„Ангелите им говореа на апостолите кои гледаа: Луѓе Галилејци, зошто се чудите на Вознесението на Животодавецот Христа? Он ќе дојде пак на земјата да и суди на целата вселена, како најправеден Судија“ (песна од Канонот на Утрена на Вознесение Христово). 

 

На 09.06.2016 година, на денот кога го празнуваме великиот празник на Вознесението Христово, во манастирот „Вознесение Христово“ („Св. Спас“) во с. Г. Лакочереј, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештеникот Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а потоа се изврши и свечена литија околу храмот. Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

affiliate link trace | Women's Nike Air Jordan 1 trainers - Latest Releases , Ietp

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

 

Нашата света Црква денеска го прославува светлото Христово Вознесение, на Елеонската гора. Вознесението, коешто, се случило на четириесеттиот ден после Неговото Воскресение. Но, во нашиот народ, овој празник се нарекува и прославува како Спасовден. Сосем природно се поставува и прашањето: Зошто, овој голем Господов празник, го добива ова име?


Ако сакаме, во најкратки зборови, да ја сублимираме севкупната дејност и мисија на Господа Христа, единствениот одговор е дека таа се состои за спасение на човечкиот род. Затоа, Самиот Христос го добива името Исус, што значи Спасител. Неговото дело на земјата започнува со Неговото раѓање. Во Неговиот живот го исполнува законот Божји, покажувајќи ни со Својот пример и со Својата постапка. Ни ја дава Неговата наука, Неговото спасоносно страдање, распнување и воскреснување. Потоа, им се јавува на Неговите апостоли, на жените мироносици и на други Негови следбеници. Како завршеток на Неговото спасоносно Богочовечко дело е Неговото Вознесение. Со Вознесението се завршува спасителната мисија на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Па оттаму, и кај нашиот народ, како и кај други народи, овој празник го добива името Спасовден. На денешен ден, Господ Христос, се вознесува пред очите на Своите ученици на небесата и седнува оддесно на Бога Отецот.


Како секој празник, така и овој, има своја порака од која ние, како христијани, треба да се поучиме. Да се поучиме за да се спасиме. Ние, кога ќе го слушнеме зборот спасение, речиси секогаш, во предвид имаме дека се спасуваме од некоја опасност, страдање или од некое зло кое нè чека на секој чекор. Но, тоа не е така, кога станува збор за спасение на човекот од пеколот. Спасувањето на луѓето се случува во текот на целиот нивни живот на земјата, а се завршува со преоѓањето во вечниот живот. Добар ученик може да биде само оној, кој е свесен, дека школото и учењето, се негова подготовка за неговиот живот во овој свет. Вистински христијанин, пак, може да биде само оној, кој го доживува животот на земјата како школо, кое го подготвува за вечниот живот. А овој наш живот е привремен, и ние, како христијани, треба да се трудиме да си обезбедиме место во ветената татковина, односно во царството небесно. Св. ап. Павле вели: „Овде немаме постојанен град, туку го бараме оној, што ќе дојде" (Евр. 13, 14).


Севкупниот човечки живот на земјата е долг пат кон царството небесно. На тој пат има многу препреки, искушенија и борби против разни зла од најразлични видови. Не само на секоја раскрсница, туку, на секој чекор во животот, луѓето ги чекаат најразлични бариери и борби против злото, гревот, слабостите и против страстите. Божјата благодат е најголемата сила, која, на човекот му е дадена за оваа борба. Сила, со која човекот се стекнал, преку целокупното спасително дело на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Се поставува прашањето: Што треба да направи човекот, соработувајќи со Божјата благодат, за своето спасение? Не е доволно да се спасува само од грев, туку, да живее активен христијански живот. Не само да се пази да не му служи на сатаната, туку, да Му служи на Господа Христа. Не само да излегува од мракот на омразата, невистината, туку, постојано да се преобразува во светлоста Божја, во вистината, правдата и љубовта и во добродетелите на Господа Христа. Спасувањето е секојдневно и упорно напредување во новиот живот и во новата заедница со Исуса Христа. Тоа е секојдневно вистинско доживување на Евангелието, и тоа, во сè поголема и посилна мера, растејќи до мерата на растот Христов, како што вели св. ап. Павле (Ефес. 4, 13).


Денеска, прославувајќи го овој голем празник на Христовото Вознесение, да се обратиме со искрена молитва кон нашиот Спасител Господ Исус Христос. Па да ја излие Неговата Божествена благодат врз нас, и да можеме достоинствено христијански да го изодиме животниот пат. Па нашиот живот да биде исполнет со добродетели, и така, да се надеваме на милоста Божја, да се најдеме од десната страна на Господа, заедно со праведните души, во Неговото приготвено царство. Амин!

 

Вознесение Христово
09. 06. 2016 год.
Манастир „Св. Спас" – с. Г. Лакочереј, Охрид

 

spasov2016 1spasov2016 2spasov2016 3spasov2016 4spasov2016 5spasov2016 6spasov2016 7spasov2016 8spasov2016 9spasov2016 10spasov2016 11spasov2016 12spasov2016 13spasov2016 14spasov2016 15

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1