„Безсловесниот Јуда го примаше телото кое ослободува од гревот и божествената крв пролеана за светот. но не се срамеше да ја пие оваа крв што за пари ја продаваше. Тој не умееше да го избегне ова предавство и да вика: Пејте Му на Господа, дела, и превозносете Го во сите векови“ (песна од Канонот на Утрена на Велики Четврток).

 

На 28.04.2016 година, на Велики Четврток наутро, кога го празнуваме споменот на востановувањето на светата тајна Евхаристија - Тајната Вечера, миењето на нозете, свештената молитва, а си спомнуваме и за предавството Јудино, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот Никола Христоски, свештеникот Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

url clone | Nike Shoes

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

 

Во Стариот завет, светиот пророк Мојсеј, на планината Синај, ја видел капината којашто гори а не согорува. Од човечка љубопитност, Мојсеј се доближува да види што е тоа што гори а не согорува. Доближувајќи се, од капината слушнал глас Божји кој му вели: „'Мојсеј, Мојсеј!' А тој одговори: 'Еве ме, Господи!' И Он рече: 'Не приоѓај ваму. Собуј ги обувките твои од нозете, зашто ова место, на кое стоиш, е света земја'" (Исход 3, 4-5).


Она што го слушнал старозаветниот Мојсеј, без сомневање било големо и страшно видение. Видение во кое капината горела, но, не согорувала, а од неа зборувал Самиот Бог. Дали не е страшен и чуден Светиот путир, пред кој вие стоите и пристапувате? Во Светиот путир, под видот на лебот е Телото Христово, а, пак, под виното е Крвта Христова. Тука, во Светата чаша е божествениот огин. Огин, кој достојните ги очистува од секакви недостатоци а, пак, оние, недостојните, ги запалува и ги изгорува.


Па, затоа, Оној Бог, Кој некогаш зборувал преку капината, денеска, таинствено, со Неговото присуство, му зборува на секој кој се приближува кон Светата чаша. Не приближувај се пред да ги собуеш своите обувки, му вели Бог на Мојсеј во Стариот завет. Но, сега ни вели: Не пристапувај, пред да ги покаеш своите гревови, кои се поврзани со твојата душа. Времето сè уште не е поминато. Сè уште има време за покајание. Време за барање прошка, за отстранување на гревовите. Благоразумниот разбојник, висејќи на крстот побарал прошка и ја спасил својата душа. Господ Христос му вели: „Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот!" (Лк. 23, 43).


Не се воздржувај во својата душа за своите болести, туку, принеси ги кон Бога и ќе се ослободиш од твоите гревови. Не се срами од твоите срдечни солзи, тие се балсам за раните гревовни. Заборави сè што е земно и што тебе те опкружува, на тебе сега гледа Христос. Тебе те поткрепува твојот ангел хранител и сите небесни бестелесни сили. Ти пристапуваш како на страшен суд и со твоето учество во тајната Причест, ти се причестуваш за живот вечен или за вечно осудување. Драги верници, пред да пристапите кон светата Причест, кажете во својата душа, но искрено и чесно, јас сум грешен и прв грешник во светот. Но, јас не сакам да бидам таков. Сакам да се откажам од сите мои поранешни престапи и гревови и затоа удостој ме мене Господи, достојно да се причестам со Твоите пречисти тајни. Кажете ги зборовите: Верувам Господи и исповедувам дека си Ти мојот Спасител, мојот Покровител и Избавител. И верувам дека ова е Твоето вистинско чесно Тело и ова е Твојата вистинска чесна крв, и да не ми биде за суд и осуда туку за живот вечен. Нема да Ти дадам целив како Јуда, туку, Те исповедувам како разбојникот. Спомни ме Господи во Твоето царство.


Со таква вера и понизност, со таква прозба да пристапиме кон светата Чаша и да Ги примиме Телото и Крвта на нашиот Господ Исус Христос, за блажен и вечен живот. Амин!

 

Велики Четврток 
28.04.2016 година
Манастир „Св. Климент и Пантелејмон" - Плаошник

 

Velcetvrutr2016Velcetvrutr2016 1Velcetvrutr2016 2Velcetvrutr2016 3Velcetvrutr2016 4Velcetvrutr2016 5Velcetvrutr2016 6Velcetvrutr2016 7Velcetvrutr2016 8

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Август 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
27 28 29 30 31 1 2
3 4 5 6 7 8 9
10 11 12 13 14 15 16
17 18 19 20 21 22 23
24 25 26 27 28 29 30
31 1 2 3 4 5 6