„Денес се исполни пророчкото слово: зашто, ете, се поклонуваме на местото каде што стоеја нозете Твои, Господи! И, кога од дрвото на спасението вкусивме, слобода од гревовните страсти примивме, по молитвите на Богородица, единствен Човекољупче“ (песна од Канонот на Утрена на Крстопоклона недела).

 

Во Третата недела од Великиот пост, во која го празнуваме и се поклонуваме на чесниот и животворен Крст, во храмот „Св. Петар и Павле“ во Кичево, беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот Стевчо Тошевски, свештеникот Александар Матески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Според древната црковна традиција, пред почетокот на Литургијата, насреде храмот беше изнесено оружјето на победата за христијаните, светиот Крст, со кој се победува секоја демонска и непријателска сила. Многубројниот народ пристапи да го целива Крстниот знак, а Митрополитот Тимотеј им подели на верниците гранчиња босилок. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верното стадо со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

Authentic Sneakers | Nike Air Max 270 - Deine Größe bis zu 70% günstiger

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

 

Денеска, светата Православна црква, оваа недела ја нарекува крстопоклона. Неколку пати во годината, чесниот и животворен крст Господов, на свечен начин се изнесува на поклонение пред верниот народ. И денеска, според црковниот поредок, беше изнесен и положен на сред црква за поклонение и целивање.


Во денешното свето Евангелие, ги слушнавме зборовите на нашиот Спасител Кој вели: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе својот крст и нека врви по Мене" (Мк. 8, 34). Неговите зборови ни укажуваат дека прифаќањето на Христа и на христијанството е израз на човековата слободна волја. Поединечно од секој човек зависи, дали во својот живот ќе се определи да оди или да не оди по Христа. Определбата да се оди по Христа значи, подготвеност да ги прими сите искушенија, сите маки, сите страдања и сите непријатности коишто животот ги носи. А уште повеќе, доколку човек сака достоинствено и чесно, да се посведочува како Христов следбеник. Одењето по Христа подразбира наше самоодрекување. Самоодрекување кое во себе содржи борба против секое самоволие и самољубие. Одрекувањето од себе значи одрекување од својата страсна природа, од својата световна волја, откажување од користољубивоста и од својата приврзаност кон овој свет. Одрекувањето од себеси треба да биде прекратување на сите лоши постапки и дејанија, кои, ние, како грешни луѓе, склони сме да ги правиме и да ни бидат поприемливи и лесно прифатливи. Заповедта, пак, да се земе својот крст, значи, подготвеност за поднесување на секакви маки и страдања, па дури и смрт.


Во времето на Господа Христа, крстот бил орудие за казна. Односно, крстот бил определен за најголемите престапници на законот и прописите на Римската империја. Затоа, и Господ Христос бил осуден со распнување, и тоа, помеѓу двајца разбојници. Според Римската традиција и правните нормативи, оној што бил осуден со смрт на крст, должен бил да го носи својот крст до местото на неговото казнување. Крстот, пред распнувањето на Христа, се сметал за орудие на срамот, а преку тоа, и на презирот. За нас, пак, христијаните, по распнување на Господа Христа, крстот станува симбол на нашето спасение: „Бидејќи словото за крстот е безумство за оние, што гинат, а за нас, кои се спасуваме, сила Божја" (1. Кор. 1, 18). Оваа вистина можат да ја разберат само луѓето коишто веруваат во Христа, и кои, со својата душа, учествуваат во Христовите страдања. Учествуваат во Неговите страдања за да учествуваат во Неговото Воскресение. Секој еден од нас го носи својот крст и се искачува кон сопствената Голгота. Само така носејќи го крстот, ние, се удостојуваме да одиме по Христа и да бидеме учесници во вечниот живот. Преку крстот ние ги распнуваме нашите гревови, слабости и престапи, а од друга страна, пак, се збогатуваме со христијанските добродетели.


Нашиот Спасител Господ Исус Христос, распнувајќи се на крстот, ја принел жртвата за севкупниот човечки род. Со Неговата пречиста Крв, издигнувајќи се на Голгота, ги измил сите престапи и гревови на човечкиот род. Преку Неговиот свет крст, на христијаните им дава сила и благодат, која ги охрабрува и заштитува, а истовремено, ги зацврстува во верата. Ги зацврстува за да можат достоинствено да го носат својот крст и да не отстапуваат од патот којшто е трнлив и исполнет со разни непријатности. Но, само тој пат единствено е спасоносен и кој води во царството Божјо. Па, затоа, и светата Црква, во оваа трета недела од Великиот пост, го изнесува крстот Господов на поклонение. Го изнесува во средината на постот за да ги охрабри своите верници. Да се потсетат на страдањата на Господа Христа, како Он, Сеправеден и без никаков грев, ги поднел сите маки и понижувања. Поднел сè за да даде откуп и спасение на родот христијански.


Да се обратиме со искрена молитва кон Господа Христа. Преку Неговиот чесен крст нека ја испрати Неговата благодат врз нас, па да можеме да одиме по Неговиот пат, носејќи го нашиот крст. Така одејќи да здобиеме вечен и блажен живот, сега и во сета вечност. Амин!

 

Крстопоклона недела
03. 04. 2016 год.
Храм „Св. Петар и Павле" – Кичево

 

krstopoklonaned2016krstopoklonaned2016 1krstopoklonaned2016 2krstopoklonaned2016 3krstopoklonaned2016 4krstopoklonaned2016 5krstopoklonaned2016 6krstopoklonaned2016 7

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1