На 06.12.2015 година, во 27-та Недела по Педесетница и на празникот на светиот Амфилохиј Икониски и на пренесување на моштите на свети Александар Невски, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј изврши преосветување на светиот Престол во храмот „Св. вмч. Пантелејмон“ во с. Велгошти, Охридско. Осветувањето на Престолот се изврши поради целосното реновирање на храмот, кое беше иницирано од црковниот одбор од селото, а се заврши со донациите на локалното население, како и донациите на сите добронамерни верници од пошироката околина. По преосветувањето на Престолот, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоереите Никола Христоски и Темелко Донески, свештениците Никола Кипријанов и Горан Ставрески и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

jordan release date | Patike – Nike Air Jordan, Premium, Retro Klasici, Sneakers , Iicf

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

 

Во денешното св. Евангелие, прочитано на светата Литургија, слушнавме како нашиот Спасител Господ Исус Христос во синагогата, во еден саботен ден, излекувал една жена која страдала 18 години. Обично Господ Христос лекувал болни на нивно барање и после нивните молби и пискотници. Додека, пак, во овој случај, таа не молела, не барала, но Господ се смилувал и ја излекувал. Се поставува прашањето, зошто така постапил? Одговорот е многу јасен, доколку сакаме сериозно да размислиме и истиот да го видиме.


Оваа несреќна жена, страдала цели 18 години. Одејќи од еден лекар кај друг, потрошила сè што имала. Иако скапо плаќала останувала без помош. Нечестивиот, кој ја врзал со болест оваа жена, се обидувал сите тие години нејзината вера, надеж и утеха да ги разочара и да ја оддалечи од Бога и од Неговиот закон. Но, како што гледаме, таа, покрај сите овие страдања Му останува верна на Бога. Иако болна, таа постојано доаѓала во синагогата на молитва кај Господа Бога. Затоа, Господ Исус Христос не чекал да Го моли за избавување од страдањето. Туку, гледајќи ја нејзината вера ја излекувал во присуство на сиот тој народ, којшто дошол во овој саботен ден, за да Го прослави Бога.


По излекувањето, сиот народ Го славел Бога. Само првосвештеникот, ослепен од завист, се обидел да ги укори. Односно, имало шест дена да се работи и лекува, а седмиот ден да се посвети на Бога. Но, Господ Христос го изобличил пред народот како лицемер и формалист. Наместо да изрази благодарност кон Бога, што оваа ќерка Аврамова е излекувана, тој се задржува на формалности. Формалности коишто се измислени од фарисеите и садукеите, а не дека се дадени од Бога така да се постапува. Овие луѓе, кои немале друга работа, туку, само мудрувале и измислувале закони и закончиња, оделе до такви ситници дали кокошката што ќе го снесе јајцето во сабота може да се јаде или не. Една бесмисленост. Затоа Господ Христос ги разобличува, а нам ни кажува дека човекот е поважен од секој закон и пропис. Многу јасно ни нагласува: „Саботата е создадена за човекот, а не човекот за саботата" (Мк. 2, 27).


Кога го употребуваме зборот сабота, тоа се однесува на старозаветната заедница и означува празничен ден. Но, во Христовата црква тој празничен ден е неделата. Ден посветен на Неговото светло и победоносно Воскресение. Затоа, потребно е секој христијанин, секоја недела и секој празник да Го посветува на Господа Бога со молитва, со добродетели и посета на светите цркви и манастири во нашата света Црква.


Кога се наоѓаме, пак, во светиот храм, потребно е сецело да се оддадеме со мисла и со чувства на Бога. Да го слушаме словото Божјо. Да учествуваме во светите богослужби. Да не разговараме во храмот и да не го користиме за продавање и купување. Туку, да внимаваме на зборовите што ги изговараат свештениците и пејачите, и да земеме удел во светото богослужение.


Ние, денеска, го преосветивме светиот престол во овој свет храм посветен на св. Пантелејмон Исцелител. Бог со Неговата сила, на посебен начин е присутен и делува во Неговите свети храмови. Но, доколку сакаме нашите молитви, прозби и барања да бидат услишани и исполнети, Бог од нас бара, искрено и чесно да се молиме не сомневајќи се во Божјата милост. Пред да се обратиме со молитва кон Бога, потребно е да се преиспитаме како живееме, како ја исповедаме нашата вера и како постапуваме со нашите блиски, познаници, комшии, роднини и пријатели. Треба да се преиспитаме дали во нашата душа и во нашето срце се има вгнездено зависта, гордоста и славољубието. Доколку овие пороци се вгнездени во нашите срца, не ќе можеме да ги видиме ниту блиските ниту далечните браќа во Христа. Но, доколку се потрудиме да отфрлиме од нас секаква лоша мисла и секакво лошо дело, па очистени и измиени, и телесно и духовно, ќе можеме да молиме и да очекуваме нашите барања, воздишки и потреби Бог да ги услиши и да ги исполни. А сето тоа ќе го направиме ако имаме силна и непоколеблива вера. Вера каква што имала жената од денешното св. Евангелие. Борејќи се духовно, таа го победила злото во себе, не потпаднувајќи под демонските замки. Таа вера Господ ја видел и ја излекувал жената.


Да се обратиме со искрена молитва кон св. Пантелејмон. Тој да биде наш заштитник и молитвеник, та сè што молиме и просиме, да го принесе пред Бога и да здобиеме милост Божја за спасение на нашите души сега и во сета вечност.


Ја користам оваа прилика, да им искажам благодарност на членовите на црковниот одбор при овој свет храм. Пред сè за нивното ангажирање во реновирањето на овој свет храм. Со реновирањето му го продолжија векот, а со тоа заштитија уште еден Божји дом. Тој дом нека биде место за молитва и за секакви добри работи. За прослава на Севишниот, на Македонската православна црква, и за спасение на сите што ќе се црквуваат и молат во него. Нека е честито и за многу години.

 

27. недела по Педесетница
06. 12. 2015 година
храм „Св. Пантелејмон" – с. Велгошти, Охрид

 

osvvelg2015 1

osvvelg2015 2

osvvelg2015 3

osvvelg2015 4

osvvelg2015 5

osvvelg2015 6

osvvelg2015 7

osvvelg2015 8

osvvelg2015 9

osvvelg2015 10

osvvelg2015 11

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1