„Обечен во Христовото сеоружје, се најде пред оние што не те бараа, Георгие, зашто ти, горејќи од ревност за Христа и, потсмевајќи се на лажните богови и на свирепоста безбожна, на беззакониците им викаше: Ниту ѕверовите, ниту колите, нити некоја друга мака, никогаш не ќе можат да ме одделат од љубовта на мојот Христос. Негмоли Го, да ги спаси и просветли душите наши“ (стиховна стихира на Вечерна на св. вмч. Ѓорѓи).
На 09.12.2015 година, денот кога го прославуваме споменот на светиот великомаченик Ѓорѓи и на светиот Алимпиј Столпник, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архирејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, протоереите Никола Христоски, Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, свештениците Владо Недески, Ѓорѓи Блажевски, Љупчо Бакрачеки и Роберт Илијевски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригидна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Nike Sneakers | Nike Shoes
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри,
Денеска, светата Црква го прославува светиот великомаченик Георгиј, односно се прославува изградбата на храм во негова чест во Киев. Христијанството во првите векови, било најжестоко прогонувано од страна на римските императори. Со тие гонења сакале да ги принудат христијаните да се откажат од вистинскиот Бог и од Господа Христа. Но, не само да се откажат од Христа, туку, ги терале да принесуваат жртви на многубожечките кипови и идоли, кои, во тоа време, ги почитувале римските императори. Во првите три века, имаме илјадници свидетели или маченици, кои својата припадност на Христовата вера ја посведочуваат со маченичка смрт. Во тоа време за секоја непогода што ќе го снајдела Рим или некој друг предел на империјата, по автоматизам биле обвинувани христијаните. Биле обвинувани бидејќи христијаните не принесувале жртви на римските богови. Па има една изрека којашто вели: „Ако се излие Тибар, виновни се христијаните, ако настапи суша, повторно се виновни христијаните и фрлете ги пред гладните диви ѕверови".
Преку ова се гледа колку идолопоклоничките императори биле помрачени и заслепени во своето идолопоклонство и во правењето злодела. Се гледа колку биле помрачени во уништувањето праведни и чесни луѓе. Ги убивале само затоа што верувале во вистинскиот Бог, во Создателот на светот и векот, во Оној што го создаде, како видливиот така и невидливиот бестелесен свет. Но, силата Божја и Неговата благодат била врз христијаните. И покрај тоа што биле прогонувани, убивани и подложувани на најразлични маки, христијанството постојано се ширело и множело. Затоа црковниот писател Тертулијан мудро вели: „Крвта на мачениците е ново семе за христијаните".
Маченик, на грчки μάρτυς, значи сведок. Не може да има поголем сведок за Господа Христа од луѓето кои своето сведоштво и својата припадност ја посведочуваат со сопствениот живот, односно ја посведочуваат со маченичка смрт. Нивната вера била силна, непоколеблива и бестрашна. Затоа, Божјата благодат била врз нив крепејќи ги и утврдувајќи ги. Таа благодат им давала сила и моќ да ги издржат сите искушенија, страдања, маки, без да се откажат од Господа Христа и да го окончаат својот живот со маченичка смрт. Божјата благодат е присутна во светата Црква и се раздава на верните преку светите тајни и молитвословија. Но, најголема благодат и најголема сила, преку која христијанинот се соединува со Бога, е светата тајна Евхаристија. Кога ние ја примаме светата Причест, преку лебот и виното, ние ги примаме Телото и Крвта Христови соединувајќи се со Него. Ние тоа со човечки разум и чувства не можеме да го објасниме и разбереме во целост. Но, преку нашата вера, можеме да Го примиме, да веруваме во Него и да Го почувствуваме во нашиот живот.
Денеска го прославуваме еден од големите маченици и исповедници на Црквата Христова, светиот великомаченик Георгиј Победоносец. Овој млад човек, полн со енергија и со убавина, изучил воени вештини и станал војсководец на римската војска. Бил миленик на самиот император Диоклецијан, но, во исто време бил длабок и силен Христов следбеник. Кога научил императорот дека Георгиј е христијанин се обидел на најразлични начини да го разубеди да се откаже од Христа и да принесе жртва на идолите. За возврат, му ветил дека ќе го унапреди во уште поголеми чинови во војската. Но, светиот великомаченик Георгиј сето тоа го презрел и останал верен исповедник на Господа Христа. Бил подложен на разни маки и страдања, но со Божја помош, којашто била врз него, ги поднел сите тие страдања и не се откажал од Христа. На крај бил погубен со меч. Но, неговото име, неговото исповедание и неговото сведоштво не се заборавило, туку тоа се прославува по целата вселена. Безброј цркви и манастири, како во Источната православна црква, така и во Западната црква, се изградени и се посветени на овој мартир Божји. Безброј луѓе го носат неговото име. Многу држави го имаат како свој заштитник на своите знамиња и грбови, а илјадници, пак, го чествуваат како домашен празник. А нема христијанска душа којашто не му се обраќа за помош на овој Божји угодник.
Да се обратиме со искрена молитва кон св. вмч. Георгиј, тој од неговото кандило на силна и непоколеблива вера, нека излие и во нашето кандило и во нашата душа. Па и нашата вера да биде цврста и непоколеблива, и така, да спечалиме живот вечен сега и во сета вечност. Амин!
Св. вмч. Георгиј
09. 12. 2015 година
Храм „Св. вмч. Георгиј" – Влашка маала, Охрид