Во петокот од Светлата седмица го празнуваме обновувањето на храмот на Пресвета Богородица, наречен Живоносен извор. Си спомнуваме и за извонредните и натприродни чуда што се случиле во тој храм на Божјата Мајка. „Владичице, ти навистина си Изворот на жива вода, бидејќи ги лекуваш тешките болести на душите и телата, само со допир до тебе, излевајќи ни Го Христа – водата на спасението.“ (егзапостилар на празникот)

latest Running Sneakers | Autres

На овој ден (29.04.2011) познат уште како Источен петок – Балаклија, света архиерејска Литургија се отслужи во храмот „Св. Богородица – Каменско“ во Охрид, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на архимандрит Нектариј (Најдоски), протоереј-ставрофор Ефтим Бетински, протоереј Сашо Богданоски, свештениците Љупчо Симиџиески, Ромео Петрески и Димче Азески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски, Владо Недески и Васко Голабоски. Митрополитот Тимотеј се обрати кон присутните верници со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме. По завршувањето на Литургијата се изврши Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Христос воскресе!
Драги браќа и сестри!
За време на изминатиот Велигденски пост се молевме да ја сочуваме верата, искрено да се покаеме, со пост молитва и со свето причестување да се ослободиме од нашите гревови и да се соединиме со Христа. Душевно очистени, достојно да го дочекаме светото Христово воскресение, и нас во деновите на општото воскресение, воскреснатиот Господ да нè воскресне за блажен и вечен живот. Да бидеме благодарни на Бога што го дочекавме спремни и телесно и духовно, овој за нас христијаните, многу значаен и спасоносен ден на Христовото Воскресение. На овој голем радосен ден се радуваат сите христијани, бидејќи овој ден е празник над празниците, ден на победа на правдата над лагата, победа на правдата над неправдата, победа на Бога над сатаната, победа на животот над смртта. Секој наш празник ни донесува посебна душевна радост и неизмерно задоволство, надеж на вечен живот, а воскресението Христово сето тоа ни го дава во полна мера.
Во нашиот живот во овој свет се сретнуваме честопати со тага и болка, но исто така доживуваме и извесно задоволство и радост. Што порано и колку од тоа ќе доживее човек, зависи многу од нас самите, од нашиот став, работа и живот. Тагуваме ако имаме болен човек во нашето семејство, се молиме на Бога за негово оздравување. Ако нашиот болен човек оздрави неизмерно се радуваме и благодарни сме Му на Бога затоа што ја услишил нашата молитва и го оздравил нашиот болен. Покрај ова, честопати нè збунуваат разни проблеми; не знаеме како успешно да ги решиме. Кога Бог на нашите молитви и со Неговото безмерно милосрдие ќе ни помогне, сите проблеми успешно да ги решиме, ние сме радосни и принесуваме на Бога благодарни молитви за Неговата помош.
Оваа воскресенска седмица имаме посебно задоволство и неопишана духовна радост, знаејќи дека Воскреснатиот Христос ни го покажа правиот пат и ни ги даде потребните средства за саканото наше патување кон вечниот живот да го засилиме со својата посилна вера, постојаната надеж и со зголемена љубов кон милостивиот и вечен Бог и кон ближните свои како кон родени браќа. Со своето воскресение Господ нè има ослободено од гревот и смртта и од сотоната - најголемиот непријател наш. Сега, со наш труд и страдање, со благодатта Божја, можеме да се надеваме дека ќе го добиеме и вечниот живот на небото, па затоа нашата душа уште сега на земјава се радува исполнета со неопишана радост. Затоа, со право се веселиме во душата, пеејќи овие денови: „Овие денови да се радуваме и веселиме, што ни ги даде Господ”.
Но, за да биде нашата радост трајна во ова наше славење, постојано да мислиме на воскреснатиот Христос, со Него и во Него да работиме она што е угодно на Бога, да живееме според Неговата света волја, да се молиме на Бога за помош, доброволно да го носиме својот крст за Христа, независно дали е тежок или лесен, молејќи Го Воскреснатиот Христос да ни даде снага да не потклекнеме под теретот на крстот, да одиме по Христа и во добро и во лошо, во радост и во жалост. Како што на своите ученици им ветил пред одењето кај Својот Отец, дека нема да ги остави, дека ќе биде секогаш со нив, и нам нека ни испрати Дух Свети во овие тешки денови, да нè засили во нашата слабост, утеши во неволи, та овие немирни времиња да ги преобрати во сеопшт мир и спокојство, во меѓусебна љубов, без што животот е тежок. Така, ако ја добиеме посакуваната помош, да можеме сигурно да одиме по Христа, да ја исполниме волјата Божја со нашиот Богоугоден труд и живот и ја доживееме вистинската радост во Царството небесно.
Во овие денови на празничното славење и радување, нека нашите мисли, не само сега, туку преку целиот наш живот, бидат упатени кон ПАСХАЛНОТО ЈАГНЕ. Покрај тоа, нашите врати на срцето и душата нека бидат секогаш отворени, за да може Воскреснатиот Христос, да се всели во нас, а со тоа да го воскресне во нас новиот човек создаден според слика и прилика Божја; да нè обдари со даровите и благодетите на Светиот Дух, со чиста и цврста вера, со Божествена вистина и правда, па користејќи се со тие благодети и трудејќи се остатокот од нашиот живот, да го живееме во сè според волјата Божја и со тоа да заслужиме и вечен живот на небото во заедница со воскреснатиот Христос, Спасителот наш. Амин!
Христос Воскресе!

Митрополит Тимотеј

Светли петок
29.04.2011 година, храм „Св. Богородица - Каменско“ Охрид

светпет2011

светпет2011 2

светпет2011 4

светпет2011 6

светпет2011 8

светпет2011 10

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1