„Радувај се, свештени уме, чисто живеалиште на Света Троица, црковен столбу, тврдино на верните, помош на поразените, ѕвездо која со твоите од Бога примени молитви постојано ги разоруваш опасностите и мракот на болките, светителу Николае; тивко пристаниште во кое се спасуваат оние што ги носи животната бура: Моли Го Христа, да им даде на душите наши милост голема“ (стиховна стихира на Вечерна на свети Николај Мирликиски Чудотворец).

 

На 19.12.2016 година, денот кога го прославуваме споменот на великиот равнител за верата и правилото на кротоста, светиот Николај Мирликиски Чудотворец, во храмот „Св. Никола Геракомија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Партениј, протоерејот Никола Христоски, свештеникот Љупчо Симиџиески, еромонахот Доситеј, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати пред многубројниот верен народ со пригодна беседа, која во продолжение во целост ви ја пренесуваме. По Литургијата, во резиденцијата на Митрополитот Тимотеј, а по повод куќната слава на Митрополитот, беше прекршен празничниот колач. Од името на свештенството и монаштвото од нашата епархија, како и од сиот верен народ, му ја честитаме славата на Митрополитот Тимотеј, со желби и молитви уште многу години да го прославува светиот Николај, а тој да му дава сила и мудрост на нашиот духовен пастир да нѐ води на патот кон спасението. На многаја лета!

jordan Sneakers | Women's Nike nike roshe heart and sole shoes for women Shadow trainers - Latest Releases , Ietp

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Светиот апостол Павле, пишувајќи го своето послание до Евреите, им советува: „Помнете ги и вашите наставници, што ви го проповедаа словото Божјо, и, имајќи го пред очи крајот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна" (Евр. 13, 7). Овие зборови не се однесуваат само на Евреите, до кои е испратено посланието, туку тие се однесуваат на сиот христијански род. Учители се оние кои го проповедале словото Божјо, кои имале силна и непоколеблива вера, а таа вера, пак, ја посведочиле со крајот на нивниот живот. Затоа, тие биле моќни и испросиле благодат Божја, за да бидат проникливи и убедителни во срцата и душите кај своите слушатели. Само човек кој има силна и непоколеблива вера во она што го проповеда, има сила и енергија неговиот збор да проникнува во севкупниот човечки живот. Тој е како еден силен источник, односно извор, полн со жива проточна вода, кој блика со полнота и чистота. Таков е животот на луѓето коишто имаат жива и дејствителна вера во Господа Исуса Христа. Затоа, нив, и Самиот Господ Исус Христос ги нарекува: „Вие сте солта на земјата... Вие сте светлината на светот" (Мт. 5, 13-14).


Ако човекот зборува според својот ум, па колку и да е красноречив и мудри мисли да искажува, тој тешко може и самиот себеси да се увери во тоа што го зборува, а уште помалку, пак, да биде убедителен на оние, на кои тоа им го зборува. Само човек со силна вера во Бога, и човек што таа вера ја живее, може да биде така силен и таква сила да поседува. И таа вера што ја проповеда, ќе биде животворна кај оние што ја слушаат. Големиот православен класичар и писател Достоевски, откако ќе напишел свое дело го носел кај својот духовник во Оптинската пустина, кај игуменот Амвросиј, барајќи негово мислење како го оценува тоа дело овој голем подвижник и созрцател на Божјата љубов на Господа Исуса Христа. Преподобниот Амвросиј му одговарал: „Кога ги опишуваш ликовите на грешните луѓе, тој опис е идеален, но, кога ги опишуваш ликовите на праведните, тој опис е нецелосен". Истото се случува со говорот на проповедникот.


Денеска, ние прославуваме еден од Божјите угодници, светиот Никола, Мирликијскиот Чудотворец. Тој, со својот живот, не бил само поддржувач и сејач на словото Божјо, туку го живеел во практичниот и секојдневен живот Евангелието и заповедите на Господа Исуса Христа. Тој за свој наставник и за свој учител нема големи овоземни проповедници и учители, туку, како пример и образец Го има Самиот Господ Исус Христос. А Сам Господ Христос вели: „Синот Човечки не дојде да Му служат, туку, дојде да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина" (Мт. 20, 28). Господ Христос дава заповед да бидеме совршени како што е совршен нашиот Отец Небесен. Овие зборови св. Никола ќе ги прими како своја цел и како своја задача, односно, да се уподоби на Христовата вистина и севкупниот свој живот го подредува кон таа цел. Затоа, тој постанува столб на Црквата, на вистината, на правдата, поткрепа на сираците, вдовиците, сиромасите, затворениците и на секоја христијанска душа којашто има потреба од помош.


Св. Никола не им помагал само на материјално загрозените луѓе, за коешто знаеме од неговото житие. Знаеме дека бил многу штедар кон сите свои верници коишто имале потреба од материјални добра. Но, св. Никола се трудел и бил од помош и на луѓето кои имале душевни потреби и измачувања. На оние кои паднале со духот, разочараните, искушуваните, на оние со проблеми од секаков вид кои ги распарувале душите на луѓето. Им притекнувал со совет, со утеха и со духовна поткрепа. Затоа, пак, Бог го обдарил со духовна благодат, и таа негова силна и непоколеблива вера го прославува како голем Божји угодник и помошник на сите луѓе кои со вера и со побожност бараат од него поткрепа и утеха.


Иако се поминати XVII векови, неговото име се прославува и величи кај сите христијански народи. Нема светител кај нашиот народ, кој може да се спореди со прославување и величање со св. Никола. Половина од нашето население го чествува како домашен заштитник, покровител и патрон. Затоа, тој постанува правило на верата и образ на кротоста, како што пееме во неговиот тропар.


И ние денеска, прославувајќи го неговиот свет спомен, да се потсетиме на нашиот учител св. Никола, па неговата вера и неговата кротост да бидат пример за нас. И истите не да ги следиме само со збор, туку и во животот. Па така, св. Никола да ни биде покровител и заштитник. Та да можеме сите животни бури и искушенија да ги пребродуваме и да Му угодиме на Бога, а преку тоа да здобиеме вечен и блажен живот. Амин!

 

Св. Никола Мирликијски
19. 12. 2016 год.
Храм „Св. Никола Геракомија" - Охрид

 

svnikola2016 1svnikola2016 2svnikola2016 3svnikola2016 4svnikola2016 5svnikola2016 6svnikola2016 7svnikola2016 8svnikola2016 9svnikola2016 10svnikola2016 11svnikola2016 12svnikola2016 13svnikola2016 14svnikola2016 15ш

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1