На 07.05.2011 година, по завршувањето на свечената литија (еордија) со иконата и  моштите на св. вмч. Георгиј, во хотелот „Дрим“ во Струга се одржа трибина на тема „Младите и Библијата“. Модератор на трибината беше г-дин Игор Коруноски, а свои излагања имаа г-дин Оливер Димитриески, проф. Петко Златески и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, чие излагање интегрално ви го пренесуваме.

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Христос воскресе!

affiliate link trace | Air Jordan

Драги браќа и сестри,

Да се запознае Бог преку сопствената душа.

Светото Евангелие како свештена книга ни ги открива трајните вредности, а не менливите и времените, и нè води во вечен живот. Затоа и секој еден од нас сакајќи да има успех во своите обврски, во работата, во учењето, во науката и други дисциплини, треба да ја покорува својата волја и да ја усогласува или соединува со волјата Божја. Успех може да има оној кој не се спротивставува на волјата Божја, туку ја чувствува и ја исполнува, односно ја следи. Во Светото Писмо се вели: „А вам и влакната на главата ви се изброени” (Мт. 10, 30) и доколку ние се научиме да ја потчинуваме нашата волја на Божјата волја, тогаш ќе започнеме да разбираме дека нашето делување со љубов во овој свет е должност која со благослов Божји секој треба да ја извршува. Ако така постапуваме со нашето делување, со нашите намери и желби, тогаш и сè што работиме ќе биде направено за полза на нашето тело и на нашата душа. Така учи Светото Писмо.

Човекот е создаден како психофизичко битие и дадена му е можност да се усовршува. Усовршувањето се постигнува преку учење. Сите ние поминуваме преку образовен систем каде изучуваме разни дисциплини кои ни се потребни за животот кој е пред нас. За да биде милоста Божја со нас додека ги изучуваме разните дисциплини, Црквата воспоставила посебни молитви кои се читаат во неа за просветување на умот и срцата на оние што предаваат, како и на оние што учат. Во молитвите се бара помош од Бога, да можеме да ги разбираме науките што ни се предаваат, како и да ја разликуваме вистината од лагата. Исто така, Црквата се моли во учењето да ја разбереме и да ја препознаеме волјата Божја и во сè што нè опкружува во овој свет во кој ние живееме. Тоа е една вистина на која светата Црква го повикува секој еден од нас. Светата црква не само што нè повикува, туку и ни помага со името Божјо и со молитвите кон Господа испросува од Него благослов и Негова помош во совладувањето на дисциплините што ги изучуваме. Но, како што нè учат училиштата и универзитетите, не треба да заборавиме дека и Црквата е училиште на благочестие и на морал за сите нас.

Во Новиот Завет има една парабола за еден човек на кого господарот му простил голем долг, а овој истиот кога го нашол својот пријател кој му должел сосема малку, почнал да го тепа барајќи веднаш да му го врати неговиот долг. И кога овој сиромав човек не можел веднаш да му го врати долгот бил ставен во затвор. Кога слушнал господарот како постапил овој човек со својот другар, наредил и него да го измачуваат сè додека не му го врати долгот (Мт. 18, 24-35). Да си преставиме што би било кога Господ би постапил така со нас заради постојаното нарушување на законите и прописите. А милостивиот Господ сè трпи и го поднесува огромниот наш долг кој сме го натрупале со нашите постапки и неработење преку целиот наш живот.

