„Николае, ти си хранител на вдовиците и татко на сираците, помошник на оние што се во маки, утеха на расплаканите, пастир и патеводител на сите заблудени. И сите нас, со твоите молитви, избави нè“ (песна од канонот на Утрена на свети Николај Мирликиски).

 

На 11.10.2015 година, во Деветнаесеттата недела по Педесетница, и на празникот на преподобниот Харитон Исповедник и на светиот пророк Варух, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереите Никола Христоски и Стевчо Тошевски, свештениците Александар Матески и Александар Крстаноски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, изврши осветување на новиот храм, посветен на светиот Никола Мирликиски Чудотворец, во с. Манастирско Доленци, Кичево. По осветувањето, беше отслужена и првата света архиерејска Литургија во новоосветениот храм. 

jordan release date | Footwear

 

Храмот започна да се гради во 2001 година, а ктитор е Даниел Спасеноски. Храмот се градеше под раководство на црковниот одбор од селото заедно со ктиторот, а со донациите на локалното население и сите добронамерни верници од пошироката околина. Иконостасот е подарок од Ацо Спасеноски. Откако заврши осветувањето и Литургијата, беше приредена и трпеза на љубовта.

 

По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.  

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!

 

„Господи, го засакав живеалиштето на Твојот дом и местото каде што пребива и славата Твоја" (Пс. 25, 8)

 

Драги браќа и сестри,

Овие прекрасни зборови, изговорени пред повеќе од три илјади години од страна на големиот пророк и цар на Еврејскиот народ, прочуениот псалмопејач Давид, се многу поучителни. Но, не се поучителни само за времето кога ги изговорил овој боговдахновен мудрец, туку, корисни се и спасоносни и за нас денеска. Овие зборови имаат уште поголемо значење кога ги слушаме и кога ги изговараме во дом Божји, во свет храм. Онаму каде што обитава Бог и се манифестира Неговата слава. Храмот Божји бил сакан, бидејќи, пред сè, бил благословен, а потоа и прекрасно украсен. Тука, овој пророк и цар, најпрво мислел на старозаветната скинија. Скинијата каде што се чувале таблиците со десетте Божји заповеди, садот со мана и Ароновиот жезол.

Не е спорно дека украсите во храмот предизвикуваат благопријатно чувство на религиозна восхитеност. Токму тоа го мотивирало овој цар да подигне храм од тврд материјал. Но, Бог, преку пророкот Натан му соопштува дека тој може да подготви материјал за храмот, а негов потомок ќе го подигне истиот тој храм. Храмот ќе биде подигнат од неговиот син Соломон. Храм кој ќе се смета за едно од светските чуда со својата импозантност и велелепност.

Но, тоа, може да кажеме, се однесувало за Божјото присуство во таков велелепен и единствен храм. Храм во којшто се манифестирала Божјата слава. Ние, пак, денеска, имаме безброј православни храмови по целата вселена и единствено Господ го знае нивниот број. Но, сите овие наши храмови се далеку помали, понеукрасени и поневеличествени во споредба со Соломоновиот храм. Но, и во овие наши храмови, кои се скромни по својата големина и красота, Бог престојува и нè облагородува, нè просветува, нè осветува и нè инспирира да правиме добри дела, да се поправаме, да се каеме и да Го сакаме Бога. Но, не само со зборови туку и со дела.

Ако се земе во предвид дека Бог е Творец на сè видливо и невидливо, тогаш кој е тој храм, колку и да биде голем и украсен, што ќе може да го смести Несместливиот, односно Творецот на сè. Зошто има потреба Творецот и Создателот на вселената да се вселува во наши ракотворни храмови? Се разбира дека овие храмови, и големи и мали, и скромни и величествени, не му се потребни на Бога. Тие ни се потребни нам, на луѓето. Затоа, Бог ги благословува и ги дарува со Неговата Божествена сила, којашто, пак, нам ни се дели преку светите тајни и молитвословија. Затоа, за време на осветувањето, најпрво го миеме светиот престол. Престолот во којшто Бог обитава и престојува со Неговите енергии и сили. Потоа го попрскува со осветена вода и го помазуваме со вино и благоухани мириси и положуваме честица од свети мошти. На крај, го помазуваме со свето миро и најпосле, го полагаме светото Евангелие кое е симбол на присуството на Господа Исуса Христа. Поради тоа светиот престол се нарекува престол Божји, и затоа, ние, со посебно внимание и со страв Божји се однесуваме кон светиот престол. Го целиваме, му се поклонуваме, со чувство и страв Божји дека се поклонуваме и пристапуваме кон нашиот жив Бог, Царот на славата, Господ Исус Христос.

Исто така, на светиот престол се извршува најголемата света тајна, односно за време на светата Евхаристија, виното и лебот се претвораат во тело и крв Христови. Кои, пак, ни се даваат во светата причест за спасение, исцеление и соединување со Господа Исуса Христа.

Светиот храм, е место кое светата Црква го благословува и го осветува. Место во кое ние луѓето, како христијани кои сме крстени, имаме можност даровите, силите, енергиите Божји, да ги примаме за наше спасение. Во светиот храм, треба да доаѓаме почесто. Очистени, како телесно, а уште повеќе духовно. Тоа подразбира да се исповедаме, да се каеме, да се помириме, да отфрлиме од нас секакво зло, пакост и лоша мисла. Па така духовно подготвени, да можеме и ние заедно со старозаветниот пророк Давид да ги изговориме овие прекрасни зборови: „Господи, го засакав живеалиштето на Твојот дом и местото каде што пребива и славата Твоја" (Пс. 25, 8).

Нека е честито осветувањето и сите што се потрудија да го подигнат овој храм, посветен на св. Никола Мирликијскиот Чудотворец, Господ да им возврати со благослов, мир и љубов. А храмот да му послужи за спасение на секој што влегува во него барајќи спасение на својата душа. Амин!

 

Деветнаесетта недела по Педесетница

11. 10. 2015 год.

храм „Св. Никола Мирликиски"  с.Манастирско Доленци, Кичево

 

mandolen2015 1

mandolen2015 2

mandolen2015 3

mandolen2015 4

mandolen2015 5

mandolen2015 6

mandolen2015 7

mandolen2015 8

mandolen2015 9

mandolen2015 10

 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3