На 03.01.2016 година, во манастирот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во с. Кнежино, Кичево, се упокои во Господа монахињата Доротеја, која последните десет години од својот овоземен живот целосно ги посвети на Бога, подвизувајќи се и градејќи го манастирот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Кнежино, Кичево. Монахињата Доротеја е родена во 1954 година во кичевското село Цер, а својот работен век го поминува во Охрид, каде што и се пензионира. Поминувајќи одреден период на искушеништво во повеќе наши манастири, таа ќе остане во манастирот во Кнежино, за кој и непрестајно се грижеше последните години од својот живот. Изминатата година, монахињата Доротеја се бореше со тешка и неизлечлива болсет, подготвувајќи се за средба со Севишниот Бог. Монахињата Доротеја беше погребана на 05.01.2016 година, во гореспомнатиот манастир. Опелото на монахињата Доротеја го изврши Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, заедно со повеќе свештенослужители. Митрополитот Тимотеј на крајот се обрати кон присутните роднини, пријатели и верници на упокоената со пригодно слово, кое во целост ви го пренесуваме.

Adidas shoes | Women's Nike Air Jordan 1 trainers - Latest Releases , Ietp

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

 

Старозаветниот цар и пророк Давид, во еден од псалмите, вели: „Услиши ја, Господи, молитвата моја и почуј ја молбата моја; не биди безгласен кон моите солзи, зашто сум туѓинец во Тебе и придојден, како сите мои предци" (Пс. 38,12). Овие зборови на Божјиот слуга Давид нè наведуваат да размислуваме за тоа како го поминуваме нашиот живот. Овие зборови ни укажуваат и на тоа дека времето незапирливо и незадржливо тече и поминува. Едни по други, ние заминуваме, и тоа неповратно во бесконечната вечност. Едно поколение го снемува, другото доаѓа. Една генерација отстапува место на друга генерација, еден живот завршува, друг започнува. Уште стариот антички филозоф Хераклит рекол: Panta rei.


Колку измени претрпела оваа земја во нејзината долговековна историја! Колку силни народи живееле на неа, а денеска се изгубени од лицето на земјата! Дури и имињата на некои народи историјата не ги сочувала. Колку само силни и моќни кралства и империи постоеле, кои ја задолжувале историјата со слава и величие, со процвет и големи постигнувања во науката, уметноста, трговијата и во други области, а денес од нив не останало ни трага. Постоеле и големи културни и просветни градски целини, коишто биле славени и величани во своето време, а денеска се прав и пепел, или, пак, археологијата открива за нив мали сегменти, кои само ја посведочуваат нивната некогашна слава и великолепие. Нешто слично се случува и со одделни луѓе: научници, мудреци, цареви, кралеви, богаташи, кои во своето време биле сè и всја, но, како што вели старозаветниот мудрец: „Дните на човекот се како трева; како полски цвет, така прецутува тој; ќе дувне ли над него ветер и веќе го нема" (Пс. 102,15-16 ).


Сето ова ни зборува и нè потсетува дека независно колку ќе живееме во овој свет, некој повеќе, некој помалку, вистинити се зборовите на старозаветниот Пророк дека сите сме дојденци во овој свет. За тоа ни зборува и св. ап. Павле во своето Послание до Евреите, кога вели: „Ние немаме постојано пребивалиште во град, туку го имаме во идниот" (Евр. 13,14).


Од сето досега кажано, а и воопшто е познато дека ништо во овој свет не е вечно. Единствен вечен е Бог, Кој нема ниту почеток, ниту крај во Своето Битие, и вечен е тој живот во кој ние стапуваме со нашата бесмртна душа. Ние го бараме идниот неракотворен небесен Ерусалим, кон кој се стреми секој еден од нас и одиме кон својот Господ, во Кого има вечен и сигурен живот. Токму тој ôд ни напомнува и нè потсетува каде е нашата Татковина. Нашето вечно пребивање е на небото, во домот на нашиот Небесен Отец. Он, пак, така го возљуби човечкиот род, што Го даде и Својот Единороден Син, да биде распнат на Крст за наше вечно спасение. (Јн. 3,16).
Драги браќа и сестри во Христа!


Денеска се завршува книгата на животот на монахињата Доротеја, која е родена во 1954 година во кичевското село Цер. Сиот работен век таа го поминува во Охрид, каде што и се пензионира. Последните десет години од нејзиниот живот, таа сецело ги посвети на Бога, претходно живеејќи како лаик во повеќе наши манастири и испробувајќи си ја својата волја, дали ќе може да го посвети целосно својот живот на Бога. И пред десет години, на сериозна возраст, таа одлучи да го посвети својот живот во монашки подвиг, служејќи на Бога, во овој свет манастир, посветен на св. вмч. Ѓорѓи. Во границите на нејзините и физички и духовни можности, таа се потруди овој манастир да заживее на духовен план, како што и денес го гледате. Но, Божјата волја била последнава година да и испрати тешка и неизлечлива болест, која како што и самата велеше: ми даде Бог период да се покајам и да се подготвам да излезам пред лицето Божјо, колку што е можно поисправна и поподготвена за небесниот и вечен блажен живот. Да се надеваме дека монахињата Доротеја ги исползува овие месеци на болест искрено и достоинствено да ги искае своите престапи, бидејќи нема човек кој ќе живее, а да не згреши. Како што знаеме, таа, пред да биде монахиња, беше во брак, од кој има двајца синови и внук. Но, и покрај тоа, нејзината желба за живеење монашки живот ја доведе во овој манастир, каде што и го заврши својот овоземен живот. Од името на Дебарско-кичевската епархија, од свештенството и монаштвото, како и од вас драги верници, искажуваме благодарност за сè што направи за оваа светиња. Истовремено се молиме на Севишниот Господ, да ја успокои нејзината душа, каде што нема болка, жал и воздишка, а има вечен и блажен живот. Бог да ја прости.

 

05.01.2016 год.
Опело на монахиња Доротеја
ман. „Св. вмч. Ѓорѓи" с. Кнежино, Кичево

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Август 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
27 28 29 30 31 1 2
3 4 5 6 7 8 9
10 11 12 13 14 15 16
17 18 19 20 21 22 23
24 25 26 27 28 29 30
31 1 2 3 4 5 6