На 17.07.2016 година, во Четвртата недела по Педесетница и на празникот на свети Андреј Критски, преп. Андреј Рубљов и преп. Марта, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, еромонахот Доситеј, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески, Владо Недески и Ѓорѓи Балжевски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост. 

Nike Sneakers | Nike Off-White

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

 

Во денешното евангелско четиво слушнавме како Господ Исус Христос го излекувал слугата на римскиот стотник, односно капетан. Овој благороден капетан Го молел Господа Христа да го излекува неговиот слуга којшто бил на смртна постела. Господ Христос му одговорил: „Ќе дојдам и ќе го излекувам" (Мт. 8, 7). Тогаш, капетанот паднал пред нозете Христови и Му рекол: „Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави" (Мт. 8, 8). Неговото поведение зборува за неговата искрена, цврста и непоколеблива вера во Божјата сила на Господа Христа. Не треба да заборавиме дека овој римски капетан е незнабожец. Но, иако незнабожец, имал вера како што немало ниту во избраниот Еврејски народ. Ова го потврдил и Самиот Господ Исус Христос велејќи: „Вистина ви велам: ни во Израилот не најдов толку голема вера" (Мт. 8, 10). Потоа, Господ Христос му вели на капетанот: „Оди си и, како што си поверувал нека ти биде!" (Мт. 8, 13).
Преку ова евангелско четиво ни се покажува дека вистинската вера во Господа Христа прави чуда. Вистинската вера е пријатна на Бога, но, и спасоносна за нас. Ние, кои сме воспитани во православната вера, должни сме истата да ја чуваме како дар Божји. Верата треба да ја затоплуваме и да ја умножуваме. Но самата вера, односно, верата без вистински христијански живот, не е доволна. Потребно е нашата вера да ја направиме делотворна, а преку тоа ќе сведочиме за нашата вистинска права вера.


Какви предности ни дава нашата вистинска православна вера? Оној кој вистински верува во Бога Отецот, Седржителот и Промислителот, тој е убеден дека неговиот живот се добива од Бога и секогаш е во рацете Божји. Убеден е дека сè што добива, го добива од Бога и во Него ја полага сета своја надеж. Кој верува во Бога тој е убеден дека каде и да се наоѓа, и што и да работи, сето тоа го прави пред очите на Оној Кој сè гледа, Сезнајниот и Секадеприсутниот. Бог ги знае сите наши помисли. Таквиот човек, во својот живот се труди да не Го ожалостува величието Божјо и Неговата светост. Секогаш ја заштитува својата душа со страв Божји. Не се одлучува да постапува против совеста и против законот Божји, и покрај тоа што, можеби, го загрозуваат неговиот живот и предизвикуваат разни искушенија и страдања.


Оној кој верува во Синот Божји, Кој се воплоти заради нас и нашето спасение, и кој верува дека нашите гревови се простуваат преку крстната смрт на Искупителот, тој се труди и се плаши да не прави смртни гревови. Напротив, Го сака Бога и се труди да води праведен живот, живот кој е во согласност со Неговата, односно Божјата волја.


Оној кој верува во Светиот Дух, Животворниот Господ, тој ќе избегнува секаква скверност. Ќе ги пази зборовите на светиот апостол Павле: „Не знаете ли вие дека сте храм Божји, и Духот Божји живее во вас? Ако некој го разори Божјиот храм, него Бог ќе го разори; зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие" (1. Кор. 3, 16-17).


Оној кој верува во една, света, соборна и апостолска Црква, тој и се покорува во сè и го живее својот живот слушајќи ги црковните заповеди и совети и ја почитува црковната ерархија и сè што се проповеда и учи во Црквата. Оној којшто верува во вечен живот, тој живее на земјата подготвувајќи се за небесниот живот. Ги ползува земните блага, но, ги умножува своите духовни ризници.


Господ Исус Христос ја пофалил верата на капетанот и истата ја наградил. Со еден збор го излекувал неговиот слуга. Да Му бидеме благодарни на Господа што ни го даде дарот спасителен, односно дарот на верата, а преку неа и неизбројни благосостојби. Според нашата вера и денес, како во старите времиња, Господ прави чуда. Прави чуда кај оние што веруваат, а според нивната вера чудодејствува и кај другите луѓе.


Драги браќа и сестри, да се држиме цврсто и непоколебливо во нашата вера во Господа Исуса Христа. Да се трудиме да живееме според нашата вера достојно и праведно, за да можеме да ги слушнеме зборовите на Спасителот оди си и, како што си поверувал, нека ти биде. Амин!

 

4. недела по Педесетница
17.07.2016 год.
Храм „Успение на Пресвета Богородица" – Каменско, Охрид

 

nedela1707nedela1707 1nedela1707 2nedela1707 3nedela1707 4nedela1707 5nedela1707 6

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1