„Излезете народи, излезете луѓе, и видете Го денес Царот Небесен, како влегува во Ерусалим на грдо осле, како на возвишен престол: роде јудејски неверен и прељубодеен, пријди и види Го Господа, за Кого пророк Исаија предвиде дека заради нас ќе дојде во тело; ете Го Младоженецот на новиот Сион, и за Неговата чиста и непорочна свадба, мноштво невини деца се собраа фалејќи Го; со нив и ние да ја запееме ангелската песна: Слава во висините, на Оној што има милост голема“ (хвалитна стихира на Утрена на Цветници).
Оној што за престол го има небото, денес, седнат на осле, влегува во Ерусалим, подготвен да ги претрпи срамните унижувања и да ја покаже Својата светла победа над смртта. „Ликувај од радост ќерко Сионова! Ете, Царот твој доаѓа при тебе, кроток, седнат на осле, рожба на ослица“ (Зах. 9, 9). Затоа и нашиот Спасител, Господ Исус Христос, беше воспеан од устите на мноштвото незлобиви дечиња, кои Му викаа: Осана на Синот Давидов, благословен е Оној, што доаѓа во името на Господа. И нас Господи, кои денес го прославивме овој голем празник, со Твоето неискажливо милосрдие, удостој нè да го видиме и Твоето живоносно воскресение и помилуј нè, сега и секогаш и во вечни векови.
best Running shoes brand | Nike Shoes
На овој светол ден, на 24.04.2016 година, во манастирот „Пресвета Богородица“ Пречиста во Кичево, беше отслужена света архиерејска Златоустова Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереите Никола Христоски и Стевчо Тошевски, свештеникот Александар Матески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Пред почетокот на Литургијата, беа осветени и врбовите гранчиња, симбол на оние гранчиња, со кои незлобивите дечиња Го пречекаа во Ерусалим Царот на сите . По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.
Драги браќа и сестри,
Денеска, прославуваме еден голем настан од животниот пат на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Поточно, на шест дена пред Пасха, Господ Христос, на свечен начин, јавајќи на осле, влегува во Ерусалим. Бидејќи се наближувал големиот празник Пасха, Јудеите од сите страни доаѓале во Ерусалим, за да ја прослават старозаветната Пасха, односно изведувањето на Еврејскиот народ од египетското ропство.
Така, градот Ерусалим, во тие денови бил исполнет со мноштво луѓе. Но, кога се проширила веста дека се појавил нов Учител и Проповедник, Кој прави големи дела, дури и мртви воскреснува, бидејќи веста за чудото на Господа Христа во Витанија, воскреснувајќи го четвородневниот Лазар, се раширила со голема брзина. Најголем дел од обичниот народ помислил дека е дојден Месијата, Избавителот на Еврејскиот народ, Кој ќе ги ослободи од овоземните стеги на покореност, угнетеност и измаченост од страна на Римската империја. Па, затоа, мноштво народ излегол, стари и млади, деца и возрасни, да Го пречекаат својот Учител. Го пресретнуваат како голем Победител и Ослободител. Го пречекуваат онака како што во Римската империја, ги дочекувале нивните војсководци, по враќањето од некои големи и судбоносни битки. Но, Христос, за да им покаже на луѓето дека Он не е цар и војсководец и дека Неговото царство не е од овој свет, се качува на осле наместо на коњ, кој, пак, е знак на победа од овој свет.
Радосниот народ Го дочекувал Господа Христа низ улиците на Ерусалим со восклици Осана на Синот Давидов..... Народот, од радост ги соблекувал своите горни наметки и ги постилале по патот каде што требало да помине Христос. А децата, пак, со палмови гранки и со други цвеќиња, Го поздравувале и воскликнувале со радосниот поздрав Осана, што значи – да живее.
Господ Исус Христос, кога ќе се доближи до Ерусалим, гледајќи го градот ќе заплаче и рече: „И ти да го беше узнал барем во овој твој ден, она што служи за твојот мир? Но тоа и сега е сокриено од твоите очи... и ќе те разурнат тебе и чедата твои во тебе, и нема да остават камен над камен од тебе, оти не си го познал времето, кога беше посетен" (Лк. 19, 42 и 44). Оној што сè знае, го видел претстојниот трагичен настан. Настанот кој ќе му се случи на Ерусалим во 70. година, кога градот целосно ќе биде разурнат и ќе биде преоран. Се подразбира дека голем дел од населението ќе биде убиено, а најголем дел од него ќе биде раселено по сите краишта на Земјината топка. Затоа, Господ Исус Христос плачел. Плачел, бидејќи ги гледал претстојните маки и страдања на луѓето во овие непријатни и тажни мигови. Но, Господ Исус Христос, не плачел само за Ерусалим. Он плачел и за Своите следбеници и за сите христијани кои ќе поднесат страшни прогони, убиства и крвопролевања за време на трите последователни векови, кога Црквата Христова, од страна на римските императори ќе биде жестоко прогонувана.
Господ Христос, исто така, плачел и за луѓето кои кон Неговото свето и Божествено евангелие ќе се однесуваат рамнодушно. Луѓето ќе го отфрлат Неговото име и ќе се приклучат кон ниското, страсното, гревовното, односно, ќе се приврзат кон овоземното. Господ Исус Христос, како Спасител на светот, ги имал во предвид и мноштвото грешници кои се потопени во своите пороци и гревови. Оние, кои, иако со своите усти ќе го произнесуваат Неговото име и ќе го носат името христијани, ќе живеат нехристијански. Он исто така плачел и за оние грешници кои веднаш после нивното покајание се враќаат на гревовниот пат. Оние, кои, со нивното формално каење, не ги очистуваат нивните гревови. Со други зборови, Господ Христос плачел за сиот христијански род, па вклучително и за нас денес. Затоа светата Црква, оваа недела пред страсните страдања на Господа Исуса Христа, нè поучува, како христијани, уште еднаш да се потсетиме на големата милост Божја, на Неговата љубов кон нас, за Неговата саможртвуваност и издигнувањето на Голгота и распнувањето на крстот. Заради нас ќе претрпи понижување, биење и распнување. Сè со цел, да ни даде можност да се покаеме и со Бога да се измириме. Искрено да паднеме пред распетието Христово и да измолиме простување на нашите гревови и прегрешенија. Па да можеме и ние, заедно со благоразумниот разбојник, да се најдеме во царството Божјо. Амин!
Влегување во Ерусалим – Цветници
24. 04. 2016 година
Манастир „Света Богородица Пречиста" – Кичево