„Чудотворци и податели на исцеленија и чуда, светилници светлоприемни, на сите им се јавивте со духовната благодат, зашто пламенот на страстите со вера го разладувате, и во неа умот на верните го загревате; затоа, откако се здобивте со духовното лекарство, приоѓајќи во црквата ваша божествена, викаме: Богоносци бесребреници, молете Го Христа Бога, прошка на гревовите да им дарува, на оние што со љубов го слават вашиот свет спомен“ (седален по полиелејни псалми на Утрена на св. Козма и Дамјан).

 

На 14.11.2015 година, на денот кога го прославивме чесниот спомен на светите бесребреници и чудотворци Козма и Дамјан, беше осветено уште едно светилиште во нашата епархија, посветено на двајцата лекари чудотворци, а кои не ретко ги повикуваме во нашите молитви да ги пазат нашите души и тела и да ни даваат исцеленија за нашите болести. Едно вакво светилиште, можеби не големо по својата материјална градба, но големо по своето духовно и обединувачко значење, а по иницијатива на протоерејот Димче Ѓорѓиески од Охрид, никна и во охридското село Опеница. Освен за изградбата на манастирот, протоерејот Димче е заслужен и за изградбата на новиот манастирски конак, за кои неуморно и целосно се вложи.

Nike Sneakers Store | Nike

 

 

На овој ден, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереите Димче Ѓорѓиески и Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, го освети новиот храм, во кој по осветувањето, беше извршена и првата света архиерејска Литургија. По завршувањето на Литургијата, беше осветен и новиот конак, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

 

Нашиот Спасител Господ Исус Христос ни даде повеќе заповеди. Ни даде повеќе укажувања според кои треба да се однесуваме. Заповеди според кои треба да постапуваме и според кои треба да се управуваме во нашиот секојдневен овоземен живот. Но, покрај многуте закони и прописи, Он вели дека две заповеди се најважни. Првата е: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум" (Мат. 22, 37) а втората е: „Возљуби го својот ближен како себеси!" (Мат. 22, 39). Овие две заповеди го содржат севкупното учење и барање на нашата света Црква и вера од сите нас кои се нарекуваме христијани. Се бара од сите нас, бидејќи сите имаме заеднички праотец, сите го имаме Адама. Создадени сме според образот и подобието Божјо. Сите ја имаме истата природа. А Господ Исус Христос со крст и страдање и со Својата пречиста Крв се прикова на крстот за да нè искупи и да нè избави. Затоа ние помеѓу себе се нарекуваме браќа во Христа. Сето тоа Господ Бог го направи од преголема љубов кон човечкиот род. Па затоа Го даде Својот Единороден Син за да нè избави и да даде откуп за нашите престапи, за нашите гревови и за нашите отстапувања.


Светите отци, многу јасно и прецизно нè поучуваат како можеме да Го сакаме Бога. Како да Го почитуваме и да Му се молиме и како да бараме од Него милост. Како да постиме и да се исповедаме, презентирајќи се како вистински христијани и добри луѓе. Но, оваа љубов покажана кон Бога, само на надворешен, формален начин, ќе биде голема измама за нас и за секој еден којшто така формално постапува, а нема љубов кон својот ближен, кон својот брат, пријател и познаник. Затоа во Св. писмо се вели: „Кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бога, Кого не Го видел?" (1. Јован 4, 20).


Преку овој пример, светата Црква нè поучува и нè опоменува, со нашиот живот и со нашите постапки да бидеме вистински искрени христијани, бидејќи верата ако не е потврдена со добри дела таа е ништожна. Таков пример ни посведочуваат двајцата браќа, светите Козма и Дамјан. Тие изучиле лекарско школо, а Бог заради нивната одданост кон верата и кон правењето добри дела, посебно ги дарувал да можат да лекуваат секакви болести. Да лекуваат со природни лекарства, направени од разни билки и треви. Нивната вера и одданост кон Бога се потврдувала со тоа што двајцата браќа дале завет дека од никого, на кого што ќе му помогнат, нема да му земат никакви награди, подароци, благодарности и слично. Затоа, светата Црква ги прославува како свети бесребреници. Во нивниот тропар се вели бесплатно примивте бесплатно давајте. Преку овие зборови светата Црква нè поткрепува и нè учи како овие двајца свети мажи биле свесни, дека сето што го прават, не го прават со свој ум или ученост, туку заради нивната одана и чиста вера, Бог ги наградува да можат да помагаат и да лекуваат секакви болести. Односно, преку нивните раце делува Троичниот Бог.


Преку примерот на овие двајца бесребреници, Црквата нè поучува и нас дека не треба да се гордееме и величаме со некои дарови и дарби со кои милоста Божја нè обдарила. Некој со убаво пеење, некој со убаво говорење, друг со убаво пишување и слично. Од нас светата Црква и нашата вера бара и очекува, сите тие дарби и способности што ги добиваме преку благодатта Божја, треба да ги ползуваме не само за нас туку истите да ги споделуваме со нашите ближни браќа и сестри во Христа. Така помагајќи им и утврдувајќи ги во верата и науката Христова, а сè со цел за прослава на Бога, на светата Црква и вера, а како крајна цел спасение на нашата бесмртна душа.


Ја користам оваа прилика, на иницијаторот протоереј Димче Ѓорѓиески, како и на црковниот одбор во Опеница, да им искажам искрена и топла благодарност за нивното ангажирање, трудење и материјално финансирање во изградбата во ова свето место, како и во градбата на прекрасниот конак. Нека овој свет манастир послужи за зајакнување на нашата света православна вера. Во него почесто да доаѓаме на молитва и да ги отвораме нашите срца и души пред Бога. Да бараме милост и благодат Божја, а Семилостивиот Бог нека ја зацврстува нашата вера, а ние да се потрудиме истата да ја практикуваме и да ја потврдуваме со добри дела. А сето тоа, за да спечалиме вечен и блажен живот, сега и во сета вечност. Амин!

 

„Св. Козма и Дамјан"
14. 11. 2015 година
Манастир „Св. Козма и Дамјан" – с. Опеница, Охрид

 

 

osvopenica2015 1

osvopenica2015 2

osvopenica2015 3

osvopenica2015 4

osvopenica2015 5

osvopenica2015 6

osvopenica2015 7

osvopenica2015 8

osvopenica2015 9

osvopenica2015 10     

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1