„Како пролет ни засветли - светлото Господово и божествено воскресение, од земната кон небесната Пасха приведувајќи не. Со неа, пак, ни сјае светлозарниот спомен на сеславниот маченик Георгија, што светло го извршуваме, за да се удостоиме за божествената благодат од Спасителот Христа“ (Светилен на Утрена на св. вмч. Ѓорѓи“).

 

На 15.11.2015 година, во 24 Недела по Педесетница и на празникот на светите маченици Акиндин, Пигасиј, Автониј и други, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, си спомнавме на големиот Јубилеј 180 години од возобновувањето на овој струшки централен храм, кој векови наназад претставува духовно собиралиште на стружани, кои тука ги имале своите духовни почетоци, кои тука растеле духовно и се молеле на Бога, но и каде биле испратени на своето последно патување. Токму затоа, ова духовно светилиште зазема огромно место во животот на стружани, кои денеска тоа и го покажаа, преку своето големо присуство во нивниот „Ерусалимски храм“. Не можеме, а да не го споменеме и неуморниот старешина на „Св. Ѓорѓи“, свештеникот Васко Голабоски, кој не допуштил храмот да претставува само обична градба, туку и го одржува она што му било оставено и уште повеќе го заживува како вистинско Тело Христово, како Црква, која нема да биде надвладеана од вратите на адот.

Sports News | Ανδρικά Nike

 

На овој ден беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофор Тоди Јован, протоереите Темелко Донески, Димче Ѓорѓиески, Игор Никовски и Никола Христоски, еромонахот Макариј, свештениците Васко Голабоски и Петре Бојчиноски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј им подели нафора на мноштвото верни и се обрати кон нив со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!

Драги браќа и сестри,

 

Денеска се собравме во овој свет храм, да прославиме и да одбележиме 180 години од неговото осветување во 1835 година. Светата Црква не треба да се разбере како општествена институција. Црквата е Богочовечки организам. Глава на Црквата секогаш е нејзиниот Основач, а нејзин Основач е Господ Исус Христос. Затоа, таа може да ги пребродува и надживува сите премрежија, и добрите и лошите периоди. Самиот Господ Исус Христос вели: „Вратите на адот нема да ја надвладеат" (Мат. 16, 18).


Црквата, како Богочовечки организам, има за цел, луѓето коишто служат, коишто се црквуваат и кои ја посетуваат да ги просветлува, осветлува, препородува и да ги води кон единствената цел. Таа цел е спасението и вечниот живот на Богообразната душа.


Црквата не ја сочинуваат само епископите и свештенослужителите, туку и лаосот Божји. Таа се раководи, не од човечки умувања и разбирања, туку со Духот Свет Кој обитава и престојува во неа. А епископите и свештенството, поставени се да раководат според Божјата промисла и според светите прописи на нашата вера и Црква. Затоа, не може да постои Црква без епископ, но, исто така, не може да биде потполна црква без народ Божји, односно без верниците. Многу добро за тоа ни зборува св. Кипријан Картагински: „Каде што е епископот, таму е и Црквата", додека, пак, друг црковен писател вели: „На кого Црквата не му е мајка, нему ни Бог не му е Татко". Преку овие вдахновени мисли на овие црковни авторитети од најраната Црква Христова, и нас денес нè поучуваат дека епископот и свештенството се неопходни како раководни луѓе. Луѓе кои треба да го обединуваат, да го собираат, да го раководат и да го надгледуваат поверениот им народ со една задача, да го водат по вистинскиот пат. Пат кој ќе постане благодатен живот, исполнет со св. тајни и молитвословија, пат на кој исправно ќе го слават Бога, и со својот христијански предан живот ќе спечалат милост Божја. Спечалувајќи ја Неговата милост Он ќе ја излие Неговата благодат, односно сила, за крепење на духот на верата, и за исполнување на црковните закони и прописи. А сето тоа за да спечалат вечен и блажен живот.


Треба да нагласиме дека Црквата Христова не ја сочинуваат само сегашните жители, односно оние кои се црквуваат и се нарекуваат православни христијани. Но, постои и невидлива, небесна Црква. Црквата е една, света, соборна и апостолска. Ова подразбира дека небесната црква е составена од апостолите, од мачениците, од светиите и од сите упокоени наши браќа и сестри од памтивек до денес со вера и надеж во вечен живот.


Ние, како воинствена Црква, на секоја света литургија, си спомнуваме и за небесната Црква, односно онаа што слави. Затоа, Црквата не може да се споредува со било која човечка организација или институција, кои имаат, по човечка природа, кратко паметење. Додека, пак, Црквата како Богочовечки организам, на секоја литургија си спомнува за ктиторите, за свештенослужителите, за украсителите, пејачите и посетителите и за сите православни души кои починале со надеж и вера за вечен живот.


Денеска, прославувајќи го овој јубилеј на св. Георгиј во Струга, се помоливме за ктиторите и за сите што придонеле да се изгради овој прекрасен храм. Храм изграден во едни извонредно тешки и неблагопријатни периоди за нашите предци. Како што знаеме, со големи маки и тешкотии, добиле ферман од турските власти за да можат да го изградат овој храм. Наоѓајќи се под закана од укинување на ферманот, морале да се користат со рушвет кај турските моќници за да ја завршат градбата на овој велелепен храм посветен на св. Георгиј. Треба да знаеме дека и пред овој свет храм постоел друг помал храм, за кој ни сведочат големиот број икони кои ги поседува струшката црква.


Прославувајќи го овој јубилеј, да искажеме благодарност до сите ктитори, свештенослужители, па и до денешните епитропи, пејачи и сите оние што се грижеле и што се грижат за него, овој свет храм да преставува украс, не само на Струга, туку и на целата МПЦ - ОА, и воопшто за целата сакрална уметност. Нека е честит јубилејот и за многу години. Дај Боже уште многу поголеми јубилеи да прославиме на овој свет храм.

 

180 години јубилеј
15. 11. 2015 год.
храм „Св. вмч. Георгиј" - Струга

 

180godstr 1

180godstr 2

180godstr 3

180godstr 4

180godstr 5

180godstr 6

180godstr 7

180godstr 8

180godstr 9

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1