа ќе го посведочуваме со нашето живеење и со нашите постапки, бидејќи Христос ни дава заповед: „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец, Кој е на небесата" (Мат. 5, 16). Преку овие зборови, нашиот Спасител нè поучува, но, исто така, од нас бара да бидеме пример со нашиот живот, со нашите постапки и со нашите дела. Светиот храм, нека ни послужи како духовна бања. Бања каде што ќе се миеме и ќе се очистуваме од сите овоземни нечистотии. Па, така очистени, духовно и физички, пред сè духовно, да имаме смелост да се сретнеме со нашиот Спасител Господ Исус Христос. А Он, пак, како Семилостив и Човекољубив, нека нè помилува и нека ни даде мир, здравје, спокојство и спасение на нашите души, сега и во сета вечност.


Ја користам оваа прилика, на црковниот одбор при храмот „Св. Јован Крстител и Претеча Господов", како и на сите донатори, помагачи и украсители коишто се вградија во подигнувањето на овој свет храм, да им искажам искрена благодарност за нивниот труд, за нивните средства и за сè она што го имаат направено за овој прекрасен храм, посветен на „Преполовение на Празникот", а кое, во принцип, е посветен на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Нека се множат цркви и манастири во нашата татковина и нека ни послужат за наше просветување и осветување за да можеме да одиме по вистинскиот пат. По патот Христов којшто води во царството небесно. Амин!

 

Седма недела по Педесетница
19. 07. 2015
храм „Преполовение на Празникот" во с. Мислешево, Струга

 

misles2015 1

misles2015 2

misles2015 3

misles2015 4

misles2015 5

misles2015 6

misles2015 7

misles2015 8

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1