„Да застанеме, браќа, во домот на нашиот Бог и во дворовите Негови, и да ги прославиме Неговите величија и чудеса, зашто е дивен во Своите светии, кои се покоруваат на Неговите заповеди. Со нив и Наум пречудниот се радува“ (песна од канонот на Утрена на преп. Наум Охридски Чудотворец).

 

Празнувањето на преподобниот Наум Охридски продолжи на 03 јули, со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофор Тоди Јован, од Албанската православна црква, игуменот Григориј, свештеникот Владо Недески, еромонасите Наум и Ефросиниј, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач,  а Митрополитот Јосиф се обрати пред неизбројниот верен народ со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.

Running Sneakers Store | Zapatillas de running Nike - Mujer

 

Митрополит Јосиф


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух,


Секој народ во својата историја има личности кои што се од исклучително значење, како за него, така и за сите народи во светот - соседни, но и подалечни.


Секој народ, со гордост се сеќава на таквите личности, верно го чува нивниот спомен, и достојно ги одбележува деновите кои што се посветени за нивниот спомен. Така е и со нашиот народ!


Денес, сме собрани во овој храм, за достојно да го одбележиме споменот на Свети Наум - охридскиот чудотворец, да го одбележиме патронот на секоја христијанска душа во нашата татковина, зашто Свети Наум е нашиот постојан молитвеник пред Бога.


Возљубени во Господа,
Делото и животот на свети Наум Охридски, се длабоко вткаени во духовно-просветниот живот на Македонија. Како основач на монаштвото на нашите простори, тој длабоко го поставил темелот на Христовата вера кај нас.


Свети Наум е од исклучително значење за духовниот живот кај нас, но исто така, неговата просветителска дејност, претставува универзална придобивка за сите словенски народи. Делото на неговите учители, светите браќа Кирил и Методиј го продолжил и надоградил, описменувајќи ги и христијанизирајќи ги словенските народи, со богатата издавачка дејност од манастирот на светите Архангели, кој што сам го изградил на брегот на Охридското езеро. Тој се повлекол далеку од Охрид за тогашни услови, но допрел и до најоддалечените места каде што имало словенски народ, образувајќи му црковници и духовници, препишувајќи и преведувајќи му духовна литература, но, создавајќи и оригинални духовни творби. Неговиот придонес во описменувањето и христијанизирањето на словенските народи продолжува до денешен ден со фактот што и денес неговиот манастир претставува духовен центар, каде што покрај неговиот гроб многу народ наоѓа духовно и телесно исцеление.


Самото повлекување од Охрид и градењето на нов духовен центар од другата страна на езерото има исклучително значење. Бегајќи од светот и повлекувајќи се во тишина, Свети Наум уште повеќе се доближил до душата на секој човек.


Тој, длабоко осознавајќи ја целта за која што сме создадени - да живееме во Христа, да ги оставиме сите земни грижи, не повикува да се уподобуваме на Бога, зашто носиме образ Божји. А се уподобуваме на Христа ако ги пазиме Неговите заповеди и ако го следиме примерот на Божјите угодници. Тоа значи да правиме дела што му се угодни на Бога, духовно да ја надоградуваме Црквата по примерот на свети Наум, бидејќи само во Црквата го наоѓаме спокојот за нашите души.


Така, и во денешното свето Евангелие слушнавме за силата која ги лечи сите болести, таа сила која излегуваше од Христа, денес Бог изобилно ни ја дава преку молитвите на Свети Наум и секој кој со вера се допира до неговиот гроб оздравува, од каква болест и да боледува.


Во Христово време мноштво народ од цела Јудеа и од Ерусалим, од приморјето Тирско и Сидонско доаѓаа при Христа на гората и ја слушнаа проповедта на блаженствата. Така и денес во сите храмови на Македонската Православна Црква, верниот народ ја добива благодатта на Пресветата Троица и се радува и весели бидејќи знае дека го има Свети Наум за свој застапник пред Бога.


Драги браќа и сестри,
Денес кога со љубов го празнуваме споменот на свети Наум Охридскиот чудотворец, него го молиме да биде наш застапник пред Бога, и како вистински столб на верата да го води нашиот народ низ историските премрежја, бидејќи само со Бога можеме да одолееме на сите искушенија кој ни ги носи утрешниот ден.


Да се наоружиме со испоснички подвизи и да се покажеме како прекрасно живеалиште на Светиот Дух. Наоѓајќи се во периодот на петровите пости, да го смириме телото, па така подготвени да го дочекаме нивниот крај, а во нас да се всели Единосуштната Троица.


По молитвите на Светиот Наум Охридскиот чудотворец, Господи Исусе Христе помилуј не! Амин!

 

преп. Наум Охридски

03.07.2016 година

ман. „Св. Наум Охридски“ Охрид

 

svnaumlet2016svnaumlet2016 1svnaumlet2016 2svnaumlet2016 3svnaumlet2016 4svnaumlet2016 5svnaumlet2016 6svnaumlet2016 7svnaumlet2016 8svnaumlet2016 9svnaumlet2016 10svnaumlet2016 11svnaumlet2016 12svnaumlet2016 13svnaumlet2016 14svnaumlet2016 15svnaumlet2016 16svnaumlet2016 17svnaumlet2016 18

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1