На 28.05.2011 година го прославивме споменот на св. Ахил епископ Лариски, чии мошти во времето на цар Самоил почивале на островот Голем Град во Преспанското Езеро. На овој ден беше осветен новиот храм посветен на светите апостоли Петар и Павле во селото Велгошти, Охрид. Изградбата на овој храм беше почната во 2008 година по иницијатива на веќе починатиот верник Петар Николиќ, а со Божја помош се заврши оваа година. Беше отслужена и света архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на свештениците Никола Кипријанов и Игор Никовски и ѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Митрополитот Тимотеј се обрати кон присутните верници со пригодна беседа која во целост ви ја пренесуваме. Пред верниот народ се обрати и г-дин Илче Буџакоски, член на црковниот одбор, кој се заблагодари на сите што допринесоа за изградбата на овој храм.

Best jordan Sneakers | Air Jordan XXX1 31 Colors, Release Dates, Photos , Gov

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Христос воскресе!

Драги браќа и сестри!

Денеска се собравме во овој свет храм за да го осветиме и овој чин сам по себе претставува големо духовно торжество. Но, тоа можат да го почувствуваат само луѓе кои сета своја надеж и сета своја доверба не ја темелат на вредностите од овој свет кои се суетни, бидејќи во Светото писмо е речено: „Не надевајте се на кнезовите и на синовите човечки, во нив нема спасение“ (Псалм 145,3). Историјата на нашиот народ ни покажува дека не е потребно надежта да ја полагаме на луѓе од овој свет. Тие се менлива категорија, поминуваат, заминуваат, го менуваат својот образ и лик, се обединуваат, се разделуваат, се престројуваат од една крајност кон друга, ги менуваат своите политички убедувања и верски определби, а сето тоа го прават за да се стекнат со некои добивки, а во име на доброто за човечкиот род и својот народ. Па така, имаме од крути комунисти и социјалисти, па сè до големи ортодоксни верници и обратно. Но, сето тоа е лага. Ние сите тоа го знаеме, го гледаме, го памтиме, па дури и денеска тоа се чувствува во нашиот живот. Затоа потребно е, а и наша должност е да имаме силна и непоколеблива вера и надеж во едно, во едно кое нема да нè предаде, а тоа е Црквата Христова и Господ Исус Христос.

Често пати се случува во животот на човекот никој да не може да му помогне и никој со ништо да не може да ги отстрани душевните маки, измачувања и преживувања. Само во молитвата кон Господа и со срдечна молитва кон Мајката Божја и кон Божјите угодници човекот чувствува духовно затоплување кое се разлева во целото битие.  Тој чувствува утеха, која му помага да ги надмине овие духовни состојби. А ако таквите духовни состојби потраат, тие неопходно би го одвеле во очајание и во длабоки болки. Зар сите ние не можеме тоа да го посведочиме за нас, за делотворноста на нашата вера и надежта во Господа?

Ние живеевме, а и сè уште живееме во општество кое се декларира дека се ослободило од Бога. Се декларира дека ќе создаде свој свет и нов поредок. Навистина, секаде, па и кај нас многу е направено во науката, во техниката, во образованието, како и во многу други области. Но, истовремено да се запрашаме зошто се развиваат и умножуваат наркоманијата, алкохолизмот и другите девијантни појави во нашите градови, како големите, така и малите, па дури и во нашите села? Зошто расте бројот на криминалот? Високите облакодери и разните раскошни станови и градби не ги решаваат сите овие духовни празнини кај луѓето кои се присутни на секој чекор и секаде низ целата земја.

Си го поставуваме прашањето зошто сето тоа ни се случува? Затоа што изминатите години и децении ние се обидувавме да направиме свој свет, но без Бога. Ние, како и други народи и држави, постигнавме многу во повеќе науки и техники. Човекот се искачи во космосот и го совладува и полни со разни ракети и летала. Некои силни држави се трудат да го пробијат и озонот и со нивните раце да го чепнат, како и други слични постигнувања. Но, што сè не постигнаа?  Летото доаѓа кај нас, а ги немаме топлите денови, додека, пак, на други делови од светот има невидени поплави. Ледените санти се топат, што никогаш не би се случило ако човекот не чепка во Божјата природа. Многу катастрофи му се случуваат на човештвото. Сето тоа ни се случува за да нè опомене да се замислиме малку и да не ја префрламе сета вина на државниот врв, на научниците и на другите раководни луѓе. Не, сите ние сме виновни и одговорни. Ние го исфрламе ѓубрето на улица или покрај патиштата со уверување дека никој не нè видел и со тоа сè се завршува. Но, гледајте, природата сè гледа и страда и ако сега тоа не го покаже, ќе го покаже во друго време и пред друга генерација.

Како сè што има свој развиток, така и нашиот стандард постапно се развиваше и имаше свои мерки. Едно време беше во мода секој дом да има теписи, па потоа кристали и уште какви не модерни сервиси, стилски мебел итн. И сите ние се обидувавме да го купиме и да го подобриме нашиот стандард и да биде попријатен и поудобен. Но, духовната жед не може да се угаси со сите овие придобивки. Оваа жед може да ја угаси единствено Изворот кој дава живот, а за таков Извор се јавува само Бог. Доколку човек пристапува кон тој Извор, кон Бога, тогаш може да се надева и да прими вистинска духовна утеха.

Градбата на црквите под своите сводови ги повикува луѓето духовно да ги утеши, да им го просвети умот и да им ги покаже вечните вредности, да го потсети човекот на неговото вистинско назначение. Тоа е цел и задача на храмот Божји. Тоа е како мерка. Имаме мерка за тежина, тоа е килограм или мерка за должина е метро. Но, за мерката на човековата душа се јавува храмот Божји - Црквата Христова, заповедите Евангелски и зборот на Евангелската проповед кој му укажува на човекот кога е тој во право, или, пак, кога не е во право. И вистинскиот верник е должен да го исправи својот живот според таа мерка, а тогаш и светот и околината во која што живее ќе постанат мерило и мерка на однесување. Храмот не е заради здравите, туку заради болните и заради оние кои страдаат, немоќните со духот, кои ќе ја почувствуваат таа потреба - тие ја отвораат својата душа пред Бога, ја очистуваат и на крајот на краиштата во различни периоди од својот живот да се упатат на правилниот и праведниот пат на кој ни укажува нашиот Господ Исус Христос.

Денеска ние се наоѓаме и се собравме во овој свет храм каде имаме можност да се видиме себеси однатре и со помош Божја да ги излекуваме нашите недостатоци и да примиме надеж за нов живот, живот во Христа и Неговиот благослов нека престојува во сите дни од нашиот живот. По молитвите на светите апостоли Петар и Павел, на кого е посветен овој храм така нека биде. Амин!

Митрополит Тимотеј

св. Ахил Лариски
28.05.2011 година,храм „Св. Петар и Павле“с. Велгошти, Охрид

svahil2011

svahil2011 2

svahil2011 4

svahil2011 6

svahil2011 8

svahil2011 10

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1