„Разгорен од ревноста за љубовта Христова и откако ја фрли облеката за борба, исполнет со вера и со Божествениот Дух, првомаченикот ја потврди за сите богомудрата проповед на рибарите“ (песна од Канонот на Утрена на свети Првомаченик Стефан). 

 

На 09.01.2016 година, денот кога го прославуваме споменот на светиот апостол, првомаченик и архиѓакон Стефан, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, свештениците Васко Голабоски, Петре Бојчиноски и Љупчо Бакарачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон присутните верници со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Sneakers Store | Men’s shoes

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

 

Светата Православна црква прославува многу Божји угодници. Угодници кои со својот живот се уподобиле на Бога. Уште додека биле телесно живи тие биле блиску до Него. Но, по нивното преселување од овој свет, постануваат уште поблиски до Бога. За време на нивното престојување во овој свет, тие биле носители на Божјата светлина. Преселувајќи се од овој свет, со подвизите и верата и преку богопредаденоста постанале наследници на царството на светлината. Додека биле на оваа земја, биле синови на светлината, па затоа, Небесниот Отец ги прима во Своите небеса за да бидат светли ѕвезди за нас верниците. И додека биле во оваа долина на плачот, како што вели старозаветниот мудрец, тие се молеле за луѓето. Но, тие и сега се наши молитвеници и застапници пред Бога. Во нивниот живот има нешто општо заедничко, а тоа е, желбата да бидат богоугодници. Еден од нив е и денешниот славеник, првиот маченик за Црквата Христова, архиѓаконот Стефан.


Но, ние, да се задржиме на поуката којашто ја извлекуваме од богоугодниот живот на светиите. Бидејќи и ние како нив треба да постанеме богоугодници. Долг на секој христијанин е да Му се угоди на Бога. Оној кој не се труди да ја исполни волјата Божја отпаѓа од неа. Отпаѓа бидејќи сака да угодува на својата или, пак, на некоја туѓа волја. Да се угодува на сопствената волја, значи, да се движиме според убедувањата на нашите човечки и земни барања. Ние можеме да ги задоволуваме и нашите човечки побарувања. Но, се разбира, до некоја мера, бидејќи човечките побарувања немаат граница. Кога се трудиме да ги задоволиме нашите човечки потреби, ние, на духовен план, не постигнуваме никакви дејства на добро. Обично отпаѓаме од законите на доброто и на правдата, и од патиштата кои би нè извеле до вистинските вредности во нашиот живот.


Ние, како луѓе од крв и месо, не само според човечката природа, повикани сме да правиме добро. Да правиме добро не само на себеси, туку и на сите околу нас. Св. ап. Павле нè советува: „Секој од вас должен е на својот ближен да му угодува во доброто за поука. Оти и Христос не угоди на Себеси" (Рим. 15, 2 – 3). Кога се вели дека треба да им угодуваме и на нашите блиски, тука не се подразбира и не се одобрува подржување на човечките слабости, страсти и похоти. Туку, правењето на добро, односно, ако некој е гладен да го нахраниме; ако е жеден, да му дадеме да пие; ако е во мака, да му притекнеме во помош; ако е ожалостен, да го утешиме со добар збор; ако е болен да го посетиме, односно, сè она коешто нашата света Црква нè обврзува да го правиме и бара од нас така да постапуваме. Преку тоа ќе ја посведочиме нашата припадност, како вистински христијани и следбеници, на патот кој води кон царството небесно.


Треба да се има вистинска и правилна оцена во правење на добро на своите блиски, роднини, пријатели и познаници. Бидејќи не секое, навидум, направено „добро", добро ќе влијае кај луѓето. Ќе дадеме еден пример од секојдневниот живот, што обично се сретнува кај родителите кои имаат по едно дете. Најчесто, таквите родители, на своето дете му посветуваат огромно внимание и се грижат за него, како што вели нашиот народ, прав да не падне на неговата глава. Гледаат сите негови побарувања да бидат исполнети и задоволени. Но, преку тоа, го прават егоист. Личност којашто нереално ќе очекува во животот сите луѓе да се однесуваат сервилно кон него, односно, онака како што се однесувале неговите родители. Но, тоа е една голема измама, бидејќи животот е суров. Човекот треба да биде подготвен да гледа со реални очи и реално да го сфаќа и восприема своето постоење и делување во овој свет. Тука не се сомневаме дека родителската љубов е вистинска. Но, гледаме една погрешна воспитаност, која утре, во животот на тоа дете ќе му донесе големи страдања и болка, поради неподготвеноста правилно да го гледа светот и векот.


Денешниот славеник, својата припадност кон Христа ја покажал уште додека бил во овој свет преку грижата за луѓето. Како ѓакон тој бил задолжен за нивното социјално згрижување. Тој бил еден од седумте ѓакони во Ерусалимската црква, поставен како прв помеѓу нив. Својата припадност кон Господа Христа ја посведочил со маченичка смрт. Неговото благородно и христољубиво срце се покажува и во смртниот час кога Го моли Господа Бога: „Господи, не примај им го ова за грев!"(Дела 7, 60). Овие зборови св. архиѓакон Стефан можел да ги изговори бидејќи благодатта Божја била врз него и му давала сила и енергија, да може да ги поднесе овие страдања. Но, во исто време, да не биде ожесточен со злоба и пакост кон своите каменувачи, туку, да се моли за нив да не им се препише тоа за грев.


И ние денеска, наоѓајќи се во овој свет храм, да се обратиме со искрена молитва кон св. архиѓакон Стефан. Нека всади од неговата цврстина и непоколеблива вера во нашите срца и души. Та и ние да можеме да Го исповедаме Христа Бога со правење на добри дела и така да здобиеме вечен и блажен живот. Амин!

Св. архиѓакон Стефан
09. 01. 2015 година
храм „Св. вмч. Георгиј" – Струга

 

svstefzim2016

svstefzim2016 1

svstefzim2016 2

svstefzim2016 3

svstefzim2016 4

svstefzim2016 5

svstefzim2016 6

svstefzim2016 7

svstefzim2016 8

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Август 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
27 28 29 30 31 1 2
3 4 5 6 7 8 9
10 11 12 13 14 15 16
17 18 19 20 21 22 23
24 25 26 27 28 29 30
31 1 2 3 4 5 6