Црквата нè советува, нè повикува на покајание и бара само малку за возврат во однос на тоа колку сме ние должни кон Господа. Но, ние во најголем дел не внимаваме и не се замислуваме на нејзиниот мајчински повик. Честопати се подготвуваме за читање на Светото Писмо или некоја религиозна книга, но нешто постојано нè оддалечува од таа намера. Честопати си бараме сами оправдување и тоа со најразлични изговори: таков е животот, немаме време или утре ќе го направиме или слично на тоа. Сметам дека ниту мрзливоста, ниту недостатокот на времето и презафатеноста не се причина за тоа што не се приближуваме кон Бога, не го читаме Светото Писмо и не ги исполнуваме заповедите Божји. А тоа е и наш долг: да Му возвратиме на Бога со нашата послушност и смирение. Главната причина се состои во тоа што ние не Го разбираме и не Го љубиме Бога. Не ја разбираме таа голема Божја љубов и долготрпението што го пројавува Господ кон човечкиот род. Едноставно, не го сакаме Бога. Што ќе направиме ние денеска за саканите деца? Ги оставаме сите должности и се обидуваме да им помогнеме. Кога се однесува за наш ближен човек и ни е во интерес, тогаш сите пречки исчезнуваат, и мрзливоста и слабоста на здравјето и недостатокот на време и брзо и решително ги извршуваме сите работи, ги надминуваме сите препреки и ја постигнуваме саканата цел. И затоа кога ние зборуваме за немање на време и други изговори тоа е лага или, пак, нè води кон лага. Наједноставно, ние не го љубиме Бога, иако е тоа наш долг. А тоа сликовито може да се престави како една голема снежна топка која се тркала по снегот и колку повеќе се тркала и станува сè поголема, таа не може да се подигне од земјата. Така и човекот се оддалечува од Бога и од неговите заповеди. Но, Господ и покрај сите наши престапи продолжува да ни проштева, да нè милува, да е долготрпелив кон нас, да е милосрден и нè чека стрпливо да се покаеме.

И така, сè додека ние не ја почувствуваме таа поврзаност, таа нитка на нашата душа со Господа, сè дотогаш ние нема да разбереме дека сме должници пред Бога и дека Господ долго нè трпи. Ние нема да пристапиме кон покајание, кон молитва, кон читање на Словото Божјо и најпосле кон исполнување на Неговите заповеди. Како да го надминеме сето тоа? Господ има речено во Светото Писмо: „Доколку не сте го направиле тоа на еден од овие најмали браќа и Мене не сте Ми го направиле” (Мт 25, 45). Ете што од нас очекува Господ, тоа е патот и можноста преку која ние можеме да го намалиме нашиот долг пред Бога: ако правиме добри дела и со тоа ги исполнуваме заповедите Негови.

Би сакал да напомнам за должноста пред Бога, затоа што ние можеме нашиот долг да го сокриеме пред свештеникот, пред својот другар, од нашите родители, но не можеме да го сокриеме од Господа, зашто Он е срцевидец. Тој ги гледа нашите тајни, нашите внатрешни душевни доживувања, нашите желби и стремежи и ни дава сè што ни е потребно во нашиот живот. Тогаш кога ни е лошо и ништо не ни поаѓа од рака, кога во нашиот дом е ужасно и тагата не се надминува, кога животот ни е растурен и во семејствата има недоразбирања потребно е да размислиме: а со што го  заслужуваме ние милосрдието Божјо? Ние ги гледаме и ги спомнуваме сите непријатности кои нè придружуваат во животот, само не спомнуваме дека ние сме должници на Бога, па испаѓа дека Бог нам ни е должник. Честопати слушаме: ете Бог не ни даде здравје, па како може тогаш да е милосрден и слични такви обвинувања, но наместо да ги упатуваме овие забелешки на себе, па да се корегираме и да се поправиме, ние ги упатуваме кон Бога, а ваквите наши размислувања не се ни малку христијански.

Така, пред да ги изнесуваме нашите барања и да се обидуваме себеси да се оправдаме со најразлични измислени причини, подобро е да бидеме благодарни на Бога за сите добрини што ни ги дал, па да можеме да живееме и да чувствуваме дека сме ние должни пред Бога и да молиме и да испросиме опростување и да им опростиме на оние што нам ни должат помалку, отколку ние што му должиме на Бога. Само тогаш милостивиот Господ ќе нè помилува и ќе ни прости за сè што сме погрешиле. Преку покорувањето на нашата волја на Божјата волја и со нашето смирение можеме да се претставиме како вистински христијани и да добиеме вечен живот за кој нè подготвува светата Црква сега и во сите векови. Амин!
Христос воскресе!

Митрополит Тимотеј


07.05.2011 година, хотел „Дрим“ Струга

tribina2011

tribina2011 2

tribina2011 4

tribina2011 6

tribina2011 8

tribina2011 10

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1